Теорија на заговор: КјуАнон во подем | Свет | DW | 29.09.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Теорија на заговор: КјуАнон во подем

Тајна елита киднапира деца и сака да ја преземе власта во светот - митот настанат во САД, сега се шири и во Велика Британија и Германија.

И на најновите корона протести во Лондон повторно учествуваат приврзаниците на КјуАнон митот за заговор. Минатата сабота се собраа илјада лица на Трафалгар Сквер за да протестираат против мерките на владата за сузбивање на коронавирусот. 

Скандираа меѓу другото „изберете страна” и држеа плакати на кои стои „слобода наместо страв” и „сопрете ја трговијата со деца”. Последниот слоган е јасна индиција за КјуАнон. Според движењето настанато на интернет, меѓународна педофилна елита киднапира и злоставува деца за да добие од нивната крв дрога за подмладување.

Меѓу другото така таа елита на која наводно ѝ припаѓаат и Хилари Клинтон и Џорџ Сорос, се обидува да ја преземе власта врз светот. Според митот, тие предводат тајна влада наречена „Дип стејт” која зад кулисите ја води политиката на САД и на целиот свет. На другата, „добрата” страна стоел претседателот Трамп кој се зафатил со борбата против „Дип стејт”. 

Во друштво со стара-десница, граѓани на Третиот Рајх и езотеричари 

Толку за централните тврдења од КјуАнон, но тие постојано се надградуваат и се поклопуваат често со антисемитски теории на заговор. Јакоб Гул од Лондонскиот институт за стратешки дијалог појаснува: „ КјуАнон е тофу на онлајн движењето, може да погоди различни вкусови во зависност од тоа со што ќе го помешате.” 

Повеќе:

Врвен германски виролог ги побива теориите на заговор за короната

Што им прави корона-кризата на Германците?

Берлин: Полицијата ги прекина демонстрациите на корона-негаторите

Најнов пример е поврзувањето на КјуАнон со убедувањето дека корона мерките се претерани или дека вирусот е само измислица за да се манипулира населението преку вакцината. Тоа во разни земји беше јасно видливо на анти-корона протестите каде покрај противниците на вакцинација, езотеричари, десничари се најдоа и приврзаници на КјуАнон заверата.  

Светската корона криза според нова студија на ИСД на митот КјуАнон му дала значаен поттик. Од март до јуни годинава на Твитер, Фејсбук и Инстаграм имало толку објави поврзани со КјуАнон колку што немало во ниеден референтен период претходно од појавувањето на митот во 2017. Притоа игра улога и ширењето на други места, а не само во САД, земјата во која беше создаден митот за заговорот. 

Infografik QAnon bezogene Tweets DE

Држави со најголем број твитови за КјуАнон

Британците на второ место по споделување КјуАнон-содржини

Гул објаснува: „Иако големото мнозинство содржини и натаму потекнуваат од САД, меѓународната димензија расте. Неодамна Велика Британија беше втора на списокот земји од која се споделувани најмногу КјуАнон содржини и најмногу референтни хаштази." 

Потоа следуваат Канада, Австралија и на петто место Германија - што е зачудувачки како што вели истражувачот на екстремизам, „бидејќи КјуАнон е сепак многу фокусиран на САД и освен тоа на англиски. Има шпекулации дека големата распространетост во Германија во споредба со други не-англофонски земји се должи на фактот дека во Германија има веќе добро обучена сцена на теоретичари на заговор и движења како граѓаните на Третиот Рајх, кои лесно може да се закачат и на КјуАнон теоријата” 

Во корона пандемијата КјуАнон си најде популарни приврзаници во ликот на пејачот Ксавиер Наиду и познатиот готвач Атила Хилдман кои ги шират тезите меѓу своите обожувачи. Гул оценува дека „тврдото јадро на тие што веруваат” во Германија изнесува неколку стотици илјади. 

Секако значително поголема група е барем подложна на приказните за КјуАнон и има чуено одредени елементи од теоријата за заговорот.

 „Кју”, наводниот соработник на тајните служби 

Во октомври 2017 анонимен корисник под името “Кју” ја објави теоријата за заговор на интернет платформата Форчен. Притоа го прошири митот „Пицагејт” настанат за време на американската предизборна кампања во 2016 според кој во пицерија во Вашингтон дејствувала група за детска порнографија во која била вмешана и Хилари Клинтон - инаку тврдењето за кое нема ниту еден единствен факт, неодамна беше декларирано за веродостојно и од британскиот пејач Роби Вилијамс. Кју своевремено тврдел дека како соработник на тајните служби имал инсајдер информации и дека Клинтон наскоро ќе биде уапсена. Тоа не се случи, но сепак неговите објави наидуваа на сѐ поголем број приврзаници. Од тогаш тезите на Кју само се шират на форуми, групи, видеа на Телеграм, Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб.

Verschwörungsmythos QAnon | Hillary Clinton und Donald Trump

За оние кои се поддржувачи на КјуАнон, Хилари Клинтон е „лошата„, а Трамп е „добриот’

Опојното чувство да се биде составен дел

Наративот на КјуАнон се надоврзува на тоа што е локално релевантно. КјуАнон функционира како „вид мета-теорија на заговор”, која во себе интегрира и други аспекти, вели Гул.

Тоа во Германија може да бидат ставовите на граѓаните на Третиот Рајх, во Велика Британија на заговорниците на Брегзит. Па така на протестите за истапување од ЕУ се појавија и приврзаници на КјуАнон, а некои од нив во Борис Џонсон гледаат сојузник на спасителот на светот Трамп.

Можноста КјуАнон да се развива натаму и да се додаваат наводни делови од сложувалката, интернет експертот Саша Лобо во неделната колумна за „Шпигел" ја опишува како најважна состојка за успех на „актуелно најуспешната и најзаканувачка идеологија за заговор на интернетот”.

Тој го наведува т.н. ИКЕА ефект, во случајот со КјуАнон тоа е една теза која се смета за повредна и подобра ако и самите учествувале во нејзиното склопување. Без разлика колку и да е криво тоа што излегува на крај.

Шегување е депласирано 

Колку и да личи митот налудничав, се работи за многу повеќе од само интернет феномен. Настрана од присуството на анти-корона, анти-Брегзит протести или собири против злоставување на деца, движењето и на други места е проширено во аналогниот живот. Откако во САД поддржувачи планирале и направиле насилни дела, ФБИ го прогласи КјуАнон во 2019 за потенцијална терористичка закана. 

Во Германија напаѓачот од Ханау пред неговото дело покажал дека поимањето за светот му е расистичко и под влијание на теории за заговор. Тој не го споменува експлицитно КјуАнон, но пишува за тајна служба која дејствува во цел свет и која владее со луѓето. 42-годишниот во февруари уби во две наргиле-кафулиња во Ханау во Хесен девет лица, а потоа ја уби мајка си и себеси.

КјуАнонподдржувачите како политички претставници?

Покрај опасноста од радикализација и насилство, експертот Гул предупредува дека во меѓувреме КјуАнон поддржувачите на претстојните претседателски избори во ноември сега настапуваат и за републиканците и за независните кандидати во Конгресот. Тој појаснува: „Луѓето кои сметаат дека тајна елита на злоставувачи на деца сака да го собори претседателот Трамп, можно е да бидат избрани и да имаат влијание врз законодавството."
Фејсбук и Твитер летово изгаснаа илјадници профили на поддржувачи на движењето. Во Германија минатата недела специјалниот претставник на владата за антисемитизам, Феликс Клајн повика да се влијае и врз намалување на ширење на вакви пораки и преку месинџер.
Јакоб Гул смета дека овие мерки се исправни, но го посочува основниот проблем во алгоритмите на социјалните мрежи кои фаворизираат контроверзна содржина. Притоа е важно „да се зајакнат медиумските компетенции за социјални медиуми и лажни вести" - особено сега во време на корона-пандемија од која и онака многу луѓе дополнително се вознемирени, што не е лесна задача. 

Реклама