Теророт во Европа и економските последици | Економија | DW | 03.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Теророт во Европа и економските последици

Краткорочните последици по угостителството и туризмот по терористичките напади се нормализираат релативно бргу. Компаниите меѓутоа последиците ги чувствуваат многу подолго.

Париз, Брисел, Ница и Ансбах. Теророт сѐ почесто ја погодува Европа. Луѓето тагуваат по жртвите, стравот и несигурноста се прошируваат. Во сфаќањата на Германците, стравот од терористички напади е поголем од оној од болест или проблеми со пари. Според една актуелна анкета, 55 насто од Германците се плашат да не се разболат, повеќе од две третини имаат страв од финансиски штети како поседица на финансиската криза. Отприлика истотолку Германци се загрижени поради големиот број бегалци во земјата. Но со преку 70 проценти стравот од тероризам, меѓутоа се наоѓа на првото место.

Што прави стравот со луѓето? Како се постојаната закана се одразува врз општеството и врз економијата? Психологот Петер Валшбургер ги истражува последиците од терористичките напади: „ Не може да се предвиди, дали ќе ме погоди и мене самиот. Тоа не се некакви предвидливи нешта, тоа така да се каже може да го погоди секого од нас Тоа не може да се контролира, или изгледа како да не може да се контролира“, вели професорот Валшбургер од Институтот за биопсихологија на Слободниот универзитет во Берлин. Тој повикувајќи се на сознанијата од психолошките истражувања на стресот и траумата вели дека токму тоа е најлошото што некому може да се случи.

Парализа на претприемачкиот дух

Непосредно по исламистичките терористички напади во Париз во ноември минатата година прометот на гостилниците опаднал за околу 40 проценти. Кон губитниците припаѓаше и туризмот. Во првите недели по нападите сторнирани беа речиси една четвртина од патувањата во Париз. Овие краткорочни последици од тероризмот најчесто се нормализираат релативно бргу. Претпријатијата меѓутоа последиците ги чувствуваат многу подолго. Според психологот Валшбургер и на психолошко ниво настанува еден вид парализа на претприемачкиот дух: „За многу претприемачи станува сѐ поризично да инвестираат во средина, во која не се знае што ќе се случи наредниот ден. Значи непредвидливост наместо предвидливи услови“.

Во Европа веќе еднаш имаше бројни терористички напади и тоа во 70-те и во 80-те години од минатиот век. Во Германија левичарската екстремистичка група- Фракција на Црвената армија или накратко РАФ поставуваше бомби и киднапираше менаџери на компании. Во Шпанија баскиската сепаратистичка и терористичка организација ЕТА извршуваше напади, во Северна Ирска терористичката Ирска републиканска армија (ИРА), пак извршуваше политички мотивирани злосторства. Но сето ова остана регионално ограничено.

Трошоците за борба против теророт како втор данок

Наспроти тоа теророт на Исламска држава може да го погоди секого, насекаде. Како последица на тоа погодените земји вложуваат сѐ повеќе пари во безбедноста. Долгорочно тоа се одразува практично како втор данок. Трошоците за посеопфатни безбедносни контроли на железничките станици или на аеродромите ја зголемуваат цената на билетите. Растечките контроли на границите ги отежнуваат патниот сообраќај и трговијата.

За првпат во светот трошоците за последиците од теророт значително пораснаа по нападите врз САД на 11 септември 2001 година. Во нив се вбројуваат на пример издатоците за реорганизација како и за зајакнување на полицијата и на војската. Во моментов тие трошоци повторно се вратија на ниво од околу 50 милијарди американски долари. Професорот Петер Валшбергер предупредува дека реакцијата на теророт не смее да биде еднакво насилна: „ Ја имаме нашата култура и нашата економија затоа што сме кооперативни суштества, тоа е нашето најсилно оружје. Не смееме да дозволиме да ни биде одземено тоа од страна на некои погрешно заведени и психички пореметени или од луѓе претходно трауматизирани од некакви општествени услови, кои во поединелни случаи извршуваат огромен терор. На овој терор не смееме да реагираме со контра-насилство или со чисто дефанзивна стратегија“, порачува овој психолог.

За тоа се потребни решенија: од политиката, од стопанството но и од самите луѓе, зашто тие мора да полагаат на заедништво.

Реклама