Судот не ги прифаќа доказите на СЈО против Груевски | Македонија | DW | 16.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Судот не ги прифаќа доказите на СЈО против Груевски

Во Кривичниот суд денеска се одржа подготвително рочиште за предметот поднесен од СЈО за наводно нарачани насилства во општината Центар во 2013 година. На обвинителна клупа е Никола Груевски и 13 други лица.

Судијката Татјана Михајлова денеска ги отфрли „бомбите“ како доказ на судењето на лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски и 13 други лица за насилство во општина Центар и нарачаните шамари за градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, со образложение дека биле набавени на нелегален начин. Таа го одби и предлогот на СЈО во доказната постапка да биде сослушан заштитен сведок.

Груевски, се појави во судот заедно со други обвинети, како поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и двајца советници од општина Центар. Судот им забрани на присутните новинари и фоторепортери да ги снимаат Груевски и останатите обвинети. 

Според Специјалното јавно обвинителство, државните функционери од лукративни причини го организирале и поттикнале насилството врз општина Центар со цел да ја запрат измената на Деталниот урбанистички план, со што би се нарушиле нивните и бизнис интересите на партискиот врв и на одредени бизнисмени.

„Во јуни 2013 првообвинетиот со умисла побарал, а второобвинетиот прифатил и поттикнал дел од членството на партијата да извршат грубо насилство врз градоначалникот и советници во општина Центар. Мотивите на првообвинетиот се чисто лукративни заради опстојување на бизнис интересите на партискиот врв и нивните блиски бизнис партнери", изјави на средината од септември Фатиме Фетаи, која е и обвинителка во случајот. СЈО тогаш не го соопшти идентитетот на обвинетите, но изнесените детали упатија на телефонскиот разговор од 1 јуни 2013 година, кој беше објавен од опозицискиот СДСМ, а во кој Груевски од Јанакиески нарачува некој да отиде во општина Центар и „да му врзе 3-4 шамари" на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

За ВМРО-ДПМНЕ и овој случај е дел од политичката агенда на СЈО и СДСМ.

Судењето треба да започне во февруари поради тоа што судијката Михајлова во меѓувреме ќе била отсутна од државата.

DW.COM

Реклама