Судскиот совет ќе расправа за Панчевски, но датумот е тајна! | Македонија | DW | 16.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Судскиот совет ќе расправа за Панчевски, но датумот е тајна!

„Прво треба да утврдиме дали зад известувањето навистина стојат судии“, вели претседателот на Судскиот совет, но не прецизира како би направиле тоа. „Можеби некој од потпишаните сам ќе се обрати“, вели Караџовски

Нашата работа е континуирана, но поради сензитивноста на состојбите, во оваа фаза не би зборувал кога Судскиот совет официјално ќе расправа за добиеното известување од судии противпретседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, изјави за ДВ претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски. 

Тој и членовите на Судскиот совет вчера добија писмо потпишано од тринаесет судии од Основниот суд Скопје 1, во кое реагираат дека претседателот на судот, Владимир Панчевски, ја злоупотребува официјалната интернет-страница на судот со објавување „лични постапувања и ставови за одреден судија“.

Караџовски смета дека известувањето ќе имало поинаква тежина ако било потпишано од судиите со име и презиме, а не со скратени потписи.

„Лично, известувањето го сметам за анонимно, бидејќи е доставено со кратки и нечитливи потписи. Ќе имаше поинаква тежина ако беше потпишано со име и презиме. Но, без оглед што е анонимно, ние уште утре (16.11. - н.з) на колегиум ќе разговараме за тоа, со оглед дека е доставено до сите членови на Судскиот совет“, вели Караџовски. Како што потенцира, „поради сензитивноста на состојбите, датумот за официјалната расправа за случајот, во оваа фаза нема да биде соопштен“.

Тој не го коментира фактот дека токму скратените потписи на судиите треба да бидат сигнал за Судскиот совет, за тоа колкави се стравувањата на судиите од притисоци и реваншизам поради нивната постапка. Но, вели дека не е изненаден од добиеното известување, бидејќи и досега во Судскиот совет добивале дописи од загрижени вработени и испитувале дали има злоупотреби.

 „Сега треба да утврдиме дали зад известувањето навистина стојат судии“, вели Караџовски, но не прецизира како би го направиле тоа и дали тоа утврдување би се претворило во друг вид притисок.

„Можеби некој од потпишаните сам ќе се обрати“, вели претседателот на Судскиот совет, и посочува дека „случајот го одбележуваат два моменти“. 

„Прво, тоа е анонимноста на извесувањето, и второ, не би сакал да верувам дека има некаква политичка агенда, со оглед дека претстојат избори во земјата, но и избор на претседатели во двата големи суда - Врховниот и Кривичниот“, потенцира Караџовски.

Да не се меша приватното со службеното

Минатата недела претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, преку соопштение потпишано од судот, информираше дека дал исказ во Основното јавно обвинителство во врска со кривичната пријава што против него ја поднесе судијата Иван Џолев и дека веднаш потоа му поднел контрапријава заради лажно пријавување на кривично дело. Инволвирањето и злоупотребата на судот во личните постапки на Панчевски, предизвика незадоволство меѓу судиите.

„Судијата Владимир Панчевски, како претседател на судот, информира за свои лични постапувања и ставови за одреден судија, при тоа крајно не почитувајќи го неговиот интегритет како судија. За ова тој ја користи официјалната веб-страница на судот. Се оградуваме од наведеното, имајќи ја предвид судската етика и морал, а воедно и почитувањето на тајноста и на заштитата на интегритетот за каква било поведена постапка кон судија... Со оглед дека односите меѓу колегите се крајно нарушени, засегнати сме сите ние со наведеното известување, бидејќи може тоа да биде кој било од нас, кој во моментов не се согласува со сегашниот претседател. Во таа насока се обраќаме до вас, како надлежен орган, во согласност со вашите законски овластувања, да преземете соодветни мерки кон претседателот на судот…“, се вели во писмото на судиите до Судскиот совет.

Панчевски минатата недела за ДВ изјави дека потписот на судот под негово лично соопштение воопшто не е спорен, бидејќи тој е прв судија во судот.

Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд и на Основниот суд, нема никаква дилема дека во случајот има тешка повреда на одговорноста од страна на претседателот на судот, а писмото од судиите го смета за реален одраз на состојбите во судството.

„Претставката од судиите може да вроди со плод ако Судскиот совет поведе постапка за утврдување на одговорноста на претседателот на судот. Одговорноста на претседателот се утврдува на ист начин како и одговорноста на судиите. Нема дилема дека во случајов има тешка повреда на одговорноста од страна на претседателот на судот. Не смее да се меша приватното со службеното. Тоа е недозволиво, и не смее и натаму да се толерира“, дециден е Илиев.

Пред неколку дена претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова во емисијата „360 степени“ изјави дека во Судскиот совет често зборувала за одредени несоодветни постапки на Панчевски.

„Тоа не може да биде алиби за амнестирање од сопствената одговорност за работата на пониските судови. И тоа не се прави усно. Се знае како се бара утврдување одговорност - со конкретна постапка“, потенцира Илиев.

Реагираат и стручните соработници

Но, реакцијата на судиите не е единствена, бидејќи незадоволството кулминира и меѓу стручните соработници.Десетина од нив вчера со допис се обратиле до претседателот на судот, во кој реагираат поради тоа што без соодветна одлука, а дел и со одлука на претседателот, биле распоредени на работни места кои не се соодветни на нивните професионални квалификации.

„Ви укажуваме дека е потребно да извршите ревидирање на Вашите усни наредби и одлуки и ревидирање на писмените одлуки“, се вели во дел од рекацијата на стручните соработици.

Тие бараат од Панчевски и да ја повлече казната за еден судски работник, кој бил казнет за неизвршување на работните задачи, според измислена норма од 400 предмети.

Денот во Кривичниот суд вчера не го одбележаа само преписки, туку и физичка пресметка меѓу дел од вработените. Како што соопшти судот, раководител на одделот за човечки ресурси физички ја загрозил сигурноста на портпаролка во судот, во присуство на судија за претходна постапка. Нападнатата телефонски го пријавила настанот, полицијата интервенирала и случајот бил документиран. Од страна на нападнатата против напаѓачот била поднесена кривична пријава по член 144 став 3 - „загрозување на сигурноста“.

„Во врска со настанот и од страна на судската управа ќе бидат преземени соодветни мерки“, се вели во соопштението од судот.

 

DW.COM

Реклама