Пендаровски бара брза и темелна истрага, нема индикации дека пожарот е подметнат | Северна Македонија | DW | 09.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пендаровски бара брза и темелна истрага, нема индикации дека пожарот е подметнат

Претседателот најави дека ќе побара морална одговорност за несреќата во која загинаа 14 лица.

По пожарот во ковид-центарот во Тетово, во која загинаа 14 лица, а повеќемина се повредени, расте притисокот во јавноста која бара одговори, но и одговорност за трагедијата. Претседателот Стево Пендаровски денеска од Тетово порача дека ќе побара морална одговорност, но откако ќе заврши истрагата. Тој побара брза и темелна истрага, за да нема сомнеж во нејзините резултати.  

„Ќе барам и морална одговорност, но нека поминат неколку дена. Сѐ уште е рано, не поминале ниту 24 часа од пожарот. Во овој момент не знам дали постои основ за таква одговорност. Она што го знам е дека во што побрз период треба да се излезе со истрага и извештај, за да нема сомнеж дека некој нешто прикрива и не сака да истражи“, изјави Пендаровски. 

Нема индиции дека е подметнат

Според шефот на државата, во моментот нема индиции дека пожарот во тетовската модуларна болница е подметнат. На оваа тема тој изутринава разговарал и со словенечкиот претседател, Борут Пахор. „Бидејќи имаше и такви шпекулации и словенечкиот претседател, Пахор, утрово ме праша исто... Има шпекулации дека е можеби подметнато, дека има врска со 30 години независност, дека има некакви конспирации... До овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно со цел да се постигне некоја политичка цел“, рече Пендаровски.

Nordmazedonien Brand in einem Krankenhaus in der Stadt Tetovo

Истрага по пожарот во ковид центарот во Тетово

Тој очекува од јавниот обвинител да го заврши извештајот барем за пет дена. „ Не смееме да дозволиме истрагата да трае со месеци. Потребен е брз и темелен одговор без паузи во истрагата. Државата барем сега не смее да падне на овој испит, вчера славевме 30 години независност, треба да покажеме дека ја заслужуваме таа државност со сите нишани“, вели Пендаровски. 

Истрага и странска експертиза

За истрагата за причините за пожарот ќе се бара и странска експертиза. Владата донесе одлука да ја прифати понудата на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид-центар во болницата во Тетово.

Пендаровски вели дека ова е негов предлог, којшто е прифатен од страна на Владата. Овие стручњаци ќе бидат испратени од најмоќните земји од Европа кои имаат стручна експертиза, а треба да пристигнат во наредните 48 часа.

По информациите дека модуларната болница во Тетово се соочувала со одредени проблеми уште од нејзиното отворање, а во медиумите се појавија сведочења на очевидци за наводни проблеми со струјата, од Министерството за здравство излезе со тврдење дека поставувањето на модуларните болници во државата се вршело на унифициран начин за сите 19 објекти, по строго утврдена процедура, со строги критериуми во однос на поставувањето и примопредавањето.

Nordmazedonien Brand im Krankenhaus in Tetovo

Надлежните тврдат дека модуларните болници биле изградени според сите стандарди

Се огласи и компанијата „Брако“, којашто беше задолжена за поставувањето на модуларните болници. „Оној дел од работите кои беа наша одговорност при изградбата се реализирани согласно сите најсовремени стандарди за безбедност и квалитет. Пред техничкиот прием, сите позиции на работа кои беа наша обврска се тестирани и проверени, за што е доказ уредниот технички прием на објектот, кој е потоа предаден во употреба, а согласно ригорозните стандарди на Светската банка како финансиер на проектот, а преку Проектната единица при Министерството за труд и социјална политика“, објаснуваат од компанијата.

Според нив, забелешките кои се појавиле при техничкиот прием, биле во најголем дел од естетска природа, и никако не можат да се поврзат со несреќата. „Уредно беа отстранети во зададениот рок пред пуштање на болницата во употреба. Повикуваме целокупната документација за техничкиот прием да биде објавена од страна на надлежните институции. Нашата компанија ги повикува сите истражни органи, што побрзо да ги расчистат сите околности околу овој трагичен настан, и да излезат со детали од истрагата“, се вели во соопштението.

Гледај видео 01:10

Ковид-центарот во Тетово по катастрофалниот пожар