Студија: Хлорокин не делува против Ковид-19 | Панорама | DW | 22.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Студија: Хлорокин не делува против Ковид-19

Лекот против маларија кој претседателите Трамп и Болсонаро го фалат како волшебен лек против инфекција со коронавирусот не е погоден за лекување на Ковид-19. Истражувачите дури велат дека го зголемува ризикот од смрт.

Сеопфатна анализа на податоци, според извештајот во научното списание „Лансет“, ги потврдува резултатите од помалите студии дека лековите за маларија хлорокин и хидроксихлорокин веројатно не се погодни за третман на пациенти од Ковид-19. Напротив, медикаментите може да ја зголемат стапката на смртност и да доведат до повеќе срцеви аритмии, известуваат истражувачите од САД и од Швајцарија во списанието „Лансет“. Тие анализирале податоци од околу 96.000 пациенти, од кои речиси 15.000 примиле еден од лековите посебно или во комбинација со антибиотик.

Критични ефекти особено во комбинација со антибиотици

Авторите се залагаат за користење на средствата само во контекст на клинички студии и внимателно проверување на придобивки од нив. Во моментов се водат бројни клинички студии во кои попрецизно се проверува нивната ефикасност.

Резултатите на тимот предводен од Мандеп Мехра од Медицинскиот факултет Харвард не упатуваат на корист од лековите. Податоците за пациентите во студијата потекнуваат од 671 болница на шест континенти.

Повеќе:

-Познати личности водат ризични игри со хлорокин

-Трамп зема хидроксихлорокин

-Хлорокин: Можниот лек против Ковид-19 смртоносен во поголеми дози?

Сите четири типа на третман - давање на двата лека посебно или секој од нив во комбинација со антибиотици - го зголемуваат ризикот од смрт во болница. Особено третманот со хидроксихлорокин заедно со антибиотик, се покажал како лош. Според студијата, еден од четири пациенти третирани на овој начин починал. Во контролната група, тоа се случило само кај еден од единаесет пациенти. Исто така  имало и почеста појава на  одредени аритмии кај пациентите:  8% во споредба со 0,3% од контролната група.

Истражувачите сметаат дека натамошни студии се итно потребни

Тимот инаку  земал предви бројни можни фактори на влијание, како што се возраста на пациентите или претходните болести како дијабетис и срцеви заболувања. Сепак, не може да се исклучи дека постојат и други фактори, кои не биле земени предвид а кои предизвикуваат разлики помеѓу групите.

Токму поради оваа причина, итно се потребни натамошни контролирани клинички студии за средствата, вели коавторот на студијата Френк Рушицка од Универзитетската болница во Цирих. „Од нашата студија знаеме дека шансите овие лекови да го ублажат текот на болеста Ковид-19 текот се прилично мали“. До слични резултати дојдоа и некои претходно спроведени помали студии.

Самопрогласените експерти на погрешен пат

Претседателот на САД, Доналд Трамп,  хидроксихлорокинот во повеќе наврати го нарече волшебен лек. Го фалеше медикаментот како „подарок од Бог“. Како што изјави и  самиот го земал профилактички во изминатите две недели за да се заштити од коронавирусот.

Во Бразил, пак по наредба на претседателот Жаир Болсононаро, официјално се препорачува за третман на Кофив-19. Министерството за здравство во ажуриран водич за лекарите објави дека лекот може да се администрира и кај лица со само лесни симптоми. Но, пациентите мора да потпишат изјава во која се вели дека биле информирани за можни несакани ефекти.

Посебно хлорокинот има бројни несакани ефекти како што се гадење, повраќање, осип, но и невролошки, кардиолошки и нарушувања на видот. Сличниот хидроксихлорохин  пациентите подобро го поднесуваат и се користи и како лек за ревматски заболувања, туберкулоза на кожата и автоимунолошката болест- лупус.

 

 

 

 

 

Реклама