Судбината го врзала за Македонија | Македонија | DW | 21.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Судбината го врзала за Македонија

Сирискиот лекар Абдул одлично зборува македонски. Животот двапати го довел во земјата. Еднаш како студент, вторпат како бегалец. Тој живее во Скопје, не сака на Запад и сонува за враќање во родната земја.

Избегал од војната во Сирија, го нашол својот мир во Македонија. Абдул Салам Сабух е лекар во кампот за мигранти во Табановце (насловна фотографија). Како дел од Црвениот крст им помага на сите кои патот за спас го одат низ Македонија. Тој вели дека воопшто не е пријатно да се гледа како твојот народ бега од својата држава.

„Се малтретираат жени, деца, старци. Не ми е лесно, да ви кажам искрено понекогаш и плачев. Тешко е тоа да се гледа. Но со време се навикнав“, вели Абдул Салам Сабух.

Погледнете го видео-портретот на сирискиот лекар: 

Гледај видео 03:12

Сириски лекар: „Половина папок ми е врзан за Македонија“

Животниот пат на Абдул не бил лесен. Студирал во Југославија, останал кратко во Македонија, па се вратил во Сирија. Во родниот Хомс загубил сѐ - домот, но и поголем дел од најблиските паднале како жртви на страшната граѓанска војна во Сирија. „Загинаа татко ми, мајка ми, пет браќа, две сестри. Повеќе од десет внучиња. Да не зборувам за подалечни роднини, можеби повеќе од стотина. За жал, сето тоа го гледав на телевизија“, раскажува Абдул. 

Повеќе на темата:

-Предрасуди и страв од мигрантите: Пропусти на возрасните во анкети за малите

-ФАЦ: Македонските граници остануваат затворени за бегалците

По трагите на бегалците-

Тој е омилен меѓу колегите во Црвениот Крст. Неговото искуство е од големо значење во работата со мигрантите. „Честопати бегалците многу повеќе се отвораат кон него, бидејќи го чувствуваат како свој. Така подобро дознаваме за она што ги мачи и им даваме подобра медицинска помош. Честопати неговата помош е и од психолошки карактер, едноставно добиваат некој со кого разговараат“.

Скопје сега е домот на Абдул и неговата сопруга. Не размислува да замине некаде на Запад. Но посакува некогаш да се врати во Сирија. „Јас сум веќе врзан за Македонија, половина папок ми е врзан тука. Но има една поговорка која вели - родниот крај е секогаш душата на човекот и така и ќе биде. Сепак сакам на стари години таму да умрам, не овде.“ 

Абдул не е единствен Сириец кој останал во Македонија. Во Црвениот Крст ангажирани се уште двајца мигранти-азиланти. Низ камповите Богородица и Табановце минаа илјадници мигранти. Сега таму се останати само дваесетина.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама