Тереза Меј - збогување со солзи | Свет | DW | 25.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Тереза Меј - збогување со солзи

Тереза Меј призна – не може да го реализира ветениот Брегзит и затоа се повлекува. Но, и за нејзиниот наследник Брегзитот ќе биде исто така невозможен, смета Барбара Везел.

На крајот на најавата за оставка пред Даунинг стрит, на британската премиерка Тереза Меј ѝ откажа гласот, совладана од емоции мораше да побегне во куќата. Ова збогување со солзи ќе остане во сеќавање како симбол на еден неуспешен мандат. Меј започна со големи надежи, кои во текот на трите години се изронија. На крајот на нејзината влада ѝ остана само една тема- Брегзит. Никакви други планови, напредоци, законски предлози, целата политика се вртеше околу Брегзит, нејзината влада и парламентот станаа парализирани и затруени од расцепувачката сила на излезот од ЕУ.

Речиси сѐ погрешно направено

За премиерката ова е горчливо збогување, таа мора да прифати дека не остави зад себе никакво политичко наследство. За нејзиното име не се врзува успех, туку сѐ поочајни обиди на некаков начин да го протурка својот договор за Брегзит во парламентот. На крајот се обиде и со компромиси, но одамна беше предоцна, немаше поддршка ни во својата партија, како и никаква веродостојност кај опозицијата.

Тереза Меј беше погрешна жена на погрешно место,  што се покажа релативно брзо по доаѓањето на функцијата. Таа повлече црвени линии и побара тврди услови уште на почетокот на преговорите, наместо да биде флексибилна. Прво категорично одбиваше царинска унија и останување на внатрешниот пазар на ЕУ. Самата го создаде проблемот со ирската граница, кој на крај се покажа како најголема пречка за нејзиниот дил.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*

Барбара Везел

Немсто да сондира каде може да се добие мнозинство во Долниот дом, се подреди на желбите на тврдолинијашите во нејзината Конзервативна партија. Тоа ги направи компромисите со опозицијата невозможни и и преговорите со Брисел непотребно тешки. И на крајот истите тие хардлајнери на кои сакаше да им биде по волја, ја извисија Тереза Меј. А можеше да учи од искуствата на своите претходници- британските конзервативци се змиско гнездо.

Заминувањето на Меј ништо не решава

Изгледа злобно во политичкиот некролог на Тереза Меј уште еднаш да ѝ се набројуваат сите нејзини грешки: нејзината тврдоглавост, непоправливост, политичката самоволја. Не треба да се удира по оној кој веќе е паднат на земја. Но, нејзиниот наследник сега ќе треба да се бори со истите проблеми, кои предизвикаа пад на Меј. Освен ако не се променат темелните позиции-каков вид на Брегзит е спремен Лондон да прифати. Останување во царинската унија на ЕУ на пример може да реши дел проблеми. Но, тоа не може да се очекува ако наследник стане закоравен брегзитер. На пример Борис Џонсон.

Зашто, односите на политичките сили во парламентот остануваат и натаму исти, хардлајнерите немаат мнозинство и Џонсон не е човек кој би ја обединил раскараната партија. Неговите и соништата за Брегзит на неговите пријатели се и натаму неостварливи.

Брисел за Џонсон, исто како и за Меј, нема да се откаже од своите сопствени интереси. Резимето по најавената оставка на Меј значи гласи: ништо не се промени. 

Земјата останува поделена

Нов партиски шеф со име Борис Џонсон или друг од редот на убедените брегзитери освен тоа нема да ги залечи раните и да ги затрупа јазовите кои ги остави огорчената борба за Брегзит во земјата. Британците имаа долга традиција и длабоките разлики да ги покриваат со превезот на конвенции и учтивост. Но, оваа способност е речиси загубена. На двете страни на јазот Брегзит одекнуваат само навреди, пцовки, кавгите се поотровни и пожестоки од било кога. Длабоко се разединети семејства и пријатели, се разијдуваат. Сето тоа поради апсурдната идеја да се искорне Велика Британија од ЕУ сеедно по која цена.

Наследникот на Меј е исправен пред речиси невозможна задача. Ако тоа биде Борис Џонсон, тешко дека ќе биде дораснат за неа. Напротив, ќе ја втурне земјата во тврд Брегзит, сѐ ќе биде уште полошо. И по заминувањето на Тереза Меј на политичкото небо нема искра надеж на повидок. А сепак на британските соседи би им посакале подобра порака од оваа.

DW.COM

Реклама