Субвенционираните го „билдаат“ извозот | Северна Македонија | DW | 12.12.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Субвенционираните го „билдаат“ извозот

Растот на извозот е добра вест за македонската економија но ќе биде уште подобра кога и домашните компании ќе имаат ако не исто барем приближно учество како она на странските инвеститори.

default

Статистиката во континуитет регистрира подобрување на трговскиот биланс на земјава. Во првите десет месеци извозот се зголемил за безмалку 20% во споредба со истиот период лани што се должи главно на фабриките стационирани во технолошко индустриските развојни зони. Странските инвестиции ја подобруваат надворешно трговската позиција на Македонија и влијаат на зголемување на извозот, но домашните компании треба да продолжат да бидат носители на поголемиот дел од извозот и понатаму да го зголемуваат, сметаат домашните бизнисмени:

„За ова е потребно поинтензивен премин кон стратегија базирана на иновации и фокус кон производи и услуги со поголема додадена вредност. Сметаме дека носители на оваа стратегија ќе бидат малите, продуктивни и флексибилни индустриски капацитети, иновативни земјоделски сектори, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и секторот туризам. Задржувањето на традиционалните пазари е неопходно, поради близината и соработката која е веќе воспоставена. Сепак, компаниите се ориентираат и кон освојување на нови потенцијални извозни пазари, како што е Канада, Индија, пазари непознати за нашите компании, во делот на Индонезија, исто така и во пазарите од Заливот, Катар, Бахраин и Емиратите“, коментира за Дојче веле Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Расте извозот од слободните зони

Извозот од слободните економски зони бележи вртоглав раст и годинава заклучно со октомври надмина 1 милјарда евра. Сепак фактот дека најголемиот извозник е и најголем увозник покажува дека нето ефектот е главно статистички, без големо влијание на домашната економија. Позитивниот ефект според дел од стопанствениците би се постигнал со зголемување на соработката помеѓу домашните компании и странските инвеститори:

„Потребна е здрава стратегија за подобрување на општата слика. Според нашите податоци дел од домашните компании работат дури и полошо што се должи и на нерамномерниот регионален развој. Не сакаме да ги делиме работите на црно и бело, но тоа се фактите. Зоните го билдаат иозвозот но што добиваме ние од тоа како држава, статистика и плати за вработените во тамошните фабрики за кои пак ќе треба ние да мислиме кога ќе дојде време да се пензионираат. Државата мора да се постави стратешки и да го следи интересот и на домашните компании, да добиеме ако не ист барем приближен третман со оној на фирмите во зоните кои добиваат разни субвенции по повеќе основи“, реагира Мендерес Кучи претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien

Зоран Ставрески

Бизнисмените реагираат дека изедначувањето на условите за работа на домашните и странските фирми ќе го ублажи и ефектот врз пазарот на труд каде веќе се чувствува дисбаланс, посебно во текстилот. Компаниите од оваа трудоинтензивна гранка која традиционално е меѓу клучните носители на извозот веќе се жалат на проблеми:

„Основниот проблем е што немаме адекватна автоматизација и опрема што пак во добар дел се должи на слабиот пристап до поволни средства за финансирање. Странските компании претежно инвестираат со модерна технологија и во старт имаат подобри услови од нас. Сериозен проблем е и работната сила, посебно кај нас во текстилот. Иако во зоните не требаше да имаме конкуренција, таа се дозволи и сега влијае и тоа како на работната сила. Не е логично да им се доделуваат субвенции за квалификувани работници во кои ние сме инвестирале, а потоа преминале кај некоја од фабриките во зоните. Мора да се промени овој модел, да важи за прво вработување, а не за сите кои таму ќе се вработат. Тоа е голем проблем за нас и дополнително не прави неконкурентни. Инаку генерално ако се направи анализа на ниво на цела држава ќе се види дека ефектот од извозот е поинаков од оној што се прикажува. Странските фирми во зоните извезуваат но какви се резултатите и од увозот. Па тие речиси и да не користат домашни ресурси“, коментира Маријана Перковска претседател на текстилниот кластер.

Висок дефицит

Растот на извозот според Владата се должи на подобрената конкурентност на македонското стопанство во однос на останатите економии: „Тоа секако е одраз на политиките што ги водиме, пред се најниски даноци во Европа, привлекување странски инвестиции и овозможување и домашните бизнисмени да имаат добра бизнис клима“, вели министерот за финансии Зоран Ставрески.

Статистиката покажува дека извозот расте побрзо од увозот што влијае на намалување на дефицитот кој сепак е се уште висок. Од Македонија годинава се извезени стоки во вредност од 4 милијарди и 142 милиони долари, а увезено нешто на 6 милијарди долари. Трговскиот дефицит изнесува безмалку две милијарди американски долари. Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија на кои отпаѓа 52% од вкупната размена.

Реклама