Судирот меѓу Турција и Грција и новата реалност во Средоземјето | Свет | DW | 28.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Судирот меѓу Турција и Грција и новата реалност во Средоземјето

Што стои во заднината на актуелниот судир меѓу Грција и Турција и кои се причините за новата турска експанзија во Средоземјето, која, далеку од само енергетска, е всушност геополитичка и геостратешка определба.

Воени ветришта дуваат во источниот дел на Средоземното море откако веќе неколку месеци Турција и Грција се судираат околу новата поморска и енергетска експанзија на Анкара во Средоземјето и Егејот.

Работите опасно ескалираа овој месец и особено овие последни неколку дена. Месецов еден турски и еден грчки воен брод опасно си се доближија во источниот дел на водите во Средоземно Море. Грците мораа да се повлечат пред турската флота. Потоа, Франција испрати воени бродови како поддршка за Атина во рамките на една од многубројните НАТО мисии во Средоземјето. Турската морнарица во тој случај го активираше радарот за вооружување на ракетите, последен сигнал пред нивно лансирање. Францускиот командант на бродот беше принуден да се повлече. Со тоа три земји НАТО партнери и на хартија се уште сојузници, застанаа едни спроти други. Евентуален нивен судир, би го означил крајот на НАТО алијансата.

Грчката влада во средата започна заеднички тридневни воени вежби со Франција, Италија и Кипар. Набрзо потоа, според информации од Анкара, два турски воени брода имале воена вежба со американски воен брод разурнувач. Во обид за балансирање помеѓу двете регионални сили во Средоземјото, САД одржаа воени вежби и со Грција.

Германија како претседавач со Унијата е во обид да посредува. „Никој не сака овој конфликт да се решава воено“, изјави министерот за надворешни работи Хајко Мас, по разговорите со двете влади во Атина и Анкара, во рамките на шатл-дипломатијата која ја води Владата на Меркел. Мастилото на германските весниците се уште не беше исушено од изјавата на Мас дека: „Секоја искра, дури и најмалата, може да предизвика катастрофа“. Во меѓувреме, Ердоган во средата веќе ги скрши сите илузии околу можното намалување на тензиите во источното Средоземје: „Турција ќе си го земе тоа што и припаѓа како нејзино право во Црното Море, во Егејот и во Средоземното море. Нема да правиме компромиси околу тоа што е наше“. Во однос на Грција, уште еднаш повтори: „Ако сака да ја плати цената, нека се соочи со нас, во спротивно, нека се тргне од патот“.

Повеќе на темата:

-Ново потенцијално буре барут во Европа

-„Игра со оган“ на Турција и Грција

-Војна поради економските зони во Средоземното Mоре?

Атина не е ништо помека во обид да се намалат тензиите, Владата на Мицотакис продолжува со тврдата линија и најави дека има намера да ги прошири територијалните води во Јонското Море од шест на 12 наутички милји. Тоа нема врска со зоната од интерес за Турција, но секако е порака до Анкара.

Сепак, и покрај опасните тензии, за очекување е дека германската иницијатива евентуално ќе успее да ги приближи двата клучни актери кои се судираат околу територијалните води и ексклузивните економски зони, со цел да се дојде до билатерален договор. И Анкара и Атина го прифатија посредништвото на Берлин, каде Германија уште еднаш покажува способност за рамнотежа и дипломатски капацитет. Тоа што загрижува се жестоките изјави на Ердоган и новата реакција на Мицотакис, кои ни кажуваат дека засега германската иницијатива можеби е неуспешна. Според дипломатски извори, Меркел направила повеќе телефонски разговори со двете држави и неуморно работи на смирување на тензиите.

Од 1996 година, кога турски командоси упаднаа на еден ненаселен грчки остров, Турција и Грција не се доближиле вака блиску до воен судир, и по итната средба на европските Министри за одбрана, средбите кои до сабота ќе ги одржат Министрите за надворешни работи, каде на масата се можни и санкции за Анкара, говорат дека во ЕУ владее висока свесност за опасноста од конфликт.

Наспроти напорите на Германија, Франција од друга страна, брзоплето се стрча во помош на Атина. Франција се разбира ги гледа своите интереси, и веќе повредената суета во Либија и Сирија од страна на Ердоган. Но, заедничките вежби со Грција, Италија и Кипар во близина на брегот на Крит, како одговор на воено-енергетските истражувања на Турција во регионот, ризикуваат само да дотурат бензин врз оганот. Официјална Анкара веднаш го обвини Париз дека поттикнува тензии во источното Средоземје. Втората опасност од акцијата на Париз е дека може да создаде несогласувања и раздор со клучниот европски партнер, односно со Германија. Берлин преку Министерката за одбрана Каренбауер веќе соопшти дека акцијата на четирите европски партнери „дефинитивно не помага“ во намалување на тензиите. Во превод, Меркел е бесна пред се со Италија и Грција.

Расположението и довербата за дијалог меѓу Турција и Грција е на историски минимум откако Анкара ја обвини Атина дека не го одржала своето ветување за решавање на поморските граници на билатерално ниво, особено после гестот на добра волја од Анкара која минатиот месец најави 30 дневен прекин на бушење во водите западно од Кипар. Всушност, токму преку дипломатската иницијатива на Меркел и телефонскиот разговор со Трамп, Министрите за надворешни на Турција и Грција требаше да излезат со заедничка изјава и да започнат со билатерални преговори. Но, ден пред заедничката изјава, Атина најави дека потпишала договор со Египет околу демаркација на заедничките поморски граници и дека ги дефинирала своите екслузивни економски зони, кои се преклопуваат со оние на Турција од нејзиниот поморски договор со Либија. Со други зборови, владее тотален хаос, и судирот кој ексалира помеѓу Анкара и Атина, всушност ги инволвира речиси сите земји од Средоземјето, секако највеќе Египет, Израел, Либија, Франција и Италија.

Но, што стои во позаднината на овој судир помеѓу Грција и Турција, кои се причините за новата турска експанзија во Средоземјето, која далеку од само енергетска, е всушност геополитичка и геостратешка определба. Мораме на почеток да потврдиме една историска константна. Кога станува збор за поморските тензии, а потоа и воените судири помеѓу земјите, тие неретко настанувале како последица од подемот на одредена морнарица, нејзиниот технолошки напредок, на кои најчесто се надоврзува и одредена експанзионистичка доктрина која ја растура или дестабилизира постоечката рамнотежа на сили.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Путин не може без Белорусија, но може без Лукашенко

-Операција Спутник: Путин и здравствената Студена војна

-До следниот пат, мој драг Бејрут

Токму тоа се случува со Турција, која својата новоотоманска доктрина за копнено проширување на сопствената геостратешка и геополитичка сфера на интерес, сега ја продолжува и на вода, односно, на своите поморски граници кои ги смета за неправедни или историски и политички анахрони. Новопронајдените поморските ресурси на природен гас само го подигнаа влогот во последните пет години и донесоа сосема нов контекст, во кој се понаметливата Турција се бори со неколку други играчи.

Поморската доктрина на Турција се нарекува „Мави Ватан“ или „Сина Татковина“. Сината Татковина всушност ја претставува поморската димензија на националната територија. Идејата на турската доктрина е дека не постои суверена национална територија која е само територијална, туку и дека водата, морето и поморските граници (утврдени или посакувани) се дел од неа. Во водата има ресурси, на вода се водат војни, на вода може да се постави одбрана или да се биде нападнати, односно, во доктрината на Сината Татковина се наведува нужноста водата да се третира како дел од националната територија. Тоа значи дека Турција сака своите нови поморски граници да ги дефинира и демаркира подеднакво прецизно како и копнените, и врз нив да има екслузивни економски права, како и територија врз која би го спроведувала својот суверенитет.

Проблемот настанува од фактот што овие граници наведени во Сината Татковина не се препознаени или признаени од страна на другите земји во регионот, особено не од страна на Грција која овие води ги смета за свои територијални води, и тоа највеќе во потегот од Родос до Крит. Затоа и турските барања или претензии не можеме да ги толкуваме како неутрални од геополитички аспект, туку напротив, тие предвидуваат конфликтуалност со многу земји, најповеќе со Грција.

Турците од тој аспект сметаат дека Грција има многу повеќе од тоа што заслужува, и дека благодарение на светските сили од минатото и сегашноста, има стекнато или одржано, порции од морето кое во дадени историски моменти неповолно и неправедно и биле одземени на Турција. Оттука Турција се чувствува заробена во територијалните води на Егејот и ограничена на своите два теснеци Босфор и Дарданели, како и на заливот во Анталија и Искендерун во источното Средоземје. Тука Турција смета дека е жртва на еден вид на поморски договор од Севр. Севрскиот договор бил крајно неповолен за Османлиското Царство. Османлиското Царство било поделено меѓу Франција, Италија и Велика Британија. Овој договор бил поништен по започнувањето на Турската војна за независност и потпишувањето на Лозанскиот договор од 1923 година на чело со Мустафа Кемал Ататурк, но и покрај тоа Анкара и ги отстапува сите Егејски острови на Грција со исклучок на островите Бозкада и Ѓокчеада. Сега Турција смета дека условите се драматично променети од тоа време и дека тогаш немале воена морнарица, додека сега имаат речиси комплетно независна и една од најбрзо растечките морнарици на светот.

Турција достигна степен на индустриски и технолошки поморски развој каде во ниедна компонентна на воената морнарица, од воени бродови, корвети, фрегати, лесни носачи на авиони, до подморници и придружни логистички бродови, не зависи од ниту еден надворешен фактор. И тоа постојано го потенцира во однос на Грција, која не само што е воено зависна од странски нарачки, туку е и неспоредлива со воената моќ која ја има Анкара. Тоа што Турција го бара е всушност признавање на геополитичката реалност на 21-от век, и затоа инсистира на билатерален договор со Атина, која досега успешно се крие зад поддршката на ЕУ.

Турција смета дека има уште еден силен аргумент во евентуалната правна борба со Атина. Грција на пример ги има островите Крит, Родос, Карпатос и Касос и овој синџир на острови немаат врска со континенталниот гребен во зоната на Источниот Медитеран. Исто и во Егејот, кој за Грција не е поморска зона на ниво на архипелаг, ниту пак Грција е држава – архипелаг. Оттука Турција смета дека сите острови во Егејот во рамки на 200 наутички милји можат да сметаат само на своите територијални води, и дека не се врзани за континенталниот гребен на Грција.

Таква е турската логика, додека грчката логика застанува на своите стекнати права и постоечки договори, како и на заштитата која заедно со Кипар ја ужива во рамките на ЕУ. Не случајно, заедничката поморска вежба која деновиве се одвива со Франција и Италија се вика „Еуномиа“. Во грчката митологија Еуномиа е божество на легалноста и доброто владеење. Во современа Грција пак, Мицотакис постојано се повикува на легалноста кога ги осудува експанзионистичките чекори на Анкара.

Што се однесува до енергетските и геополитички интереси на Турција во рамките на нивната поморска доктрина, Анкара има неколку цели. На енергетски план Ердоган сака од Турција да направи играч од прв план во снабдување со природен гас. Односно, амбицијата е да се претвори во енергетски коридор кој би се споил со Европа. На патот на таа амбиција му стои и фактот дека Грција, Израел и Кипар работат на договор и изградба на нов гасовод кој по деноминација барем би бил европски. Турција нема проблем само со гасоводот Истмед, туку и со својот сунитски противник Египет на Ал Сиси, кој е конкурент не само во дуелот во Либија, каде за разлика од Турција го поддржува генералот Хафтар, туку и во предноста која Египет ужива со своите преработувачки капацитети на природниот гас кој го добива од Израел. Дополнителен проблем за Ердоган е што Турција, како и Либан, поради тензиите со Грција и Кипар, не е дел од Форумот за гас за источното Средоземно Море (ЕМГФ) кој е поддржан од САД.

Покрај традиционалната отоманска оска која има интереси од Балканот до Месопотамија, од Виена до Багдад, Турција денес инвестира масовно во поморската оска и проекција на својата моќ и влијание, од теснецот Керч кај Крим, до Суецкиот канал, па дури и подалеку, бидејќи очигледно целта на Ердоган е да излезе до Индискиот океан и на тој начин Турција да добие и своја океанска проекција. И во двете од овие геополитички проекции, било тоа Балканската или Медитеранската оска, патот на Анкара е попречен од страна на Грција, која останува најважно стратешко прашање за Турција.

Од друга страна, Турција има тука уште две сили со кои мора да се измери, но и со кои де факто соработува. Тоа се Русија и Иран. На енергетски план Москва ја остава Турција да ги реализира своите амбиции затоа што го задоволува нејзиниот интерес да се прескокне Украина преку Турскиот поток. Ако пак Турција успее да ја блокира реализацијата на Истмед, тогаш Европа ќе остане енергетски зависна од Путин. На геополитички план, Турција и Русија соработуваат, што под маса, што на самата маса, и во Сирија и Либан, како и во Кавказот во судирот помеѓу Ерменија и Азербејџан, каде глумат дека се расправаат и дека се на различни страни, за потоа полесно да создадат предуслови за преговори и да се договорат. Така всушност со своето присуство создаваат критична маса на тие полиња и ги исклучуваат САД од влијание. Со Иран Турција тактички соработува иако стратешки е историски ривал, впрочем како и со Москва. Но, тука и врши услуга на Америка, блокирајќи го империјалниот персиски пат од Техеран, преку Багдад и Дамаск до Бејрут и Средоземјето. Во исто време си прави услуга самата на себе, спречувајќи создавање на евентуален Курдистан и нивен евентуален излез на море.

Каде е во се ова Америка, главната светска поморска сила и следствено, најсилната флота во Средоземјето?! Американскиот фокус кон Индо-пацификот и Кина направи услови за помалите или регионалните сили како Турција да освојат поголем простор за влијание и проекција на својата моќ. Потоа, геополитичкиот концепт на Римленд, на кој се базира евро-азиската политика на САД, не и дозволува на Америка да се откаже од Турција во својство на бариера за рускиот излез на топлите мориња, или за иранскиот продор кон југозапад.

Се разбира дека Америка не може и нема да се откаже од Средоземјето, бидејќи тоа би било еднакво на откажување од Европа, а знаеме дека кој што го контролира морето, го контролира и копното. Зафатена со Кина, со изборите и со своите домашни немири, Америка ја остава Германија во своите напори да воспостави договор и да ја поврати нарушената рамнотежа во Средоземјето. Доколку Германците не успејат во својот дипломатскиот обид, тогаш би дошле Американците да ја решат работата, и во тој случај, знаеме како оди работата - прагматично и со нов договор на маса.

Којзнае, можеби тоа да биде повод и за конечно одмрзнување на кипарското прашање, додека во спротивно, само ќе остане постоечкиот статус кво.