Сугарески ги потврди грешките на автопатите, ЛП бара остри казни | Македонија | DW | 22.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Сугарески ги потврди грешките на автопатите, ЛП бара остри казни

Mинистерот за транспорт Горан Сугарески потврди дека постојат многу проблеми со изградбата на двата автопати. Либералната партија бара затворски казни и одземање имот за непрофесионалноста на одговорните.

Министерот Сугарески денеска од Охрид изјави дека најголемите проблеми со изградбата на автопатот од Кичево до Охрид се однесуваат на проектната документација, која не е во согласност со состојбата на теренот.
Како што пишуваше ДВ изминативе денови, утврдени се грешки во косините, во проектирањето на тунелите, голем број објекти треба да се дислоцираат, а се провлекуваат и проблеми со експропријацијата.
Министерот досега не ги лоцираше директните виновници за бројните проблеми, кои во разговор за ДВ ги потврдија и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов и бројни експерти.

Премиерот Зоран Заев попладнево од собраниска говорница, реплицирајќи на пратеничка дискусија оцени дека на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип се работело „бандитски“. Заев рече дека морало да се прекине со работа затоа што во спротивно „тоа би било продолжување на криминалот“. 

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje (picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski)

Премиерот Заев тврди дека на автопатите се работело „бандитски“

Од друга страна, министерот Сугарески најавува дека ќе се преземат мерки за да се продолжи со работа на проектите и да се испочитуваат роковите.

„Правиме сè што е во наша моќ да отстраниме дел од овие проблеми, за застојот што се појави, односно сериозното намалување на интензитетот на работа да биде зголемен со цел колку толку да можеме да ги запазиме роковите. Дел од нив се веќе пробиени, како изградбата на автопатот Миладиновци – Штип, кој требаше да биде готов на 1 мај оваа година", рече Сугарески.

Либералната партија денеска со соопштение ја осуди непрофесионалноста во изведбата на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Од оваа партија бараат надлежните органи да направат темелна истрага „поради нестручноста и катастрофалните грешки во проектната документација, надзорниот орган што ја дозволил изградбата врз погрешена проектна документација, градежната компанија и нејзините македонски подизведувачи поради употребата на лошите градежни материјали“.

Од Либералната партија бараат казните за одговорните за сторените пропусти да одговораат кривично, да им се одземат имоти и средства за направената штета, а на правни и физички лица да им се одземат лиценците за работа во градежната дејност.

Со изградбата на двете делници раководи кинеската компанија „Синохидро“, а во работата учествуваат и македонски компании. Вредноста на договорот за изградбата на двата автопати надминува 570 милиони евра, а истиот беше изгласан преку закон во Собранието од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ. 
Според проценките на повеќе експерти, штетата од грешките на автопатот Кичево-Охрид ќе достигне најмалку 100 милиони евра.
Стотина работници кои работеле на делницата Охрид-Кичево денеска протестираа во близина на Охрид, затоа што со месеци не зеле плата. 

 

DW.COM

Реклама