Студија: Коронавирусот го погодува и невролошкиот систем | Панорама | DW | 13.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Студија: Коронавирусот го погодува и невролошкиот систем

Коронавирусот може да го нападне и нервниот систем, сугерираат кинески истражувања, кои откриваат дека некои од новите симптоми на болеста влијаат и врз мозокот. Последицата може да биде ненадејно запирање на дишењето.

Нова студија открива дека коронавирусот не само што предизвикува треска, кашлица и проблеми со дишење кај пациентите, туку исто така ги зголемува и невролошките проблеми предизвикувајќи вртоглавица и главоболки, паралелно со нарушување на чувството за мирис и вкус. 
Студијата била спроведена од кинески научници врз пациенти во градот Вухан, каде започна пандемијата минатата година, а резултатите се објавени во медицинскиот журнал Јама Неврологија (JAMA Neurology). 

- повеќе: Како да ги разликувате: Настинка, грип или коронавирус? 

Истражувачите откриле дека една третина од 214 испитани пациенти покажале знаци дека вирусот влијаел и врз нервниот систем.
И досега имаше многу анегдотски извештаи дека заболените од коронавирусот ги губеле чувствата за мирис и вкус, најчесто привремено. Овие симптоми сугерираат дека и мозокот е погоден од вирусот, вели експертот за заразни болести Бернд Залцбергер од Универзитетската болница во Регенсбург, Германија.
„Но досега има многу малку студии за мозоците на пациентите. Се уште сме во темнина“, вели тој.

Infografik Coronavirus typische Symptome MK

Досега утврдените симптоми на коронавирусот


Актуелната студија во Вухан се базира на досијеата на пациентите, лабораториски истражувања и радиолошки наоди на 214-те учесници во неа. Според водечкиот невролог во тимот Линг Мао, 78 пациенти (36,4 отсто) имале невролошки проблеми. Најчестите симптоми забележани од лекарите биле вртоглавица и главоболки. Дополнително, 12 пациенти страдале од недостаток на чувство за вкус, а 11 на мирис. Шест пациенти доживеале мозочен удар.
Особено кај некои симптоми како главоболка или вртоглавица, нејасно е дали тие се израз на самата болест или дел од имунолошката реакција на организмот.

Гледај видео 01:28

Што научивме во корона-кризата?

DW.COM

Реклама