Сѐ уште дилеми за ОТА: вистинско решение или маскота? | Македонија | DW | 28.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сѐ уште дилеми за ОТА: вистинско решение или маскота?

Што ќе донесе ОТА - поголема заштита на приватноста и поефикасен надзор, или само нови трошоци? Заради брзање, за дел од прашањата немало можност потемелно да се дебатира ни во стручната комисија, велат нејзини членови

Сетот од законски проекти кои треба да го реформираат безбедносниот сектор го помина филтерот на Владата, а предлозите и натаму отвораат серија прашања поради страв дека старите девијации може да се повторат во нова форма. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во опозициските денови сите прес-конференции по објавувањето на „бомбите“ ги завршуваше со една порака: „Ова зло никогаш повеќе да не се повтори!“ Во тоа се надеваат граѓаните на Македонија, а дел од експертите не се се подготвени да дадат бланко доверба на пакетот реформски закони, се додека не ја видат нивната имплементација на дело. 

„За решавање на проблемот со незаконско прислушкување потребни се реформирана професионална служба за безбедност наместо партиска полиција, и востановување веродостојни безбедносни процедури“, потенцира професорот од Правниот факултет на УКИМ, Гордан Калајџиев.

„Најмногу ме мачи што целата оваа брза реформа започна со една непотребна измама, дека моделот одбран од МВР наводно поминал на Влада. Тоа излезе обична лага, сега филувана во образложението на законите како 'автономна одлука' на некаква голема стручна комисија, во која членував и самиот. Кога бевме деца, на оние што ќе излезеа насамарени им велевме 'стара финта- нова будала', а со реформава може да ни се случи токму обратното - со нова финта сите да останеме старите будали!“, предупредува Калајџиев.

Повеќе на темата:

-Стариот монопол на УБК ќе се препакува во новата ОТА?

-Прибе: Eдна форма на заробена држава не смее да се замени со друга

-Година и пол затвор за Грујевски, СЈО задоволно

Неговите забелешки се насочени најмногу кон избраниот модел за формирање Оперативно-техничка агенција (ОТА) каде треба да се пресели опремата за следење на комуникациите, со која досега располагаше Петтата управа во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Од МВР не сакаат да кажат каде ќе биде сместена ОТА, колку вработени ќе има, ни колкави се финансиските импликации за спроведување на реформата. Директорот на УБК, Горан Николовски, потенцира дека моделот е преземен од Хрватска, која, пак, го преземала од Велика Британија. Новината е дека ОТА нема да може да ги слуша разговорите, следењето ќе се спроведува по издадени наредби со телефонски број, но без да знае кому му припаѓа бројот, и нема да биде корисник на тој материјал. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најави дека ОТА ќе почне со работа на 1-ви ноември 2018 година, а за заштитата на приватноста на граѓаните и за спречување на евентуални злоупотреби до тој датум, веќе се грижи специјален подофицер.

Ќерка фирма на УБК

Спротивно на моделот со Агенцијата, експертската група на Прибе препорача модел според кој вклучувањето (овозможувањето) на прислушкувањето треба да биде кај провајдерите, кои би го овозможувале тоа само по судска наредба од овластен орган. Но, ни по јавниот увид на нацрт- законот, препораките на Прибе и и сличните експертски сугестии не беа прифатени.

„МВР не го прифати ваквиот модел наводно од причини на безбедноста, бидејќи операторите се странски компании“, вели Калајџиев.

„Моделот што е прифатен останува со сериозна слабост, бидејќи сите комуникации, како и досега, им се достапни (на тацна) на државните органи, а како компензација се нудат во суштина две дополнителни гаранции: 1) ОТА наводно само ќе вклучува, без да може да ја слуша содржината на разговорите и 2) воведување на сериозен надзор врз ОТА и службите. За волја на вистината, ни едното ни другото однапред не гарантираат успех, па целава реформа ќе мора и натаму да биде под сериозна опсервација на домашната и меѓународната јавност. Приказната со ОТА би била поубедлива, ако уште однапред не беше очигледно дека таа е само 'ќерка фирма' на УБК, во која ќе се 'вработат'  кадри на УБК (Законот за ОТА предвидува тие да бидат преземени без оглас?!). Впрочем и целиот предлог-закон за ОТА 'мириса' на МВР: овластени службени лица со  30% покачувања, бенифициран стаж и т.н“, објаснува Калајџиев.

Reinhard Priebe 2005 (picture alliance/AP Photo/S. Ilic)

Рајнхард Прибе

Со оглед на тие забелешки, смета дека ОТА сама по себе не е некоја голема гаранција.

„Не би ме чудело ако наместо квалитет во смисла на поголема заштита на приватноста, таа доведе само до нови трошоци. Ова особено ако однапред се знае дека вториот столб, ефикасниот надзор е исто така нешто што однапред не може никој да го гарантира! Згора на сė, законите што се предлагаат молкум внесоа и некои нови ризици за човековите права, како што се новите овластувања на УБК и другите безбедносни служби покрај прислушкувањето, како тајно следење и снимање, тајни претреси и слично. За овие немаше ни прилика потемелно да се дебатира“, вели професорот и член во стручната комисија.

Најважен е надзорот

Дали и колку ќе се развласти УБК во оваа смисла, и дали ќе се обезбеди силен и стручен надзор, ќе зависи и од дебатата за овие законски проекти во парламентот. Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, смета дека мора да има стручен собраниски надзор, во кој, мнозинство членови секогаш треба да има опозицијата.  

Досегашната улога на УБК завчера ја критикуваше претседателот на државата, Ѓорге Иванов, во годишното обраќање пред парламентот.

„Жариштето на речиси секоја, па и на оваа политичка криза во Македонија е лоцирано на едно место, а тоа е Управата за безбедност и контраразузнавање и нејзиниот оддел за техничка поддршка“, рече Иванов и обвини за доцнење на реформите во безбедносниот сектор, кои се дел од итните реформски приоритети. Нивното спроведување го пролонгираше политичката криза од 2015 година, и настаните потоа. Владата завчера утврди неколку предлог-закони со кои сега треба да се спроведат тие реформи. Покрај предлог-законот за ОТА, за изменување и дополнувања на Законот за електронските комуникации, и за дополнување на Законот за класифицирани информации, утврден е и предлог законот кој се однесува на следење на комуникациите. Тој ја уредување остапката за спроведување посебна истражна мерка - следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации; на мерките за следење на комуникациите заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата; на обврските за ОТА и операторите, како и надзорот и контролата над спроведувањето на тие мерки. 

 

DW.COM

Поврзана содржина