Судиите, политиката и буркините | Свет | DW | 27.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Судиите, политиката и буркините

Највисокиот француски Управен суд ја уника забраната за носење буркини во општината Вилнев-Лубе. Добра одлука, оценува Мартин Муно.

Дали буркините се закана за населението, за француското општество, па дури и за западниот систем на вредности? До пред неколку недели секој разумен човек на овие прашања ќе одговореше со силно вртење на главата во знак на негација.

Но, во времиња на терор и идеолошко напредување на деснопопулистички струења во цела Европа, работите со разумот се очигледно во дефанзива, иако во Франција нема фактичка поврзаност меѓу нападите и жените кои се капат.

Со оружје против штоф

Затоа, во околу 30 француски општини вооружени полицајци патролираат на плажите и спроведуваат соодветни декрети. Тие од жените бараат да ја соблечат облеката со долги ракави, или во спротивно ќе платат казна. Понижувачка процедура за погодените и огромен пропаганден успех за исламистичките фундаменталисти од секаков колорит.

Поимот „буркини“ притоа воопшто не се појавува во декретите, туку им се забранува пристап на јавни плажи на лица кои „не носат коректна облека, која ги респектира добрите обичаи и лаицитетот“. Со тоа на самоволието широко му се отвораат портите. Зашто, тоа ги погаѓа и жените кои воопшто не носат буркини, туку на плажите лежат со облека со долги ракави и шамија. Теоретски, може да се казни и жена која само страда од алергија од сонце.

„Добри обичаи“ - овде и таму

Muno Martin Kommentarbild App

Мартин Муно

Пасусот „коректна облека, која ги респектира добрите обичаи“ важи речиси и во секоја од земјите од арапскиот свет, само што таму жените треба да покриваат што е можно повеќе од своето тело. Според оваа логика, „не-коректна облека“ ги претвора жените на плажа или во развратнички или во потенцијални терористи. Добредојдовте во Апсурдистан - или во една комплетно машки доминирана - шовинистичка претстава за светот!

Тоа што не само Никола Саркози, кој на својот пат назад кон Елисејската палата не се стеснува да лови гласови во десниот табор, туку и социјалистичкиот премиер Мануел Валс пледираат за забрана на буркините, покажува колкав е печатот на популистичките струења во политичката култура во Франција и колку е останато од самосвеста на француското мото „Слобода, Еднаквост, Братство“. Вџашувачки се покажува колку многу шефицата на Националниот фронт Марин Ле Пен ја турка во својата патека целата политичка каста во државата.

Слобода и слободно време

Затоа, на судиите во највисокиот Управен суд мора да им се биде благодарен што ја укинаа забраната. Притоа, тие јасно укажаа дека декретот ја повредува слободата на вероисповед и индивидуалната слобода.

Една слободарска правна држава не би смеела да им пропишува на своите граѓани како да се облекуваат. Прописи за облекување можеби имаат смисла во полицијата или армијата, во судовите или - со ограничување - во училиштата. На јавните места, а особено на плажите, кои се места на слободата и слободното време, тие се израз на едно авторитарно поимање на државата. Демократија која тоа мора го прави, веќе се наоѓа на патот на поразот.

DW.COM

Реклама