Тајани и Салвини отворија стари рани | Свет | DW | 12.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Тајани и Салвини отворија стари рани

Италијанскиот политичар и претседател на Европскиот парламент, Антонио Тајани, ги шокираше Хрватска и Словенија со присвојувањето на Истра и Далмација. Дали тоа ќе ги расипе односите на Италија со двете земји?

Скандалозното присвојување на Истра и на Далмација од страна на претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани (насловна фотографија), на обележувањето на Денот на жртвите на фојби во неделата (10.02.) во Базовица кај Трст, одекна во Словенија и во Хрватска како гром од ведро небо. Изминатите неколку години, всушност речиси цела деценија, трае еден вид примирје кога станува збор за болните прашања за фојба и за есул (Истарски егзодус), кои со години, па и децении, ги оптоваруваат односите меѓу Словенија и Хрватска на една и Италија на друга страна.

Но, што всушност рече точно Тајани? Својот говор во Базовица, местенце покрај Трст во кое главно живеат Словенци, и во кое секоја година се организира комеморација за италијанските жртви од крајот на Втората светска војна, Тајани го заврши со неочекувана порака: „Да живее Трст! Да живее италијанска Истра! Да живее италијанска Далмација! Да живеат италијанските есули и вредностите на нашата татковина!

Во одделна изјава за новинарите, Тајани рече дека, како Италијанец, патриот и претседател на Европскиот парламент, ќе стори сѐ за да го привлече вниманието на Брисел за повоените случувања и жртвите на фојба, што е италијански назив за крашки јами во кои партизаните, победници на крајот на Втората светска војна, без судење фрлале војници и цивили. На оние кои ја негираат фојба, Тајани им порача дека ги победила историјата, нарекувајќи ги оние кои го негираат ова злосторство „соучесници во злосторот“.

Фојби и Аушвиц

Во Базовица беше и заменикот на италијанскиот премиер и министер за внатрешни работи, Матео Салвини, кој злосторството во Базовица го изедначи со злосторот во Аушвиц. Според неговите зборови, децата кои страдаа во Аушвиц, се еднакви на децата кои страдаа во фојбите, бидејќи не постојат маченици А и маченици Б. Затоа и злосторствата се еднакви. „И едните и другите се злосторници“, уверува лидерот на десничарската Лига.

Italiens Liga veranstaltet eine Kundgebung in Rom - Matteo Salvini (Reuters/A. Bianchi)

Матео Салвини

Изјавите на Тајани и Салвини предизвикаа бурни реакции во Хрватска и во Словенија. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој порано го нарекуваше Тајани „вистински пријател“ и „познавач на Хрватска“, најостро ја осуди неговата изјава, велејќи дека во неа препознава „траги на територијални претензии и ревизионизам“. Пленковиќ го побарал Тајани за да му изрази незадоволство од неговата изјава, барајќи објаснување.

На Твитер се огласи и хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, кој порача оти темелите на Европската унија не почиваат на неприфатливи вредности на ревизионизам и иредентизам кои се присутни во говорот на Тајани, иако и самата во повеќе наврати беше прозвана поради ревизинистички изјави.

Слично беше и во Словенија. Премиерот Марјан Шарец, жестоко порача дека станува збор за „историски ревизионизам без преседан“, потсетувајќи оти цел на фашизмот беше „уништување на словенскиот народ“. Тој предупреди на фалсификување на историјата во Словенија, но и од италијанска страна на границата, во што, за жал, учествуваат и високи европски официјални лица.

Претседателот Борут Пахор, во отворено писмо до италијанскиот колега Серџо Матарела му порачува дека се неприфатливи изјавите со кои се сака да се создаде впречаток оти во случајот фојба се работи за етничко чистење, со оглед на тоа дека и Матарела на неделната свеченост во Рим рече дека жртвите на фојба не се последица на одмазда за фашизам, туку резултат на етничко чистење.

Етничко чистење, а не одмазда

На крајот, се огласи и Тајани, кој на почетокот на пленарното заседавање на Европскиот парламент во Стразбур порача дека во неговите изјави немало никакви територијални претензии кон Хрватска и кон Словенија, велејќи оти никого не сакал да навреди и дека му е жал ако неговите зборови се погрешно сфатени. Но, Тајани и во куса изјава рече оти „илјади невини жртви“ на италијанска страна не се само жртви на одмазда, туку дека се работело за „неприфатлива омраза“, која била „идеолошка и етничка и општествена“, бидејќи меѓу жртвите имало многумина кои немале врска со фашистите.

Интерпретацијата на Тајани и на Матарела на ова злосторство и неговите причини, радикално отстапува од толкувањето кое преовладува во Хрватска и Словенија, според кое ова злосторство претставува исклучиво одговор на злосторствата на италијанските фашисти над Словениците и над Хрватите, а не етничко чистење.

Многумина кои го познаваат Тајани и неговата политичка работа беа изненадени од неговиот настап во Базовица, со оглед на тоа дека во суштина станува збор за умерен политичар, член на Европската народна партија. Неговата изјава затоа може да се објасни во италијанскиот внатрешнополитички контекст, со оглед дека Тајани е во кампања за европските избори, а неговата партија „Форца Италија“ не стои добро во анкетите.

Во Италија на власт е радикалната национално-популистичка коалиција, а земјата се соочува со сериозни економски потешкотии, кои можеби изгледаат полесни доколку има отворени судири со соседите, за што сведочи и актуелниот конфликт меѓу Рим и Париз.

Wahl in Kroatien 28.12.2014 (STR/AFP/Getty Images)

Иво Јосиповиќ

Изјавите на Тајани и на Салвини, поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ ги смета за „ непотребни изрази на иредентизам и историски ревизионизам“. Ваквите искази, без оглед на тоа што со подоцнежните неволно дадени и недоволни објаснувања се направи обид да се ублажи штетата, се сериозен удар за европската идеја на помирување и заедништво“, изјави Јосиповиќ за ДВ.

Прашан за причините за повторното отворање на темата, тој настапите на Тајани и Салвини ги става во општиот контекст на јакнење на радикалната десница во Европа, историскиот ревизионизам и кокетирањето со различни облици на фашизам. За жал, додава Јосиповиќ, и Хрватска има сериозен проблем со тоа.

 

Реклама