Судството и обвинителството „од гаќи истресени“ | Северна Македонија | DW | 20.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Судството и обвинителството „од гаќи истресени“

Јавни прозивки, критики и обвинувања меѓу обвинителството и судот по реакциите на обвинителката Русковска на пуштањето во домашен притвор на Катица Јанева. ВМРО-ДПМНЕ обвинува за „театар на власта“, Заев не коментира.

СМС порака испратена од обвинителката Вилма Русковска до еден апелациски судија ги подигна тензиите меѓу двете правосудни институции и донесе бројни реакции во јавноста. 
Русковска веќе најави дека планира да спроведе финансиска истрага во Апелацискиот суд откако вчера тој одлучи да и го замени притворот на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева со домашен притвот. Но денеска беше објавена и СМС пораката која Русковска му ја испратила на еден од судиите.
„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“, пишува во пораката. 
Од обвинителството не ја демантираа нејзината содржина, но жестоката реакција на Русковска ја оправдуваат со „моментално разочарување“. Од Јавното обвинителство инсистираат дека ги почитуваат судските одлуки и не се мешаат во работата на судската власт.
Но најголемите критики пристигнаа токму од судовите. Апелацискиот суд денеска одржа итен колегиум на кој присуствуваа и тројца членови на Судскиот совет. Оттаму со соопштение ги осудија критиките на Русковска и ја информираа јавноста за содржината на СМС пораката. 
Од Судскиот совет и префрлаат на Русковска дека извршила серија прекршувања на етички и законски норми и дека се обидела да изврши притисок врз судиите.
Со оценки за случувањата се јави и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се работи за „театар на власта“. 
„Денеска веќе е јасно за какво организирано сценарио се работи каде што театрално глумат и се караат Русковска и Апелација, па ќе се пријавуваат во полиција каде што министерот е најблизок на Зоран Заев и во спрега со ова обвинителството, за на крај да Зоран Заев тврди дека е потребно ветинг по негова мерка“, изјави портпаролот на опозициската партија Димче Арсовски.
Критики стигнаа и од Алијансата на Албанците која во ослободувањето на Јанева гледа фаворизирање по етничка основа. 
Премиерот Зоран Заев одби да го коментира случајот образложувајќи дека не сака да се меша во работата на правосудството.

 

DW.COM

Реклама