Судир на концепти или интереси - владиниот економски тим е во криза? | Економија | DW | 29.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Судир на концепти или интереси - владиниот економски тим е во криза?

Несогласувањата во Владата околу економските политики испливаа на виделина. Се „истрча“ ли Анѓушев случајно или намерно со јавната контра на Тевдовски за даночната реформа?

Во владиниот економски тим нешто сериозни шкрипи. Оваа информација, која до вчера важеше за шпекулација, доби на тежина по несогласувањата кои на јавна сцена ги демонстрираа двата клучни играчи во економскиот тим на премиерот Зоран Заев. Министерот за финансии Драган Тевдовски и вицепремиерот Кочо Анѓушев ги судрија ставовите околу даночната реформа, конкретно - околу прагот за зголемување на персоналниот данок. На панел дискусија, Тевдовски најави дека приходите над 1000 евра ќе се даночат со 18% персоналец, Анѓушев пак му возврати оти смета дека прагот треба да биде повисок.

Вицепремиерот смета дека е демократски да се дебатира за разликите, но дали и да се спори пред публика, посебно ако станува збор за една од клучните реформи во владината економска програма која ги тангира граѓаните, но и бизнисмените? Ваквиот пристап отвора сериозни дилеми и на некој начин ги потврдува информациите дека во Владата веќе извесен период има отворен судир околу економскиот концепт. Дел од упатените предупредуваат дека работите се отидени дотаму што владее вистинска нетрпеливост што влијае на ефикасноста во работењето. Од Владата ги демантираат ваквите информации:

„Нема судир на економски концепти, има отворена демократска дебата за тоа кои економски политики се во најдобар интерес на граѓаните и за економијата на земјата“, изјави за Дојче веле владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Неискуство

Експертската јавност пак критикува за несериозност во процесот. Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини не гледа причини за поголем судир, но смета оти е недозволиво функционерите во Владата да се мешаат во работи кои не се во нивна надлежност:

„Вицепремиер за економија не смее толку да се експонира во областа која е исклучиво надлежност на министерот за финансии. Посебно околу делот на даноците. Тој е заменик на премиерот и треба да се занимава со развојот на економијата, а не да го брани интересот на капиталот. Е сега и Уставниот суд видовме оти констатираше дека таа позиција е неуставна, но гледаме дека Заев уште не презема мерки како тоа да го премости. Но и на другиот(Тевдовски, н.з.) не му требаат овие левичарски експерименти затоа што на крајот на краиштата и нема специфична тежина која ќе биде долната граница ако се знаат ефектите и колкав е опфатот на засегнатите. Затоа сметам дека за една мерка, за еден безначаен феномен, создаваат фама дека се работи за големи несогласувања. Не смеат така да излезат во јавноста, нека се договорат, нека пресече премиерот, па потоа нека излезат со заеднички став. Но очигледно е дека се неискусни како функционира Влада“, предупредува Хајредини.

„Владата треба да е како семејство“

Загрижени се и стопанствениците кои предупредуваат дека ваквото поведение фрла лоша слика за општиот економски амбиент:

„Економската политика најмногу зависи од економското опкружување. Еден од основните фактори на економското опкружување е стабилна политичка клима. Каква стабилност покажуваш ако двајца министри од една влада дебатираат вака јавно? Јас не можам да кажам дека не сум на страната на Кочо Анѓушев дека прагот за персоналецот е смешен, минорен и глупав. Но тоа не значи дека разногласието треба да оди на ваков начин. Владата треба да е како семејство, внатре може да се колете колку сакате и тоа треба сериозно да го правите, а надвор да излезете со заеднички став и ниту фластер да не се види. Но, не е добра приказната, тоа што имаат разногласие е најмалиот проблем“, реагира Горан Рафајловски, бизнисмен од Стопанската комора.   

Повеќе:

Јавниот долг во „рикверц“- реално остварливо сценарио

ММФ: На Западниот Балкан му е потребен инфраструктурен бум

Светска Банка: Охрабрувачки прогнози за растот во Македонија

Позната болка

Даночната реформа сепак не е единствениот пример за „раштиманоста“ во Владата. Несогласувања и конфликти предизвикувале и политиките на „солирање“ на дел од министрите кои на своја рака фаворизирале одредени проекти. Добар дел од нив, според нашиот извор, биле токму од ресорот кој го предводи вицепремиерот Анѓушев. Ваквиот пристап создавал и забуни од типот на оние - како и за што ќе се трошат парите кои турски ТАВ требаше да ги инвестира во изградба на карго аеродром во Штип. Станува збор за 45 милиони евра кои треба да станат оперативни до крајот на годинава. Премиерот Заев најави дека тие ќе се искористат за канализациски и одводни системи во општините, како и за изградба на градинки и училишта, за што на посебна средба ги известил и градоначалниците од кои побарал да му достават и барања за нивните потреби. Во исто време, вицепремиерот Анѓушев средствата по овој основ ги најавувал и како поддршка на еколошки проекти, односно зелени технологии во делот на регионалните депонии кои допрва треба да се развиваат по пат на концесија, што отвора дилеми кои проекти ќе бидат приоритет - оние што ги ветува премиерот Заев, или пак тој, коментира нашиот извор.

NO FLASH Mazedonisches Kabinett

Во времето на владеењето на Никола Груевски исто така имаше нетрпеливост

Нетрпеливоста и спротивставеноста во владините економски тимови не се новина со оваа Влада. Слично, ако не и полошо, беше во времето на владеењето на Никола Груевски кога јавна тајна беше дека поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и вицепремиерот Владимир Пешевски „не сакаа да се видат“. Но за разлика од  нивните сегашни наследници, кои јавно спорат околу своите несогласувања, овие тоа вешто го криеа од јавноста. Сепак, колкаво било нетрпението и несогласувањето открија т. н. опозициски „бомби“. Во една од нив, Ставрески разговорајќи со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Пешевски го нарекуваа со погрдни зборови како „Хипо“, „куп месо“, „ѓубре дебело“, „идиот невиден“, „копиле“, „свиња дебела“.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид