Судење за 27 април: Кој подготвувал сендвичи за „крвавиот четврток“? | Северна Македонија | DW | 22.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Судење за 27 април: Кој подготвувал сендвичи за „крвавиот четврток“?

Во судницата на Основниот суд Скопје 1 денеска седнаа обвинетите за насилниот упад во Собранието од 27 април минатата година. Пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и екс-директорот на БЈБ, Чавков се меѓу обвинетите

Процесот против 30 обвинети за насилствата во Собранието на т. н. „крвав четврток“ на 27 април 2017 година, започна со музика од зурли и тапани пред судската зграда и препирки меѓу адвокатите и обвинителите во судницата. Барањaтa на дел од адвокатите на обвинетите да се одложи рочиштето поради недоставени докази од страна на обвинителството, беа одбиени од судијката Добрила Кацарска.

Обвинителниот акт го третира упадот во Собранието како организирана и координирана акција чија цел, меѓу другото, била и ликвидација на тогашниот опозициски лидер Зоран Заев.

Од обвинетите, 28 се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста според членот 313 од Кривичниот законик, а две лица се обвинети за помагање при вршење на истото кривично дело. Меѓу нив се и екс-директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ: Крсто Мукоски, Љубен Аранудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Љупчо Димовски.

Нови сознанија

Паралелно со почетокот на судскиот процес излегуваат и нови информации за она што се случувало на 27 април околу и во Собранието. Дојче веле дознава дека обвинителството ја истражува и злоупотребата на службените телефони со кои располагала Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).

Гледај видео 01:34

Трагите на „крвавиот четврток“

Според досегашните сознанија, најмалку еден телефон кој бил во сопственост на владината служба бил користен за да биде испратен првиот повик за мобилизација за „крвавиот четврток“. Бројот бил користен од лице што го обезбедувало екс-премиерот Никола Груевски во Виена. Во СОЗР не се водела речиси никаква евиденција за издадените службени телефони. Голем дел мобилни телефони се воделе и на име „претседател на државата“.

Дополнително, како што дознава ДВ од истрагата, на 27-ми април во Клубот на пратениците, кој исто така е под надлежност на Службата за општи и заеднички работи на владата, стигнал налог да се подготви големо количество сендвичи. Поради случувањата во Собранието таа вечер, сендвичите никогаш не стигнале до потенцијалните корисници, па морале да бидат замрзнати во фрижидерите на Клубот.

Овие и многу други прашања ќе треба да се разјаснат во текот на судењето. Според планот кој денеска го претстави Судот, закажани се вкупно 38 рочишта, од кои 5 во август, 6 во септември, 10 во октомври и 17 во ноември.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама