Тетовската модуларна болница имала проблеми уште при отворањето | Северна Македонија | DW | 09.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Тетовската модуларна болница имала проблеми уште при отворањето

Додека форензичарите и обвинителите ги истражуваат причините за трагедијата во Тетово која однесе многу човечки животи, се отвораат прашања и за многу нешта кои се случуваа во болницата во последниот период.

Наводни грешки при изградбата на модуларната болница и оштетување на системот за централен довод на кислород. Од 15 април годинава, кога беше пуштена во употреба, до катастрофалниот пожар на 8 септември, кој однесе човечки животи, ковид-центарот во тетовската болница на двапати се најде во фокусот на јавноста. 

Најпрво, на денот на отворањето на модуларната болница, економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми информираше дека се утврдени грешки при изградбата. Тој тогаш побара од фирмата изведувач да ги отстрани пропустите, иако претходниот ден имало примопредавање на објектот од страна на фирмата изведувач, Министерството за здравство и Клиничката болница. 

Грешките биле мали и требало да се санираат во рок од пет дена. 

„Забелешките се однесуваат на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградба на модуларната болница. Струја и вода има. За системот за кислород сме во контакт со фирмата од каде ни рекоа дека за два-три дена може да се постави. Ако не излезат други проблеми, наредна недела се надеваме дека ќе се пушти во употреба“, изјави Етеми пред неполни пет месеци. 

Nordmazedonien Feuer im Krankenhaus in Tetovo

Пожарникарите не успеаја да го спречат пожарот во модуларната болница во Тетово

Во модуларната болница беа обезбедени места за 35 пациенти.
Во моментот на трагедијата во средата, во неа биле сместени вкупно 24 пациенти.

Пресечени цевки 

Следниот инцидент се случи на 23 август, а беше пријавен од вработените во тетовската болница кои увиделе дека има оштетување на системот за централен довод на кислород низ објектите. За среќа, тогаш немаше последици по пациентите. Оштетени биле две споредни цевки кои носат кислород од централниот систем до првиот објект ургентно-дијагностичкиот центар, додека снабдувањето до Ковид-одделенијата одело непречено преку главната цевка. 

„Изгледа имавме среќа сите 125 пациенти што ги имавме ги спасивме, бидејќи да имаше оштетување на главната цевка тоа ќе беше катастрофа и не би сакал да предвидам што би можело да се случи и што би можеле ние да направиме во тие моменти“, изјави д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид центарот на Клиничката болница. 

Nordmazedonien Feuer im Krankenhaus in Tetovo

Експертите треба да утврдат како дошло до пожарот во болницата

„Со употреба на физичка сила биле оштетени две бакарни цевки со различна големина, односно капацитет. Едната цевка за компримиран воздух била скината, а втората  за азотен оксидол била свиткана“, информираше портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифоски. 

Една недела подоцна полицијата уапси 42-годишно лице од селото Желино како осомничен за оштетување на цевките во болницата. Нема информации за мотивот на осомничениот. 

По трагедијата во болницата на 8 септември, сѐ уште е рано да се каже дали проблемите утврдени при отворањето на болницата или инцидентот со уништените цевки на кој било начин придонесле за катастрофалниот пожар. 

Тендерот за изградба на 17 модуларни болници во земјава, меѓу нив и тетовската, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра. 

 

DW.COM