СЈО не е тајно следено: Кој манипулира со „Чарлиевите ангели“? | Северна Македонија | DW | 01.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

СЈО не е тајно следено: Кој манипулира со „Чарлиевите ангели“?

До заклучок дека некој „тајно ги снимал и специјалните обвинители“, можел да дојде само некој што не го видел документарниот филм за СЈО, „Чарлиевите ангели“. Или некој со друга намера.

Mazedonien Sonderstaatsanwältin Ristoska, Janeva und Fetai in Skopje (DW/P. Stojanovski)

Кој манипулира со „Чарлиевите ангели“?

„И СЈО прислушувано, кој и како ги снимал специјалните обвинители?" Под ваков наслов еден портал објави, а други ја пренесоа „информацијата“ дека има нов скандал: и обвинителите на СЈО кај кои беа прислушуваните материјали и самите станале жртви на следење! Заклучокот за ваквото „сознание“ произлегол од видео-снимка што ја објавил Ел Чека, а на која се гледа како обвинителите на СЈО разговараат и се договараат во нивните работни простории.

„Зачудува само што видео снимката покажува кадри од две различни позиции, што значи дека во моментот било снимано со два апарата, кои се или скриени мали камери или телефони (...) Се гледаат Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска и другите обвинители. Се слуша како се разговара со некого од ВМРО-ДПМНЕ од кого се бара да дојде и да потпише некаков документ, веројатно се работи за покани (..). Во друг кадар се покажува и разговор и меѓу Катица Јанева и Фатиме Фетаи како се смеат, и каде Јанева и вели малку да запее, по што Фетаи почнува да пее ‘иде маца поред тебе’“, објавува порталот.

Притоа прашува - дали бил урнат безбедносниот протокол штом некој успеал дури и специјалните обвинители тајно да ги снима во нивните канцеларии, кои важеа за тврдина во која ни пиле не може да прелета?

Не се тајни, туку јавни снимки

Да, Фетаи навистина го потпевнува тој рефрен и целиот опис на разговорот е објективно пренесен, но со еден огромен пропуст. До заклучок дека некој тајно ги снимал и специјалните обвинители, можел да дојде само оној што не го гледал едночасовниот документарен филм за СЈО - „Чарлиевите ангели“ на Рејчел Рајт од Би-Би-Си, бидејќи посочените „тајни снимки“ се всушност инсерти од тој документарец. Тој беше јавно емитуван на телевизии во регионот и во него беа објавени бројни секвенци од работни состаноци во СЈО, од подготовки за прес-конференции, од нивни меѓусебни разговори, шеги, дилеми, службени патувања низ земјата и.т.н.

Fatime Fetai, Katica Janeva (Leitung), Lence Ristoska (DW/F. Hofmann)

Фетаи, Јанева и Ристовска во СЈО, во мај 2017 година (од л. кон д.)

„Ваквите текстови се, најблаго кажано, причината што гледачите и читателите на крај ја изгубија довербата во медиумите. Не поради изборот на темата која секако е актуелна, туку начинот на кој се ‘фаќа приклучок'“, вели Александар Димитриевски, новинар на емисијата „360 степени“, кој со Рајт соработувал на други проекти. 

„Пред сѐ, објавеното видео од страна на Ел Чека потекнува од документарен филм на Рејчел Рајт, колешка од Би-Би-Си, со која имав задоволство да соработувам на други проекти. Таа помина вкупно цел месец со екипата на СЈО, снимајќи ги последните недели пред истекот на крајниот рок за поднесување обвиненија, 30 јуни 2017 година. Сето тоа, се разбира, беше направено со дозвола од Обвинителството, при што и нејзиниот пристап не беше без ограничувања. Дел од ‘прислушуваните' разговори на кои реферира ‘истражувањето' можат да се видат по 34 минута и 30 секунда во документарецот. Во регионот, тој беше емитуваан на ТВ 'Н1' и ова не е прв случај некој да наседне на објавување ‘тајно снимање' од просториите на СЈО со користење на материјали од документарецот", потсетува Димитриевски.

Да биде апсурдот поголем, дури и оној што на Фејсбук „реемитувал“ делови од него, воопшто не тврди дека тоа се тајни снимки.

„Ниту Ел Чека, кој го објавил видеото, во текстот на објавата на Фејсбук не кажува дека станува збор за тајно прислушуван разговор, туку го критикува однесувањето и атмосферата во просториите на СЈО. На крај, во ‘смесата' се споменуваат и т.н. ‘бомби' и тајните снимки од ‘Рекет', во контекст на некакво широко распространето снимање на сѐ и сешто“, вели Димитриевски. 

Повеќе:

Почна како „Пуч“, дали така и ќе заврши?

Последниот ден на СЈО

Измешани баби и жаби

Во екот на битката против лажни вести, зачудува фактот што ваков пропуст им се случува на медиуми кои барем досега важеа за објективни. Во заблуда се доведени и аналитичари, од кои е побаран коментар врз основа на погрешниот заклучок дека и СЈО било тајно снимано.

Новинарска грешка, или обид преку едни, наводно тајни снимки, да се релативизираат други тајни снимки, односно да се изедначи претпоставената вина?

Според Димитриевски, вакви текстови се производ или на намера да се збуни и пренасочи вниманието на јавноста, или пак на елементарни пропусти во проверка на фактите кои се „А“ во новинарството.

„А фактите се дека ниту ‘новите' снимки од СЈО се тајно снимени, ниту пак тој што ги објавил вели дека се тајно снимени. Давањето на контекст на наводно тајните снимки од СЈО со снимките од ‘Рекет' прескокнува и друг факт - дека тие снимки потекнуваат од нечиј дом чиј сопственик очигледно си инсталирал систем за аудио и видео надзор, како што на пример пред неколку години едно семејство ја сними дадилката како го тепа нивното бебе. И на крај, мешањето на овие случаи со т.н. ‘бомби' е во најмала рака ‘наивно' бидејќи главната теза на СЈО во случајот ‘Таргет-тврдина', кој допрва треба да добие судска завршница, е дека масовното незаконско прислушување се вршело во УБК. Сумирано, станува збор за три посебни процеси, настанати независно еден од друг и сите од различна природа. Нивното ставање во иста каша, само создава какофонија, од која на крај публиката ја губи довербата во медиумите генерално", оценува Димитриевски. 

DW.COM

Реклама