Субвенции за половни автомобили се апсурд! | Северна Македонија | DW | 24.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Субвенции за половни автомобили се апсурд!

Европа ги чисти, Македонија ги прибира. Планот на власта за субвенционирање половни возила е катастрофален, реагираат упатените.

Ако имате 12 илјади евра и старо возило кое ќе заврши во отпад, тогаш сте конкурент да добиете до 3 илјади евра од државата за да си купите автомобил. Но не нов, туку и половен, односно со најмалку ЕУРО 5 стандард и со вредност најмногу до 12 илјади евра. Власта најде рецепт за да им помогне на граѓаните да го подноват возниот парк со поеколошки автомобили. Проектот го турка министерството за економија а мерката треба да стапи во сила од наредната година. Деталите се уште се утврдуваат, но клучниот услов е јасен.

„За да се аплицира за субвенции, потребно е регистрирано старо возило да се остави во акредитиран отпад, да се одјави од МВР и таму да се предаде сообраќајната книшка. Потоа да се купи автомобил со ЕУРО 5 стандард и со сите документи да се аплицира за поврат на три илјади евра“, објаснуваат од министерството за економија.

Проектот според Владата има повеќе бенефити. Економски, безбедносен но и еколошки. Граѓаните слушнале за мерката, но не знаат точно како таа ќе се спроведува:

„Слушнав и добро е што ќе може да се обнови возниот парк. Но не знам зошто мора старото возило да заврши во отпад. Или не знам зошто не се даваат субвенции за ново возило. Старите се добри, ама новите се најдобри“, реагира жител на Скопје.

Импортерите на нозе!

Но она што е нејасно во целиот процес е зошто финансиската поддршка важи за стари автомобили, а не и за нови? Зошто во стратегијата за подновување на возниот парк се запоставуваат оние кои продаваат нови, за сметка на трговците со половни автомобили? Од надлежните, околу ова нема издржано објаснување. А токму тоа е причина за големиот револт кој веќе е присутен кај импортерите на нови возила во државата:

„Претходната влада направи една голема глупост што дозволи увоз на стари возила, овие сега прават дополнителна глупост со тоа што ќе доделуваат субвенцвии на половни возила. Не ми е јасно, ова не го прави ниту една паметна држава. Ако сакате да се смени возниот парк вие треба да им овозможите на луѓето да си купат нови возила, да ги субвенционирате дали да нема акциза, или со намалено ддв. Тоа е долгорочна стратегија и секој за 8 или 9 илјади евра би си купил наместо старо, ново возило“, реагира Љубе Нешовски, управител на компанијата Миркат.

Повеќе популизам и бизнис отколку екологија

Импортерите предупредуваат дека вака поставена, мерката е повеќе бизнис и популизам, отколку еколошка:

„Настрана ние како импортери, како обичен граѓанин велам дека ова е катастрофа. Ние субвенционираме нешто што запад го отфрла, ќе го субвенционираме она што таму треба да се исчисти. Таму веќе ЕУРО 6 го забрануваат а да не зборуваме за ЕУРО 5 дизели. Не знам ниедна држава во Европа во која се субвенционираат половни возила. Тоа е политика овој крш што е тука а што не може да се продаде, сите ние да го субвенционираме за некој да заработи. Има залиха на такви возила, донесени се и сега ќе се субвенционираат да ги исчистат плацевите со таквите возила“, реагира Нешовски.

Дека мерката е избрзана, односно недоволно добро осмислена, предупредуваат и од другите компании импортери. Дури и од оние кои освен нови продаваат и половни автомобили:

„Ние како импортер на нови и на половни возила не можеме да кажеме дека најавената мерка ќе биде некаков удар. Нам ни е во прилог. Но генерално, сметам дека не е време за субвенционирање, туку потребни се други начини за регулирање на оваа проблематика. Вака како што сега се најави, само ќе се создаде една ситуација да запре, или сериозно да се намали воопшто продажбата на автомобили бидејќи луѓето ќе чекаат мерката да стапи во сила па потоа ќе купуваат автомобили", објаснува Евица Силјаноски од импортерот „МИ ДА".

Трговците со половни тријат раце

Според некои проценки, на плацовите со половни возила низ државата непродадени стојат над 50.000 автомобили. Но проблемот е што поголем дел од нив се со понизок стандард од ЕУРО 5. Ваквата состојба според инволвираните во овој бизнис е побарувачката, односно куповната моќ на граѓаните, која се движи од 3 до максимум 5 илјади евра.

„Нема кој не сака да купи поново возило, но проблемот се финансиите. Затоа сметам дека ова што сега се најавува е добро бидејќи ќе овозможи да се премине кон класа повисоко во делот на стандардите и ќе се продаваат понови и поеколошки возила. Да сочекаме и да видиме што ќе се случува. Ако успее ќе биде добро за сите“, коментира сопственик на авто плац кој продава исклучиво автомобили увезени од странство.

Што правиме со хибридите!?

Дополнителен проблем во целата ситуација е што поголем дел од производителите на нови автомобили се преориентираат кон хибрид и електрични погони. Дел од нив дури и го исфрлаат дизелот во својата гама:

„Од Нова Година ние во понудата ќе имаме само хибриди. Дизел веќе немаме и од септември продаваме само бензинци со ЕУРО 6 а, б, ц а еве ќе дојде и д веќе. Не знам зошто се апстрахираме од нешто што го воведува ЕУ. Тие нормативи се воведуваат за да се намали на 95 грама ЦО 2 по километар. Да не се загадува. А кај нас се случува обратно. Плус сега имаме проблем, што државата ни направи инспекција на нашите хибриди кои досега ги увезуваме согласно тарифникот што важи за во Европа и за кој не се плаќа акциза. Но сега тоа ни го испитуваат и проверуваат дали треба ретроактивно да платиме, што е невидено. Наместо да ги субвенционираат чистите еколошки возила они одат во крајност да не санкционираат“, реагира  Нешовски. 

Вака поставена, мерката за субвенционирање треба да стартува од наредната година. За таа намена се предвидени 2.2 милиони евра кои според пресметките би биле доволни за да се субвенционираат можат да се субвенционраат над 700 автомобили. Но доколку со ребалансот на буџетот се обезбедат средства, не се исклучува мерката да почне да важи веќе од наредната есен. Она што дополнително треба да се утврди се и подзаконските акти кои треба да ги допрецизираат условите, пред се за оние категории граѓани кои би имале приоритет при добивањето на парична поддршка.

Според податоците, во првите шест месеци годинава се увезени многу повеќе половни автомобили отколку лани и годината пред неа. Податоците на Царинската управа покажуваат дека од јануари до јуни оваа година се увезени 16.205 употребувани патнички автомобили. Во првата половина од годината лани биле увезени 13.355 стари автомобили, а во првите шест месеци од 2017  безмалку 10.000 автомобили. Најголем дел од новите возила ги купуваат фирмите. А многу мал дел физички лица. Инаку само за илустрација, на една нова, се увезуваат по шест половни автомобили во државата. 

DW.COM

Реклама