Тачи: Србија го дестабилизира Балканот по руски модел | Свет | DW | 27.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Тачи: Србија го дестабилизира Балканот по руски модел

Косовскиот претседател ја обвинува Србија дека предизвикува тензии во регионот. Белград го следи рускиот модел од Украина, предупредува Хашим Тачи во интервју за Дојче Веле.

ДВ: Претседателе, зошто дојде до заострување на состојбата на Косово?

Тачи: Ѕидот, возот и апсењето на Рамуш Харадинај - сите овие настани беа директно испровоцирани од Белград. Ѕидот е косовска тема и Косово мора да го отстрани. Таков ѕид во Митровица не смее да постои. За тоа нема да дискутираме со Белград.
Што се однесува до возот, зад него стоеја провоцирачки мотиви. Возот беше инспириран од рускиот пример, но нашата одлучност го задржа. Доколку возот дојдеше поблиску, не сум сигурен дека тоа немаше да води кон вооружен конфликт. Имавме информации дека во возот се наоѓаа оружје и парамилитарци кои сакаат да го дестабилизираат Косово. Знаеме дека Србија има план да го подели Косово и дека Белград ги вооружува Србите на северот на Косово.

Имате ли конкретни докази за ваквите тврдења?

Секако. Србија се обидува да го примени рускиот модел од Украина. Таа испраќа цивили, но и униформирани лица на северот на Косово. Србија им дели оружје на Србите на северот, наводно за да ги заштити од напади на Албанците. Ги повикувам Србите да не бидат жртва на националистичката политика на Белград. Мојот повик е упатен до нив, и тоа е повик за слобода и дијалог. Наместо повиците за етничка и територијална поделба на земјата, ги повикувам на интеграција во ЕУ и НАТО.

Изминативе денови имаше информации за апсење на наводна руска шпионка во Косово. Колку е силно руското влијание на северот на Косово?

Србија ги користи стилот и методите на Русија во Украина. Таму има Руси кои тесно соработуваат со Белград. Тие се таму за да подготвуваат парамилитарни единици. Сѐ уште немаат униформи, но вооружени се со модерно оружје. Тоа е директно контролирано од Белград.
Веќе ѝ ја изразив мојата загриженост на ЕУ. Молкот од Брисел е вознемирувачки. Истото се случуваше во 1990-те години во Босна, во Хрватска и на Косово - и ги видовме последиците. Затоа, ЕУ мора да се потсети на поранешното однесување на Белград, кое не се разликува од денешното. 

Brüssel EU Dialog Belgrad Pristina (European Union)

ЕУ нема лидерство и визија, тврди Хашим Тачи

Има гласови и во Србија и во Косово кои заговараат поделба на Косово. Можно ли е тоа?

Ние сме против поделба. Поделбата ќе значи отворање на вратата за опасни концепти кои ќе имаат последици за целиот Западен Балкан. Косово се ангажира за зачувување на територијалниот суверенитет и интегритет на земјата.

Зошто толку често ја критикувате политиката на ЕУ?

ЕУ во моментов не покажува никакво лидерство и нема никаква визија во однос на Западниот Балкан. Брисел реагира предоцна, а антиевропските елементи ги користат таквите моменти. Германија игра извонредно позитивна улога - конкретна и визионерска. Но двоумењето на ЕУ ги заживеа националистичките тонови од Белград. Ние како суверена држава мораме да одговориме на тоа. ЕУ ќе мора да почне да го третира Косово како суверена и независна држава.

 

DW.COM

Реклама