Студија: Електромобилноста сепак нема да предизвика голема загуба на работни места | Економија | DW | 27.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Студија: Електромобилноста сепак нема да предизвика голема загуба на работни места

Често се вели дека поради електромобилноста ќе се загубат многу работни места во германската автомобилска индустрија. Но, една нова студија покажува дека ситуацијата сепак нема да биде толку лоша.

За германската автоиндустрија има доволно мрачни прогнози. Со 830.000 директно ангажирани лица таа е една од најважните брашни во земјата, додека од неа се зависни уште 1,3 милиони работни места во трговијата со моторни возила и други бранши. Најчестото црно сценарио гласи дека пред се електромобилноста ќе ги погоди германските автопроизводители. До 2030 година можеле да се загубат над 400.000 работни места, бидејќи изградбата на електромотори била помалку комплексна од оние на бензин или дизел, се велеше до пред една година. Во зависност од референтната рамка, тоа би биле помеѓу 20% и 50% од сите работни места.

Но, ситуацијата воопшто нема да биде толку лоша, тврдат сега аналитичарите од Институтот Фрауенхофер за индустриско инженерство и организација во Штутгарт. За разлика од останатите студии кои најчесто се базираат на проценките од индустријата, истражувачите имаа пристап до податоците и реалните планови на автоконцернот Фолксваген. Нивниот советодавен одбор за оддржлив развој всушност ја нарача студијата “Вработување 2030“.

Помалку вработени

Заклучокот гласи: “Во 2029 година според нашиот модел на пресметка на Фолксваген би им требале 12% помалку вработени отколку во 2019 година“, вели Флоријан Херман, ко-автор на студијата и раководител на одделот за Анализа на мобилност и иновативни системи во Фрауенхофер институтот.

Главна причина за овој пад во производството нема да биде електромобилноста, туку зголемената продуктивност и мерките за рационализација. „Фолксваген смета дека во иднина возилата ќе може да се произведуваат за пократко време,“ вели Херман за ДВ. „Тоа се однесува како на електроавтомобилите, така и на конвенционалните автомобили,“ додава тој.

Повеќе:

-Ќе станат ли електричните автомобили проблем за електромрежата?

-Прв електро-автопат во Германија

-Фолксваген укинува уште 7.000 работни места

Сепак и студијата на Фрауенхофер институтот забележува подгранки на производството, кои се особено погодени од промената кон електомобилност, како што е делот на конструкција на таканаречениот погонски склоп кој се состои од моторот, спојки, менувач, погонски осовини и диференцијал.

„За производство на конвенционален погонски склоп е потребно до 70% повеќе работна сила отколку за производство на погонски склоп кај електровозило,“ се вели во студијата.

Со цел да се амортизира ова, Фолксваген веќе презема “обемни мерки“. Тие вклучуваат и планови за рационализација на работни места со платено спогодбено раскинување на договорите до понатамошни обуки за вработените.

Нови задачи

Голема корпорација како Фолксваген со 670.000 вработени низ целиот свет, од кои речиси 300.000 се во Германија секако има повеќе опции во споредба со малите, високо специјализирани добавувачи на кои им се заканува губење на цела една бранша.

„Овие мали и средни компании често се двигатели на иновациите во автомобилските концерни,“ вели Херман и додава: „Не смее да се изгуби богатството на иновативниот капацитет.“

Автоконцерните како Фолксваген поради тоа би требало да се осигураат дека и нивните добавувачи ќе ја преживеат промената. Дури може да се размислува и за субвенции преку некаков државен фонд за трансформација. За да преживеат некои од добавувачите ќе мора да се прилагодат и реформираат кон новонастанатата ситуација. И понатаму ќе бидат потребни специјалисти за контакти и процеси на спојување (така се викаат оние кои во процесот на производство работат на спојување на цврстите делови, на пример, со помош на лепило), на пример за спојување на стотина батериски ќелии во еден систем, вели Херман.

„Специјалистите за филтерски системи пак може да работат во делот на управување со топлината кај електровозилата, бидејќи ако се елиминира отпадната топлина од согорување кај моторот, тогаш и овде ќе бидат потребни нови решенија.“

Предизвик - стручни квалификации

Покрај предизвиците од електромобилноста, истражувачите од институтот Фрауенхофер го истражувале и пресвртот настанат преку дигитализацијата, од очила со податоци до кооперацијата меѓу човек и робот во производството, сè до користењето вештачка интелигенција за набавки. "Можеби во иднина вештачка интелигенција ќе издава налози за набавка и ќе води преговори, додека човекот повеќе ќе биде ангажиран за планирање и давање насоки”. Сето тоа луѓето кои работат во браншата ги исправа пред нови очекувања во однос на нивните способности. Да се обезбедат соодветни квалификации „веројатно ќе се покаже како поголем предизвик” отколку очекуваното намалување на работни места, се вели во студијата.

Иако таа се однесува само на податоците од еден единствен производител на автомобили, Флоријан Херман е убеден дека резултатите се валидни за цела бранша. “Работните процеси принципиелно ги гледате и кај другите производители, затоа и може да се влече паралела”.

Херман смета дека електромобилноста севкупно “ќе биде од ненормално големо значење, дури и во однос на вработувањата”. Барем ако не се гледаат поединечни фирми, туку целиот систем. Дополнително на тоа, неколку големи полиња каде може да се очекува раст не се земени в предвид во студијата, на пр.производството на батериски ќелии или изградбата на широко распространета инфраструктура за нивно полнење.

Гледај видео 01:39

Малите електромобили во офанзива

Сепак, конкуренцијата е голема и не се сведува само на Тесла и другите производители на возила. Азиски компании сакаат да ја зацврстат нивната доминација во однос на батериската техника, а дури и технолошки гиганти како Гугл и Епл работата на развојот на автопилот возила. Големото прашање е дали германски фирми тука ќе играат суштествена улога за да може и во иднина во земјата да се задржат многу работни места.

 

Реклама