Студентите на референдум за нивните права | Северна Македонија | DW | 05.10.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Студентите на референдум за нивните права

Студентскиот пленум го организира првиот референдум на кој студентите се изјаснуваат за нивните лидери на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Студентите бараат промени во Студентскиот парламент

„Овој пат гласаме демократски, за разлика од претходниот“, вели студентот на Економскиот факултет каде во полн ек се одвива првиот студентски референдум на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Како што одминуваат првите часови, излезноста на студентите кои ќе гласаат на најстариот државен универзитет се зголемува.

Прашањето на првиот референдум во историјата на УКИМ гласи: „Студенту, дали Студентскиот парламент треба да остане невладина организација како што е во моментот“.

Студентите бараат итни промени во студентското организирање и го оспоруваат легитимитетот на СПУКМ како единствен претставник на студентите, бидејќи тие се невладина организација.

Студентот Петар Барлаковски вели дека СПУКМ треба да биде дел од универзитетот и Сенатот да има контрола врз нив, за сите студенти да можат да бидат запознаени со нивните активности.

„СПУКМ треба да биде претставник на студентите, ама треба да биде дел од самиот универзитет, а не невладина организација која ги троши тие пари. Сите можности кои ги има таа, ги нуди само за своите членови, наместо да биде  претставник на сите студенти“, вели Барлаковски.

Револтот кај студентите уште повеќе го зголемија скандалозните студентски избори кои се случија летоска, каде новиот студентски лидер Давор Поповски беше избран буквално на сила под будно око на полицијата и Единицата за брзо распоредување, во насилна атмосфера.

Многу проблеми настанаа при гласањето за нов претседател на СПУКМ, кога очигледно имаше нерегуларности, но и обвинувања дека правеле малверзации со парите од студентите. Се надевам дека денеска ќе има голема излезност на референдумот“, вели студентот, Александар Милевски.

Студентски пленум контра Студентски парламент

„Студентските избори кои што се случија на 30-ти јуни оваа година ќе остават црна дамка што нема да се избрише. Нерегуларните избори со сите скандали, крадењето на кутии, интервенирањето на Единицата за брзо распоредување нема да се заборават", смета Деа Здравковска од Студентски пленум.

Тие го организираат референдумот за да докажат дека студентите бараат промени во студентското организирање и не го признаваат СПУКМ, вака како што е поставен.

Од СПУКМ засега не се достапни за коментар за референдумот и барањата на пленумот.

Здравковска вели дека на Сенатот на УКИМ се формирала комисија кој е задолжена да го промени целосно студентското организирање. По неколку седници на комисијата, тие изгласале два дијаметрално спротивни предлози кои треба да му се предложат на Сенатот на УКИМ кој ќе гласа за нив.

„Нашиот предлог е СПУКМ да стане организациона единица при Универзитетот со цел да се подобри студентското работење и одлучување. За самиот студент да има одговорност при носењето на многу важни одлуки. Пленумот нема да го преземе Студентскиот парламент. Целта на пленумот е да се засадат корените на подобро студентско организирање.  Сите овие причини доведоа во организирање на студентскиот референдум, бидејќи сметаме дека сите студенти на УКИМ треба да одлучуваат за студентското организирање“, додава Здравковска.

Референдумот, кој започна од 9 и трае до 17 часот, засега се одвива мирно и без проблеми. Се очекува првите неофицијални резултати да бидат објавени вечерва или во текот на утрешниот ден. Право на глас има секој активен студент од прв, втор и трет циклус на студии на сите факултети на УКИМ.

 

Реклама