Сѐ уште нема потврда дека нападот во Лимбург бил тероризам | Свет | DW | 08.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Сѐ уште нема потврда дека нападот во Лимбург бил тероризам

По нападот со камион во германскиот град Лимбург е уапсено едно лице. Во нападот се повредени деветмина. Мотивите на напаѓачот сѐ уште се непознати.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер вели дека истрагата за нападот во Лимбург сѐ уште трае и дека во моментов не може да се каже „како да се оквалификува“ делото. Повикувајќи се на безбедносни извори, телевизијата ЗДФ и „Билд“ јавија дека безбедносните служби истражуваат можна терористичка позадина на делото. Од Германската криминалистичка служба засега нема потврда на ваквите информации. „Кога ќе се случат вакви работи, мора да ги имаме сите можности предвид. Токму тоа и го правиме и во моментов не исклучуваме воопшто ништо“, се вели од службата и се најавуваат нови информации во текот на денот.

Напаѓач во центарот на градот Лимбург вчера со украдено товарно возило се заби во повеќе автомобили. Притоа, според полицијата, лесно повредени се девет лица. Возачот на камионот, кој е исто така повреден, е уапсен. Се работи за Сириец кој во Германија се наоѓа од 2015 година и кој, според информации на агенцијата ДПА, во 2016 година добил супсидијарна заштита (право да се остане во Германија поради тоа што лицата се соочени со сериозни проблеми доколку се вратат во татковината, односно можност да се остане врз основа на правилото со кое Германија се откажува од протерување поради болест на лицето). Уапсениот, според сознанија на властите, немал контакти со милитантни салафисти или други екстремисти. Сириецот роден во 1987 година досега не се изјаснил за нападот.

Весникот „Франкфуртер ноје пресе“ вчеравечер го цитираше вистинскиот возач на камионот, од кого напаѓачот го украл товарното возило: „Еден човек ме извлече од камионот.“ Додека чекал на семафор, непознато лице го извлекло од возилото и го гледало со широко отворени очи, вели возачот. „Што сакаш од мене?“, го прашал тој човекот. „Но не одговори ништо. Го прашав уште еднаш. Потоа ме извлече од камионот“, вели возачот. Весникот пишува и дека на лицето кое било зад управувачот на камионот му било прво пружена помош од страна на минувачите, кои тврдат и дека човекот повеќепати рекол „Алах“. 
 

Реклама