Тајната на руската ракета 9M729 | Свет | DW | 08.12.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тајната на руската ракета 9M729

САД, со подршка на НАТО, го зголемуваат притисокот врз Русија заради наводно прекршување на Договорот за неширење нуклеарно оружје со среден дострел. Во фокусот на спорот е нова ракета од типот 9M729. Што знаеме за неа?

Russland Iskander Rakete (Reuters/S. Karpukhin)

Руската ракета „Искандер“ - можеби основа за нова ракета со среден дострел

Откако американскиот претседател Доналд Трамп изминатиот октомври најави дека ќе го напушти ИНФ-договорот за разоружување со Русија, Вашингтон презема нов потег. По средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел, Алијансата застана на страна на САД и исто така и’ префрли на Москва дека го прекршила Договорот за неширење нуклеарно оружје со среден дострел, потпишан во 1987 година, кој предвидува забрана за сите ракети со дострел од 500 до 5500 километри. Вашингтон и’ постави ултиматум на Москва од 60 дена да се врати кон условите од договорот. Во спротивно, САД се закануваат со напуштање на истиот.

Пентагон претходно сподели со партнерите од НАТО информации од тајните служби за ракетата „Новатор“ 9M729 како што ја викаат во медиумите, односно SSC-8 во НАТО-жаргон. ДВ собра јавно достапни информации за тој тип ракета.

Повеќе: Време на забрзано вооружување на Американците, Русите, но и на Кинезите

Моја Европа: Нова студена војна

Нова руска ракета и како се’ почна

Кон крајот на јули 2014 година „Њујорк Тајмс“ за прв пат пишуваа за сомнежите на Вашингтон дека Москва го прекршува договорот за разоружување. Тогашниот американски претседател Барак Обама го информирал својот руски колега Владимир Путин преку писмо за сознанијата. Според наводите, Русија уште во 2008 почнала со тестови на новата ракета. „Њујорк Тајмс“ објави дека администрацијата на Обама разговарала на темата со Русија, но избегнале јавни изјави во надеж дека ќе дојде до спогодба со Кремљ. Од 2014 наваму имало вкупно пет преговори на ниво на технички експерти, соопшти во вторникот американското Министерство за надворешни работи. Москва, како шти се вели, реагирала со „деманти, прикривање и невистини“.

Дури новата администрација на Доналд Трамп за првпат ја обелодени ракетата која наводно го прекршува договорот за разоружување. Кристофер Форд, член на Националниот совет за безбедност, во Вилсон-центарот во Вашингтон го обелодени називот на ракетата и рече дека се работи за типот 9M729, развиен од производителот „Новатор" од Екатериненбург. Компанијата која е дел од државниот производител на воена опрема „Алмас Антеи“, меѓу другото ги развивала и новите руски ракети „Калибар", како и интерконтинентална ракета од најновата генерација со атомски погон. 

INF-Vertrag zwischen den USA und der UdSSR (picture-alliance/dpa)

Американскиот претседател Роналд Реган и советскиот лидер Михаил Горбачов наздравуваат по потпишувањето на ИНФ-договорот на 8 декември 1987 година

Кога според САД била развиена ракетата 9M729?

Во Русија речиси и да нема официјални информации за развојот и техничките податоци на ракетата од типот 9M729. Во САД шефот на тајните служби Даниел Коутс кон крајот на минатиот месец за првпат обелодени некои детали. Русија наводно уште кон средината на минатата деценија почнала со развојот на новата ракета од среден дострел, која може да носи и конвенционална и атомска боева глава. „Новатор" добила задача „да направи ракета која е многу слична“ со други кои биле развивани во истиот период, како на пример ракетата „Искандер“. До 2015 година Русија финиширала обемна програма за тестирање на ракетата, дизајнирана така да „ги прикрие вистинските можности и карактерот на спроведените тестови со ракетата од типот 9M729“, вели Коутс.

Тој точно опиша како тоа било направено со оглед на тоа дека договорот дозволува тестови за забранет дострел само ако не се од типот копно-воздух, туку се наменети за поморските или воздушните единици. „Русија тоа го знае и прво ја тестирала ракетата на дострел многу поголем од 500 километри од стационарната рампа", рече Коутс. „Потоа истата ракета била тестирана од мобилна рампа, но на растојание помало од 500 километри".

„Доколку описот на Коутс соодветствува на реалноста, тогаш до израз доаѓа желбата на Русија да го прикрие фактот дека тестирала ракета земја-воздух за дострел забранет со меѓународниот договор за разоружување", вели за ДВ рускиот новинар Александар Голц. Тој смета дека аргументите на САД се издржани. „Барем заклучоците може да се сметаат за логични.“

Daniel R. Coats USA Botschafter in Deutschland (AP)

Даниел Коутс, шеф на тајните служби, кон крајот на минатиот месец за првпат обелодени некои детали во САД

9M729 - директна закана за Европа

Во американските медиуми има различни ставови и мислења околу начинот на кој била развиена ракетата. Една претпоставка е дека ракетата од типот 9M729 била надградба на ракетата „Искандер" од типот Р-500 (9M728 или SSC-7 според кодовите на НАТО). Таквата теза ја застапува и Стивен Пајфер, кој е експерт за разоружување при американскиот тинк тенк Брукингс институт во Вашингтон. „Што се однесува до дострелот на ракетата 9M729 се сомневам дека Русите го прекршиле договорот само за да развијат ракета која лета нешто повеќе од 500 километри", вели Пајфер за ДВ. „Порано сум проценувал дека има дострел од околу 2000 километри, но тоа е само претпоставка.“ Официјално САД не го наведуваат дострелот на руската ракета, но сигурни се дека го прекршува договорот.

Друго можно објаснување е дадено како пример во американскиот весник „Нешнл Интерест“, при што се претпоставува дека ракетата од типот 9M729 е копнена верзија на поморската ракета „Калибар". Вашингтон смета дека Русија ја развила и успешно тестирала новата ракета и дека таа е подготвена за употреба.

„Њујорк Тајмс“ во февруари 2017 пишуваше за две единици опремени со нови ракети во центарот за тестирање Капустин Јар кај Волгоград и на уште едно неименувано место. Шефот на американските тајни служби Коутс потврди дека се работи за повеќе единици и дека тие претставуваат „директна опасност" за повеќето делови на Европа и Азија. Американски набљудувачи укажуваат на тоа дека ракетите се многу слични на веќе постоечки, мали и мобилни. Затоа би било многу тешко да се детектираат.

Што вели Русија за обвинувањата

Русија признава дека постои ракета од типот 9M729, но тврди дека не го прекршува договорот. Од Министерството за одбрана молчат. Прва потврда за постоење на таква ркаета даде портпаролката на Министерството за надворешни работи Марија Сахарова во декември 2017 година. Таа додаде и дека ракета за забранетиот дострел ниту била, ниту ќе биде развивана. Во вторникот портпаролката ги коментираше новите обвинувања од НАТО и ултиматумот од САД со зборовите дека „Москва целосно ги исполнува одредбите од договорот за разоружување“.

DW.COM

Реклама