Студена војна за жешката Северна | Македонија | DW | 04.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Студена војна за жешката Северна

Не смее да се заборави дека ниту нашиот пат кон НАТО водеше преку Анкара, ниту пак нашето членство во ЕУ ќе се случи преку Атина. Напротив, би додала учителката Историја. Колумна на Арсим Зеколи.

Посетата на Хулуси Акар, турскиот министер за одбрана, и средбата со државниот врв на Македонија не би привлекла поголемо внимание на јавноста, доколку не се случеше часови по полетувањето на Премиерот на Грција од Скопскиот аеродром. На извесен начин, и со надеж дека на тоа и ќе остане, посетата симболички ја стави на тапет евидентната и нескриена студена војна помеѓу Република Грција и Република Турција во задржување или освојување на доминантните позиции и наклонетости во Македонија.

Не е никаква новост доколку се каже дека до доаѓањето на новата власт на премиерот Заев, Турција ја уживаше неприкосновената улога на неоспорен шампион на доверба и наклонетост на официјално Скопје во последните 20 години. Јавно и јасно демонстрираната блискост помеѓу кабинетот на Ердоган кон Груевски и посебно Иванов доби сосема нов тек со промената на власта. Демонстрирана низ студениот дочек на Заев и Димитров при нивната посета и средба со автократот во Анкара.

Од другата страна на границата, еден од почесто повторуваните аргументи на „анти-националистот” Ципрас во прилог на Договорот во Преспа беше и сѐ уште е дека со него ќе се спречи во некоја (од него замислена) иднина на границата отаде Евзони ќе се вееле час турски, час албански, час бугарски знамиња. Зачестените инциденти во Егејот помеѓу турските и грчките воени сили, заладувањето на односите на Анкара и зајакнувањето на соработката на Атина со Вашингтон уште повеќе ја продлабочија Студената војна помеѓу двете земји. Чии одеци и реперкусии секако ќе се одразат како врз нас, така и врз регионот. Во чиј добар дел знамето на Грција и онака не се смета како пријателски бајрак.      

Кои се можните правци во кои би се одвивала натаму студената војна меѓу Грција и Турција за влијание во и врз Македонија? Посетата на турскиот генерал во домашната јавност беше претставена како фокусирана врз барањето на Анкара за преземање чекори кон ФЕТО во Македонија. Проследена со нагласената изјава на министерот Акар дека има „верба во властите на Северна Македонија дека ќе преземат акција” во таа насока. Сепак, доколку прашањето ФЕТО беше клучниот мотив за итната посета, тогаш таа порака подобро ќе беше пренесена преку турските министри за внатрешни работи или правосудство, наместо од министерот за одбрана. Аморфната заложба на министерот Акар за интегративните процедури за членство во НАТО наликуваше на ладнокрвно отфрлање на нафрлените топки од Шекеринска во обид да се изнуди каква-таква, барем приближна одредница за датумот во кој Турција ќе стави параф на нашето членство во западната алијанса. Без успех, евидентно.

Балансирање во тесно

Дали тоа подразбира дека Анкара може да го блокира нашиот пат кон Алијансата? Иако пизмата на Анкара кон „предавството” на Скопје е евидентна, тешко е да се поверува дека Турција ќе влета во стапицата на преземање на ролјата на лошо момче кое ја блокира малата Македонија според моделот до скоро употребуван од Грција. Заборавноста на министерот Акар за употреба на досега секогаш присутниот квалификатив „пријателски односи” не подразбира per se деградација на односите помеѓу Скопје и Анкара, но секако е реципрочен рефлекс кон промената на ставот на Македонија кон Турција.

Еластичноста на Македонија во начинот на кој го поима концептот на „сојузништво” во однос кон Турција, на Анкара ѝ овозможува покомплементарна маневарска употреба на Скопје во процесот на трговија со САД и Европа по редица прашања. Прашањето на присуството на ФЕТО во земјата е фактор кој може да нѐ стави во комплицирана позиција доколку истиот биде искористен како тест и конкретен доказ за нашата искрена определба за борба против тероризмот. Дотолку повеќе што Турција беше меѓу најревносните во давањето придонес кон јакнењето на нашите безбедносни сили – армиски и полициски. Искуството на Косово со неславното испорачување на припадниците на таа организација е пак јасна илустрација за негативните последици кои би уследиле за нас во односите со САД и ЕУ. За жал, судејќи според решителната поставеност на раб на ултиматум од страна на министерот Акар, просторот за балансирање помеѓу барањата на Анкара и почитување на стандардите на Европа и САД станува сѐ потесен, дури потесен и од иглени уши.  

Од употребната трговска вредност на Скопје ќе зависи и долговечноста на мантрата на Заев и Ахмети дека Македонија е единствената земја во регионот која нема отворени прашања со соседите. Дали е тоа баш така и дали таа формулација ќе биде уште долго соодветна на реалноста, допрва ќе треба да се оценува низ призмата на тоа дали и соседите ја споделуваат таа оценка кон нас. Блискоста на Вучиќ со Ердоган, но и логиката на Атина дека „во Македонија ќе има силен сојузник бидејќи ниту Албанците ниту Бугарите се пријатели на Грција” се навремени предупредувања за долгорочната погубност на кратковиди сојузништва во кои помалите - во пакет со новите пријателства - си ги натоваруваат на грб и непријателствата на поголемите.

Други колумни од авторот:

Вистинска приказна за лажни вести

Кој тоа таму имитира?

Атина цели кон местото на Анкара

Анкара под водството на Ердоган ја заслужи огорченоста на демократската јавност во Македонија поради тврдокорната подршка на политиките на Груевски и Иванов, кои ги користеше како брана против отварањето на односите со Грција. Но иако гласноста на Ердоган во изјавување на љубов кон Македонија никогаш не се преточи во конкретна значајна финансиска поткрепа, не може да се каже дека во аспект на распоред на инвестициите Турција форсираше политика на делење пари според етно-религиски параметри. Напротив, во односот кон Македонија Ердоган го практицираше пристапот џамии за муслимани, палати за христијани, експлоатирајќи ја сиромаштијата на првите и економијата на вторите. Парадоксалната иронија е во тоа што Грција стреми кон парирање и копирање на истиот пристап, зависно од етно-религиските припадности. Оттаму, за разлика од недискриминаторскиот однос на Турција во инвестициските зафати во Македонија, ставот на Грција однапред најавува тврд националистичко-клерикален пристап кој сигурно ќе предизвика дестабилизација на и онака лабилната внатрешна етно-религиска кохезија и еконо-политичка стабилност.

Во контекст на анализата на студената турско-грчка војна околу Македонија, треба да се укаже и на нејзината поврзаност и зависност од плимите и осеките на Вашингтон кон Анкара и Турција. При што Анкара полека ја презема децениски долгата улога на Атина во диверзифицирање на соработката помеѓу САД и Руската Федерација, додека пак Атина цели кон преземање на улогата на бастион на американските интереси во Медитеранот, која до скоро ѝ припаѓаше на Анкара. Сегашната наклонетост на Вашингтон кон Атина е очекуван и нормален пристап согласно исцртаната огнена линија на судирот со Русија и американизацијата на источна Европа. Слабата точка на таа, инаку моќна и убедлива, стабилизирачка операција за Југоисточна Европа е сепак економијата на регионот и нејзината зависност од европски, турски и кинески инвестиции. Па така, додека во Македонија и Грција се слават политичките успеси за чии економски ефекти допрва ќе треба да почекаме, германските и турските инвестиции се прелеваат во Србија и Молдавија, Албанија и Косово се најбргу растечки економии во регионот. Од друга страна, Брукинг институтот дава умерено скептична слика за процесот на заздравување на грчката економија и опасноста од нов бран на гневен националистички популизам на следните парламентарни избори.

Пореметување на редот во ЕУ?

Природната потреба на регионот за обезбедување долгорочна и одржлива безбедносна стабилност ја прави нормална потребата на домашните администрации за изразена наклонетост за соработка и блискост со САД, како единствен фактор кој може да влијае како врз односите помеѓу Турција и Грција, така и кон нивните хегемонистички аспирации во регионот. Но новите односи помеѓу САД и ЕУ отвараат нови дилеми дали во очите на Брисел таквата доминација на САД во регионот веќе станува криптонит за процесот на проширување со нови земји членки, чиј прием би можел сериозно да го поремети воспоставениот распоред на сили во самата Европска Унија, на сметка на старата Европа. 

Односите помеѓу Турција и Грција кон нас не смеат да бидат огледало на нашиот однос кон нив. Не потценувајќи го придонесот на Турција кон нас во тешки денови, ниту отфрлајќи ја помошта на Грција поради предрасуди од минатото, она што не смее да се заборави е дека ниту нашиот пат кон НАТО водеше преку Анкара, ниту пак нашето членство во ЕУ ќе се случи преку Атина. Напротив, би додала учителката Историја. 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама