СЈО во слободен пад | Северна Македонија | DW | 05.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

СЈО во слободен пад

Големите очекувања од СЈО се претвораат во разочараност и изгубена надеж дека ќе се елиминира деценискиот принцип на неказнивост.

Ослободителната пресуда на Кривичниот суд за сучајот „Тревник“ во кој oд СЈО беа обвинети новинарот на Драган Павловиќ и неговите браќа, дополнително ја еродира довербата во СЈО, која подолг период е во слободен пад. Обвинителството најави жалба на првостепената пресуда, но ретко кој верува во некаков пресврт.

„Толку 'јаки' ли им беа доказите? Наместо да се занимаваат со криминал од висок профил, го истршија времето за 'тревници' и за 'шамарите во Центар'. Зошто сите обвиненија за покрупни случаи беа поднесени по законскиот рок - случајно или намерно? Тие ја донесоа надежта за правда, тие ја убија“, се дел од жестоките реакции на социјалните мрежи.

„Има ли некој што уште сака да прошета со маичка 'СЈО'?“, прашува „револтиран“

„Нема. Потпис - уште пореволтиран“, одговара друг. 

Таргет-тврдина“ тапка во место

Пред четири години приказната беше многу поинаква. Иако СЈО се соочи со бројни опструкции кои му украдоа драгоцен дел од времето, растеше надежта за достапност до правдата и елиминирање на деценискиот принцип на неказнивост на случаи од висок политички профил. Од пред тогашното седиште на СЈО започнуваа и дел од протестите на „Шарената револуција“, под мотото „Нема правда, нема мир“. Четири години подоцна разочарувањето е големо. Во место тапка најкапиталниот предмет „Таргет- тврдина“, кој беше причина да се формира на СЈО: да се истражи кој незаконски ги следел комункикациите на над 20.000 граѓани и кој ја уништил опремата со која било извршено кривичното дело, како и да се гонат кривичните дела кои произлегуваат од незаконски следените комуникации. 

„СЈО е во надолни линија, енергијата е изгубена, опаѓа. Тоа е и заради неизвесност, заради фактот што за иднината на СЈО се преговара со лидери на партии, чии членови имаат бројни обвиненија од СЈО и постапки пред судот“, вели адвокатот Александар Тортевски.   

Повеќе:

-Законот за СЈО како желботека!

-СЈО ни на небо, ни на земја

-Невладините бараат да се слушне нивниот глас за СЈО

Застојот со Таргет-тврдина“, како и бегството на Никола Груевски во Унгарија и на Горан Грујевски и Никола Бошковски во Грција, во јавноста одамна создава сомнежи за можен договор меѓу претходната и актуелна политичка елита, иако на таквите прашања секогаш следеа енергични деманти. Но, епилогот од обвиненијата на СЈО е прилично скромен: Правосилна пресуда до сега има за случајот „Тифани", „Труст“ и  „Тенк“. Укината и вратена на повторно судење е пресудата за случајот „Триста" во кој на поранешниот помошник министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски му се судеше за нелегална набавка на 300 службени возила во МВР.  Засега Поповски е единствениот кој издржува затворска казна од четири и пол години за предметот  „Тенк“. Јанкулоска доби упатен акт и од 1 јули требаше да почне со издржување на затворската казна од четири години, но доби одложување до изјаснувањето на Врховниот суд по поднесеното барања за вонредно преиспитување на правосилната пресуда. Груевски затворот го избегна со бегство и азил во Унгарија. Упатен акт за издржување затворска казна на 17-ти јули доби и Сеад Кочан (Труст“), кој исто така доставил барање за одложување. Првостепената пресудата е изречена за „Титаник 2“ сега е во жалбена постапка. Другите предмети се уште се во првостепена постапка, а дел може и да застарат.

Посветени на „трошки“

Впечатокот е дека СЈО изгубило многу време на „трошки“. Коментирајќи ја пресудата за „Тревник“, адвокатот Звонко Давидовиќ изјави дека „СЈО не требало да се занимава со викендичките на Латас, гаќите на Ивона и други ситни работи“.

„Требаше редовното Обвинителство да се бави со тоа. СЈО требаше да го гони високиот криминал. Во исто време градоначалникот на Охрид кажа дека има куп дивоградби по кои не е постапено. Имаме чудна правна ситуација. Од една страна ваква пресуда (за „Тревник“ н.з), а од друга се дивоградбите во Охрид, кој може да биде избришан од листата на УНЕСКО.  Ова е резултат на немање судски реформи и доверба во судството“, изјави Давидовиќ во дебата на ТВ „24“.

На сличен став е и правен експерт со кој разговараше ДВ.

„Суштината на неправото во кривичното дело 'бесправно градење' е извршителот да гради без одобрение за градење, како во случајот 'Тревник' . Колку што може да се разбере од образложението на писмената пресуда, Судот оценил дека со давањето на одобрението за градење на веќе изграден објект, неправото од бесправното градење е конвалидирано во право и со тоа се отстранети штетните последици од кривичното дело. Ова е правно невозможно. Неправо не може да се конвалидира со право, освен ако законодавецот со својата политика одлучи со закон да озакони неправо. Тоа би било со законот за легализација, меѓутоа тој закон не ги покривал овие градби, па е издадено е одобрение за градење на веќе изградени објекти, што е и правно и фактички невозможно. Самата природа на одобрението за градење јасно кажува дека со тоа се одобрува идна градба, а не се легализира постоечка или мината градба, нешто што судот очигледно го измешал“.
објаснува соговорникот. Притоа, исто како и Давидовиќ, го поставува прашањето што по ваква пресуда кога „на дневен ред“ ќе дојде справувањето со дивоградбите во Охрид.

 

DW.COM

Реклама