Сѐ ќе заврши во првиот круг | Македонија | DW | 05.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Сѐ ќе заврши во првиот круг

Звучи чудно, но можно е на овие избори сите да победат, некој помалку, некој повеќе. Колумна на Гордан Георгиев.

Насловот е намерно контраинтуитивен. Се разбира дека на претстојните претседателски избори нема да се избере претседател во првиот круг, но сето она што е политички важно навистина ќе заврши во првиот круг. Бројките постигнати во првиот круг ќе бидат основа за сите понатамошни политички поведенија на четирите клучни актери на овие во суштина неважни и речиси одвишни избори. Сите засегнати политички групации имаат добри кандидати, и секој од овие кандидати може да „заврши работа“ за секој од натпреварувачите. Звучи чудно, но можно е на овие избори сите да победат, некој помалку, некој повеќе. Да почнеме со ред.

Албанската опозиција. За албанската опозиција овие избори се „да се биде или не", колку и тоа да изгледа невидливо со голо око. Од тактички аспект, нивната одлука да одат со заеднички (етнички албански) кандидат е одлична. Ако се паметни, опозиционерите од албанскиот етнички кампус многу ќе вложат да имаат успешни избори и нивниот кандидат Блерим Река да се обиде да освои помеѓу 80 и 100 илјади гласа во првиот круг. Тоа е добар капитал и доволно моќна бројка да бараат делегитимација на ДУИ, предвремени избори веднаш и факторизирање кај Заев веќе првиот ден по изборите. Логиката на албанскиот гласач може да биде следна и логична: ќе гласам првиот круг за Блерим Река, не само затоа што е единствен Албанец кандидат, туку и за да им пркосам на ДУИ (и на Заев), а во втор круг ќе го поддржам Пендаровски или ќе останам дома. А истовремено, со добриот резултат од првиот круг ќе му намигнам на Заев дека може слободно да распише предвремени парламентарни избори кога сака, ние сме тука и посилни сме од ДУИ. Јавната поддршка за Стево Пендаровски во вториот круг дополнително би ја „оверила“ и проблематичната прозападна линија на дел од албанската опозиција и нејзино наметнување како сериозен антипод на ДУИ и потенцијален коалициски партнер на СДСМ. Но тоа второ полувреме веројатно ќе го гледаме подоцна во текот на годината.

ВМРО-ДПМНЕ. За главната опозициска партија овие избори не се „да се биде или не“. Но за Христијан Мицковски тие секако се. Целата предизборна конструкција моделирана во стратегијата на опозицијата е всушност обид на Мицковски и раководството да ги преживеат овие избори и да го зацврстат сопственото владење во партијата, чекајќи ги следните парламентарни избори со релативно солиден политички капитал. Веројатно нивната проценка е дека тој капитал би се движел помеѓу 350 и 400 илјади гласа, бројка која веројатно би била инфлатирана во однос на реалната моментална сила на ДПМНЕ, но изборот на кандидатка која може широко да ја фрли мрежата им овозможува вешто прикривање на лошата состојба и отвореното фракционерство во која се наоѓа партијата. Со над 350 илјади гласови, и покрај извесниот пораз во вториот круг, Мицковски ќе се обиде да ги неутрализира фракциите и повиците за политички линч, веројатно веднаш ќе повика на предвремени парламентарни избори и ќе биде многу, многу здодевен во таквото инсистирање. Ваквиот развој на настаните нема да ја отрезни македонската опозиција и нема да ја направи поконструктивна, а условно кажано реформаторските сили во партијата дополнително ќе ги маргинализира или претопи во партиската маса. 

ДУИ. За вечниот партнер во сите влади првиот круг од овие избори ќе биде утринското перде зад кое ќе се покрие грдото лице на ноќната убавица. ДУИ ќе прогласи победа на овие избори и дури ќе има легитимно право да ја прогласи. Ем нема да мора да си ги покаже нозете, ем ќе се перчи со победата на (се разбира лажниот) концепт за консензуален кандидат. Ем, како трето, (повторно лажно) ќе претендира дека за првпат една албанска партија отишла отаде етничките меѓници и поддржала над-етнички кандидат. Волкот ќе биде сит, овчарот изеден, а овците нема да има кој да ги брои. 

СДСМ. За владеачката партија овие избори се важни од најмалку два аспекта. Победата на Стево Пендаровски ќе биде де факто легитимација на Преспанскиот договор и очекувањата се дека со тоа ќе се затворат контроверзите околу неговата дубиозна поддршка на референдумот и особено мачните слики во Собранието при гласањето на уставните амандмани. По вториот круг на претседателските избори, Република Северна Македонија ќе почне да живее и ќе треба навистина да ѝ посакаме среќа и успех. Второ, изборот на Пендаровски е најдобриот можен избор на Заев, без разлика дали тој избор е индиректно изнуден или не му е по мерка лично на Заев. Со Пендаровски, СДСМ овозможува најширока можна поддршка од гласачите, дури и оние кои се разочарани и незадоволни од владините политики. Исто така, да не заборавиме дека токму Пендаровски имаше сериозни, напати неодмерени критики за процесот на решавање на името во текот на самото негово калење. Тие изјави се едновремено предност и хендикеп на идниот претседател на државата. И конечно, резултатот на Пендаровски на овие избори (и во првиот и во вториот круг) тешко ќе може да се „преведе“ во конкретни бројки за секоја партија одделно. Претпоставувам дека коалициските партнери (секој одделно) ќе се обидат да се накитат со понекое туѓо перје. Ќе биде забавно да се гледа како на пример ДУИ вели дека за Пендаровски гласале 100 илјади нивни граѓани, и тоа не „обични“ Албанци, туку поддржувачи на ДУИ (или таман некој глас повеќе од бројот на гласови што би ги добил Блерим Река), додека СДСМ истовремено вели дека за СДСМ гласале толку и толку Македонци и толку и толку Албанци (не поддржувачи на ДУИ, туку „вистински“ Албанци). На крајот, можеби партиите ќе ни „соопштат“ дека за Пендаровски гласале 100 или 150 илјади гласачи повеќе (според партиските пресметки) отколку реалниот број на гласови што ќе ги освои тој. Сепак, настрана партиските вратоломии и тесни интереси, факт е дека за првпат во државата имаме кандидат за претседател кој уште во првиот круг може да се надева на широка поддршка од страна на двата доминантни етникума во државата. Од денешна перспектива, фантастичниот успех на Имер Селмани на изборите во 2009-та година се чини дека сепак беше Халеева комета во однос сегашната поставеност на предизборното соѕвездие. 

***

Претседателот на државата поседува висок легитимитет и истовремено скромни уставно дадени моќи. Ваквата (намерна) недореченост во Уставот создава непријатна политичка пракса. Избран од високо мнозинство на гласачи (400, понекогаш и над 500 илјади гласови), тој е немоќен да се „искаже“ во политичка смисла. Тој никогаш нема доволно сила да ги исполни дадените ветувања во предизборната кампања, нема можност евентуално да му застане на патот на владеачкото мнозинство (што би било класичен checks-and-balances), а големиот број гласачи кои го избрале со право очекуваат повеќе „вредност за парите“. Овој аргумент упатува на тоа дека претседателот на државата е несоодветно вграден во нашиот политички систем. Оттука, да не нѐ чуди доколку првите претседателски избори во Република Северна Македонија бидат и последните. Следниот претседател веројатно ќе биде биран или со 30% цензус, или во Собранието на РСМ, со укинати или драстично намалени надлежности. 

DW.COM

Реклама