ТВ дуел, што беше тоа!? | Северна Македонија | DW | 30.03.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ТВ дуел, што беше тоа!?

Македонската јавност одамна е “осиромашена“ за отворен политички натпревар пред малите екрани. Ќе донесе ли предизборната трка и вистинска лидерска дебата? Експертите се скептични!

Никола Груевски и Зоран Заев во живо вечерва во 21 часот! Предизборен дуел помеѓу премиерот и лидерот на опозицијата! Ваква најава сигурно ќе ги “збудали“ пипл метрите што ја мерат гледаноста во Македонија, за која било телевизија. Осумгодишниот неславен рекорд ќе биде урнат, јавноста конечно ќе може да “ужива“ во политички двобој на јавна сцена. Ваквото сценарио според експертите е нормално и очекувано во демократските општества со долга и развиена политичка култура, природен и составен дел од предизборното милје. Еден вид врвен тест за кандидатите и нивната способност да ги одбранат нивите главни политички тези со кои претендираат да го освојат мнозинството од гласачкото тело. Но зошто не и во Македонија!?

Поинаква политичка култура

Според Гоце Пачемски, специјалист за односи со јавност проблемот е што политичката култура во Македонија е поинаква на пример од онаа во САД каде предизборниот дуел е издигнат до степен на одлучувачки фактор при донесување на конечната одлука кај голем број гласачи, особено на оние неопределените кои воедно се и најбројните:

„Но, ние не сме САД. Во Македонија постои и се гради еден друг вид политичка култура која е рефлексија на вкупните социо-економски и општествени движења во транзицискиот и пост-транзицискиот период. Развојот на таа политичка култура, за разлика од некои други земји со развиена демократска традиција, во земјава отиде во сосема друга насока. Одговорноста за тоа лежи во начинот на кој главните актери на политичката сцена во изминатите години комуницираа, или подобро речено некомуницираа меѓу себе, како и од начинот на кој тие комуницираа со целокупната јавност. Едноставно, работите отидоа дотаму што евидентната нетрпеливост меѓу политичките кандидати се претвори во еден вид традиција која се манифестира во јавноста како потреба на политичките партии да го градат својот политички капитал пред гласачите со тоа што континуирано се трудат што повеќе да го навредат противникот. Во таква „кавгаџиска“ атмосфера, просторот за политички дуел како форма на комуникациски натпревар на идеи, ставови и аргументи пред јавноста, едноставно не е можен. За да се случи промена на оваа состојба, потребни се време и пред се цврста волја кај главните протагонисти на политичката сцена, но и кај останатите лидери во општеството, во насока на градење на една поинаква политичка култура во која политичките противници ќе научат да комуницираат меѓу себе и со јавноста со почит и покрај тоа што имаат различни ставови и мислења“, коментира Пачемски.

Потребата од дебата за сите општествени прашања е нормална бидејќи јавноста има право да знае за сите општествени прашања (кои директно или индиректно ја засегаат) да го слушне ставот на оние кои „формално“ се на власт, но и на оние кои се во „опозиција“ смета и универзитетскиот професор Весна Шопар. Сепак, ако се суди според досегашните искуства, таа се сомнева во можноста за „директно“ телевизиско соочување, пред сѐ, на лидерите на најголемите политички партии:

„Јавноста, се чини, се навикна на таквата ситација, а несомнено „горчливо“ се сеќава на последното телевизиско соочување помеѓу Љупчо Георгиевски и Бранко Црвенковски. Верувам дека граѓаните не сакаат медумски да учествуваат во таква дебата. Од друга страна, мислам дека „политички“ јавноста е толку јасно поделена, што ваквиот тип на соочување нема ништо да смени во нивите ставови. Единствено останува категоријата на „неопределени“, но за тие да се придобијат политичките експоненти на партиите (посебно на ВМРО-ДПМНЕ) сепак нема да ко го користат инстутот „телевизиско соочување“. Претпоставувам дека ваков е соодносот и кога станува збор за албанските политички лидери. Целата приказна ќе се сведе на „индивидуално“ себепромовирање и „вербални рафали“ упатени на противникот“, коментира Шопар.

Дебата на кандидатите за претседател?

Барањето за дебата на лидерите на двете најголеми политички партии според новинарот Љупчо Поповски станува веќе излишно затоа што владејачката партија го отфрла тоа како момент во политичката борба на идеите што треба да им се презентираат на граѓаните:

„Претпоставувам дека тие заклучиле оти досега имале само корист од тоа што ги отфрлаат понудите за дебата, иако тоа е лошо за вкупниот политички амбиент и на свој начин ги отапува политичките сетила на јавноста бидејќи, таа со партиска одлука е оневозможена да направи споредба меѓу двајца борци во рингот. Тоа е еден од позначајните сегменти на политичката осакатеност на јавноста. Во кампањата за изборите во Србија секој ден можевме да следиме дебати на политичарите (и од власта и од опозицијата) на сите српски телевизии. Сето тоа беше и жестоко и културно. Ние осум години заборавивме што значи власта и опозицијата да ги вкрстат своите аргументи во телевизиско студио. Би личело на чудо ако Груевски и Заев имаат телевизиска дебата, но и за чудото треба да има амбиент. Затоа политиката во овие години се движи околу своите рудиментирани оски, во некое друго време ќе треба да се навикнуваме на нова нормалност“, коментира Поповски.

Nikola Gruevski und Gorge Ivanov

Ако не лидерска дебата, експертите се надеваат дека јавноста барем ќе има можноста да види „соочување“ на претседателските кандидати:

„Без оглед на тоа што во нашата парламентарна демократија (наспроти претседателските системи, како во САД) претседателот на државата има, условно кажано, „ограничени“ овластувања и надлежности, сепак тој ја претставува државата и неговото значење е неспорно. Затоа, не може и не смее да ни биде сеедно кој ќе биде „наш“ претседател. Оттука, имаме право, меѓу другото, и преку телевизиско соочување, „одблиску“ да се запознаеме со нив како личности, со нивните ставови, со нивните интегритет и кредибилитет, за да можеме потоа на денот на гласањето да го „избереме најдобриот“, смета Шопар.

„Доколку претседателот Иванов одбие телевизиска дебата со ривалот Пендаровски (а не ја отфрли онаа со Фрчкоски пред пет години) би можел да им наштети на своите изгледи, затоа што изборите за претседател се нешто сосема друго - тој го бара мандатот како поединец, а не како партија. Тој е врховен командант и според неговата функција не би требало да покаже страв дека се плаши од нешто, а најмалку од телевизиска дебата. Затоа веројатноста за претседателска дебата (дури и со учество на четворицата кандидати) е многу голема“, коментира Поповски.
Инаку анализите и анкетите покажуваат дека јавноста во Македонија посакува жесток дуел на кандидатите за премиер или за претседател.