Судир Израел – Хамас: Уште колку долго ќе мирува Хезболах? | Свет | DW | 17.05.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Судир Израел – Хамас: Уште колку долго ќе мирува Хезболах?

Ако шиитската милиција Хезболах, диригирана од Иран, го нападне Израел од Јужен Либан, војната во Газа може да прерасне во голем регионален пожар. Досега милицијата се воздржува, но колку долго?

Во Западен Бејрут „царува“ Хезболах. Сиви фасади, насликани со натпропорционални портрети на загинати маченици. Тукушто завршува еден од многуте собири за демонстрација на солидарност со Палестинците, одекнуваат последните борбени пароли, се завиткуваат знамињата, остануваат неколку луѓе, кои се разликуваат од обичниот народ – носат костуми, заштитни маски на лицето – тоа се политички функционери на Хезболах.

Со денови се обидуваме да го дознаеме ставот на моќната шиитска милиција за актуелата криза на Блискиот Исток. Дали ќе остане мирна или ќе го користи својот огромен ракетен арсенал за да го ракетира северен Израел од Јужен Либан? Нашите прашања испратени до прес-центарот на Хезболах остануваат неодговорени.

„Моментно проблемот е во Палестина и во Ерусалим“

Сега на улица го среќаваме Али Мугдад, парламентарен пратеник на Хезболах, по професија невролог, во Бејрут познато лице. Го прашуваме – дали Хезболах ќе остане воздржан?

„Ситуацијата моментно се концентрира врз Палестина“, вели тој . „Ја поддржуваме Газа, секој од нас целосно стои зад она што го прават Палестинците. Но во моментов проблемот е локализиран таму. Што ќе се случува, никој не знае. Во моментов проблемот е во Палестина и во Ерусалим“.

-повеќе: 

Израелско-палестинскиот конфликт им одговара (речиси) на сите

На повидок хуманитарна криза во Појасот Газа

Нетанјаху: Ќе ја постигнеме целта

Мугдад вели „Палестина“, за како и многумина претставници на Хезболах, да го избегне зборот Израел. Инаку, оваа изјава од претставник на Хезболах, со оглед на сликите од Газа, звучи прилично умерено. Нема закани, нема борбена реторика на која сме навикнати од борбено искусната шиитска армија во сенка, која брои преку 250.000 борци и располага со, според проценките, 130.000 ракети.

На економско дно

Но, постојат добри причини за воздржаноста на Хезболах. За војна или мир на израелската северна граница не одлучува милицијата, туку режимот на мулите во Иран, кој со години го финансира и вооружува Хезболах. Меѓутоа, Иран сега има други приоритети, ново заживување на Атомскиот договор заради намалување на притисокот на санкциите.

Освен тоа Либан моментно е на економско дно, валутата се распаѓа, снабдувањето со електрична струја секој ден доживува неколку прекини, на бензинските пумпи бензин има само спорадично. Дури ни Хезболах не може да си дозволи да го принуди руинираниот Либан на конфронтација со Израел.

„Само еден збор и ние удираме“

Прашањето сега е дали водството на Хезболах ќе може да ги заузда своите приврзеници. Притисокот расте секој ден со опсипувањето на Појасот Газа со израелски бомби. На викендот неколкумина припадници на Хезболах се обиделе да влезат преу граница во Израел, израелската армија убила двајца млади мажи.

„Израелците испалија и три тенковски гранати, ме погоди шрапнел во ногата“, вели Хусеин, кој учествувал во протестната акција и ни го покажува завојот.

Вакви млади луѓе бараат од раковоството на Хезболах напад врз Израел од Јужен Либан. Некои од нив се чини горат од желба за тоа, што покажуваат графити на куќите во Западен Бејрут. „Еден збор од нашиот водач Хасан Назралах и ние тргнуваме“, вели Хусеин. А еден друг вели: „Не треба да чекаме, уште сега треба да се бориме“.