Затворете ги вратите, доаѓаат талибанците! | Северна Македонија | DW | 17.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Затворете ги вратите, доаѓаат талибанците!

Мал број Авганистанци кои бегаат во големиот свет, со застрашување лесно можат за домашни политички потреби да се претстават како талибанци кои уште повеќе ќе нѐ осиромашат, ќе нѐ исламизираат и безмалку ќе нѐ окупираат.

Мајките во стариот Рим ги плашеле децата со „Ханибал е пред портите“. Оваа латинска изрека Hanibal ante portas од нејзиното основно значење за големиот страв од картагенскиот војсководач, кој ги поразил Римјаните преминувајќи со својата војска преку Пиринеите и Алпите, со тек на време прераснала во универзална поговорка која означува: „Ни се заканува најголема опасност“. Денес, 23 века подоцна, и нас и светот и децата и возрасните политичарите ги преплашуваат со најголемото страшило: Доаѓаат талибанците!?

Големи се очите на стравот. Мал број Авганистанци кои бегаат во големиот свет по 20-годишната граѓанска војна, како сојузници на Американците по нивното повлекување од Авганистан, со застрашување можат со леснотија за домашни политички потреби да се претстават како талибанци кои уште повеќе ќе нѐ осиромашат, ќе нѐ исламизираат и безмалку ќе нѐ окупираат.

Се разбира, полувистините се поопасни и од најголемите лаги. Да, можно е да дојдат извесен број Авганистанци по препорака на Америка и на нашите НАТО-сојузници кои се евакуираат пред налетот на талибанците, да бидат сместени во хотели и одморалишта извесен период во Македонија, уредно да им бидат платени трошоците и да си заминат. Кога ниту еден сиромашен бегалец од Сирија, Либија, Авганистан, Пакистан и од Африка на пат за западна Европа и Америка сиве овие години додека трае бегалската криза не остана во Македонија не гледајќи никаква перспектива во нашата земја, зошто тогаш кај нас би останале побогати Авганистанци, кои биле логистика и соработници на американската војска во Авганистан? Тоа го налага здравиот разум, ама кога политиката во тоа гледа добра предизборна пропаганда, тогаш излегува на виделина егоизмот со заканата - дека лебот на нашата сиромаштија ќе го јадат Авганистанците. Со додавка на популистичкиот рефрен - што не си ги земат богатите кај себе.

Ни виша сила ни божја казна

Ова е само една епизода од најжешкото лето што не го паметат и највозрасните луѓе не само во целиот регион, туку и во светот, тоа го потврдуваат и институциите на државите кои повеќе од 200 години имаат прецизна евиденција за пандемиите, високите и ниските температури, за големите суши и гладни години, за пожарите, поплавите, земјотресите и сите природни катастрофи. Сите тие несреќи и катаклизми во едни минати времиња се сметаа за виша сила, или божја казна. Инквизицијата за тоа наоѓаше виновници кои се во дослух со ѓаволот, прогласувајќи ги за вештерки и вештери и спалуваа невини мажи и жени на клади како главни виновници за трагедиите кои го погодуваа човештвото.

Други колумни од авторот:

Антифашистички марш за непречено заразување

Циркузијадата на ден Илинден

Кукавичките јајца на Никола Груевски

Денес, додека светот на науката ги гледа сосема поинаку последиците од глобалното затоплување и ги посочува вистинските виновници нудејќи со години конкретни ригорозни мерки, кои егоистичниот свет на побрзиот развој и поголемите профити не ги прифаќа, во Македонија и пандемијата и пожарите и сушата и поплавите се страотен мегдан за меѓупартиски судири, за загрижувачки делби, за лаги и за закани, небаре ако наместо неспособната власт била опозицијата ништо од ова немаше да ни се случи, или во најмала рака последиците ќе беа минимални. Притоа се заборава дека она што навистина можеше да предизвика помали последици е испуштено во 30-годишното управување со државата, каде што товарот на одговорноста паѓа речиси рамномерно на лидерствата на најголемите политички партии.

За сѐ што тие денес се обвинуваат меѓу себе имале децениски мандати, доволно време ако не да ги решат сите недостатоци со кои се соочува земјата - на што не се имуни ни многу побогатите, тоа го видовме со пандемијата и поплавите и кај нив - барем да ги намалиме на едно поподносливо ниво, рамно на сегашните регионални достигнувања кај комшиите на кое беше Македонија пред прогласување на независноста.

Несреќите - најдобра партиска артилерија

Несреќите во оваа земја станаа најдобра партиска артилерија, од која се пука со истите топови во зависност од која страна на фронтот стојат смртните непријатели. Сведоци сме на трагикомични ситуации кога секој ден ги слушаме и најчесто им веруваме на лагите кои ги повторуваат наизменично и едните и другите, заборавајќи што зборувале и кои политики ги воделе кога тие одлучувале.

Краткото паметење ни е национална дисциплина, кога за исти работи кои ни се повторуваат ги слушаме и прифаќаме истите меѓусебни обвинувања. Ова партиските лидери тоа добро го знаат и го користат штедро во секоја прилика. Во предизборните битки најважно е да се оцрни противникот, кој се прогласува за смртен непријател и предавник на државните и националните интереси, а уште ако има воени конфликти, пандемија, пожари и поплави тогаш уште подобро. Заедно со сиромаштијата и генетската корупција катастрофите стануваат најдобра партиска предизборна кампања.

Мора да се признае дека ВМРО ДПМНЕ најдобро плива во вакви вонредни ситуации менувајќи ја пропагандата од ден на ден (а веќе и тоа е долга дистанца, па има потреба од час во час да се менува популистичката стратегија). Од сабајле, кога се ТВ-емисиите со гледачите кои се јавуваат диригирани од партиските штабови, мерките против пандмијата не се доволни, за веќе попладне, преку социјалните мрежи, мерките да се прогласат за срамно ограничување на слободата и на човековите права. Го поддржуваме вакцинирањето, ама го поддржуваме и правото на слободен избор кој сака да не биде вакциниран без да му се ограничува правото слободно да пренесува вируси. Така стасавме до протести против фашистичкото ограничување на слободата да не може човек на раат да испие кафе, а да не биде тормозен од власта, што, ете, не е вакциниран. Наместо власта да го ограничува слободното движење на вирусите, ги ограничува луѓето кои не чувствуваат вина што ги пренесуваат.

Истото ни се случува и со пожарите и со поплавите. Шумите растат сто години, а горат за еден час. Кога ќе изгорат, сите виновници се многу паметни, како генералите по изгубените битки. Кога нема пожари, дрвокрадците, со тапиите дадени во предизборните кампањи, сечат ли сечат повеќе од пожарите. Е, за тоа имаме изрека: „Село гори, баба се чешла“. Ако само за половина метар се крене нивото на реките и потоците, поплавите се неизбежни, оти наносите од речните корита со години не се исчистени. Кој било предлог за изградба на современа депонија ќе биде дочекан на нож. Полесно ни е да го фрламе ѓубрето кај сакаме, отколку да имаме заштитени депонии. И ,така со ред, многу поинвентивни се нашите партиски челници во натпреварот за гласови од несреќите, отколку во натпреварот да ги спречат.

Тоа е тоа, кога ќе падне првата искра, се гасне со една кофа вода, кога ќе се вивне пламенот до небо, не го гасне лесно ни армија ни пожарникари, ни авиони ни хеликоптери. Пироманите гаснат со зборови и откривање на виновници. Нивата можеш да ја заштитиш од стока, не можеш од луѓе. Исто е и со државата, со пандемијата, со пожарите, со поплавите... Сѐ е до луѓето, до тоа дали сакаат да „ палат“ и „гасат“, или да спречат.