Тежок пораз за „чавизмот“ во Венецуела | Свет | DW | 07.12.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Тежок пораз за „чавизмот“ во Венецуела

Опозицијата во Венецуела освои убедливо мнозинство во парламентот откако ја порази владејачката партија и го промени балансот на моќта во земјата, за првпат по 17 години социјалистичко владеење.

Опозициската конзервативна коалиција ќе има најмалку 99 места во 167-члениот парламент. Владејачката партија доби 46 места. За преостанатите 19 места допрва ќе се одлучува, и постои можност, доколку опозицијата освои доволен број од нив, да си обезбеди и двотретинско мнозинство со кое ќе може да го предизвика претседателот Николас Мадуро.
Улиците на главниот град на Венецуела, Каракас експлодираа во изрази на радост и огномети откако претседателот на Државната изборна комисија Тибисај Луцена ги соопшти првичните резултати. На плоштадот во источниот, богат дел на Каракас кој беше епицентар на минатогодишните крвави протести, симпатизерите на опозицијата славеа со шампањ и запалија неколку црвени маички кои се вообичаена гардероба на револуционерната левица.

Мадуро ја призна победата на опозицијата и рече дека и покрај лошиот резултат тоа е победа за демократијата во Венецуела. Но, притоа не пропушти да потсети на долгата историја на пучеви во Латинска Америка поддржани од САД, а причините за поразот од „конзервативната контрареволуција“ ги лоцираше во обидите за саботажа на економијата и дестабилизацијата на неговото владеење.

„Денес можам да кажам дека економската војна триумфираше“, рече Мадуро.

Venezuela Wahlen Nicolas Maduro

Николас Мадуро

Почеток на промените

Опозициските лидери исто така употребија остра реторика, најавувајќи дека веројатно следува период на интензивни политички борби во длабоко поделената земја која се наоѓа во тешка економска криза. Излезноста на гласачите беше неверојатни 74 проценти, највисокиот процент од укинувањето на обврската за гласање во 1990-те години, со што граѓаните го казнија Мадуро поради недостигот на основни продукти, галопирачката инфлација и падот на вредноста на домашната валута.

„Семејствата во Венецуела се заморени да ги живеат последиците на неуспехот“, вели Хезус Тореалба, лидер на опозициската коалиција Демократско единство. „Земјата сака промени и тие промени почнаа денеска“.

Победата на опозицијата е силен удар за социјалистичката револуција која започна пред речиси 17 години предводена од Уго Чавез, кој се до својата смрт во 2013 година ги држеше под речиси магична контрола широките народни маси во Венецуела, кои долго беа исклучени од политичкиот живот.

Во истовреме тоа е тежок удар и за левицата во Латинска Америка, која ја преземаше власта по подемот на Чавез, но во последно време доживува голема криза поради забавениот економски раст и растечката корупција. Минатиот месец Аргентинците избраа конзервативен бизнисмен наместо избраниот наследник на претседателката Кристина Фернандез, која беше близок сојузник на Чавез. Во Бразил претседателката Дилма Русеф се бори против барањето за импичмент поради корупциски скандал во нејзината Работничка партија.

Во последните недели Мадуро во неколку наврати најавуваше дека неговите приврзеници ќе излезат на улиците и ќе го бранат наследството на Чавез доколку загуби на изборите. Но во неделата, тој ја ублажи својата реторика, повикувајќи ги своите приврзеници мирно да се прегрупираат по поразот.

Но, некои владини приврзеници веќе се подготвуваат за битка.

„Сега сѐ ќе стане полошо. Чавистите ќе одат во војна со опозицијата“, вели Диана Ареаз, за која поразот е нешто незамисливо. „Досега знаев само за една влада. Но вистината е дека Мадуро ја напушти револуцијата, и сега тоа не е повеќе револуција“, вели жената која имала 8 години кога Чавез дошол на власт.

Venezuela Wahlen Reaktionen der Unterstützer vom Präsident Maduro

Разочарани приврзеници на социјалистичката власт

Шанса за опозицијата

Ова е прва голема изборна победа на опозицијата во земјата откако Чавез ја презеде власта. Гласањето беше воглавно мирно, а многу граѓани се упатија на гласачките места уште во раните зори за да избегнат евентуални инциденти. Некои граѓани толку се охрабрија што гласно исвиркаа дел од владејачките гувернери додека гласаа, меѓу нив и братот на Мадуро, Адан.

Опозицијата најверојатно ќе го искористи мнозинството за да изгласа амнестија за десетици своите членови кои беа затворени при ланските протести. Некои радикали заговараат и референдум за исфрлање на Мадуро од функцијата пред да му заврши мандатот во 2019 година.

Но ограничувањето на моќта на Мадуро, кој го наследи Чавез во 2013 година, нема да биде лесно. Мадуро ги контролира сите лостови на моќта, вклучително и Врховниот суд, преку кој може да го заобиколува Конгресот.

Но задачата на опозицијата може да стане полесна доколку успее да обезбеди дво-третинско мнозинство- таа можност се уште постои доколку неодлучените изборни места завршат во нејзина корист. Таквото апсолутно мнозинство би и овозможило на опозицијата да ги смени врховните судии, да изгласа ново законодавство, па дури и да свика конвенција преку која може да го смени Уставот на Чавез од 1999 година.

Реклама