С. Македонија и Бугарија тагуваат по 45 жртви на страотната автобуска несреќа | Северна Македонија | DW | 23.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

С. Македонија и Бугарија тагуваат по 45 жртви на страотната автобуска несреќа

Македонската влада прогласи тридневна жалост по трагедијата која се случи на автопатот кај Перник, а во Бугарија во среда ќе им се оддава почит на жртвите. Сочувства пристигнуваат од сите страни на светот.

Знамињата во Северна Македонија и Бугарија се на половина копје и прогласени се денови на жалост. 45 загубени човечки животи и мноштво неодговорени прашања по страотната трагедија која се случи на автопатот кај бугарскиот град Перник во вторникот. Седум патници ја преживеаја несреќата, а причините за прераната смрт на останатите ќе ги истражуваат бугарските власти. 

Најголемиот дел од жртвите, 20 луѓе, се од околината на селото Студеничари, додека 16 се од скопски општини. Нивните роднини во вторникот залудно бараа одговори за трагедијата и за судбината на нивните најблиски пред седиштето на агенцијата „Беса Транс“ во Скопје. Оттаму се јавија со соопштение во кое им изразија сочувство на семејствата на жртвите. 

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен упати изрази на сочувство до граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија поради загубените животи во автобуската несреќа во близина на Софија и пожарот во домот за стари и изнемоштени лица во Бугарија.  

„Стејт департментот и американскиот народ изразуваат длабоко сочувство до граѓаните на Северна Македонија и на Бугарија поради трагичната загуба на животи во денешната автобуска несреќа и вчерашниот пожар во дом за стари и изнемоштени лица. Нашите срца се со сите ужалени, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, напиша Блинкен на Твитер. 

Рускиот претседател Владимир Путин му изрази сочувство на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски. 

„Примете длабоко сочувство поради загинувањето на граѓани на вашата земја, вклучително мали и поголеми деца, во сообраќајната несреќа која се случи во Бугарија, се наведува во телеграмата објавена на интернет-страницата на Кремљ. Агенцијата Тасс објави и дека Путин го замолил Пендаровски да пренесе зборови на искрено сочувство и поддршка до роднините и блиските на загинатите, истовремено посакувајќи поскоро закрепнување на сите повредени патници. 

Од името на германската влада, сочувство преку Твитер испрати и државниот министер за Европа, Михаел Рот. 

Косовската претседателка Вјоса Османи донесе одлука 24 ноември да го прогласи за ден на жалост во знак на почит кон граѓаните на Северна Македонија кои загинаа во автобуската несреќа во Бугарија. 

Пред зградата на македонската амбасада во Софија, бугарски граѓани во вторникот положуваа цвеќе, оставаа играчки и запалија свеќи за загинатите во тешката сообраќајна несреќа. 

 

DW.COM

Поврзана содржина