Струјата поскапува, ама намаленото ДДВ ќе го ублажи ударот | Северна Македонија | DW | 30.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Струјата поскапува, ама намаленото ДДВ ќе го ублажи ударот

Граѓаните нема да го почувствуваат поскапувањето на месечните сметки поради намаленото ДДВ од 18 на 5 отсто, тврди претседателот на РКЕ, Бислимоски.

Струјата поскапува за 12,36%, но тоа нема да го почувствуваат граѓаните на месечните сметки за електрична енергија бидејќи ДДВ-то ќе се намали од 18 на 5%. Ова е последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) која денеска соопшти дека сметките за електрична енергија на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ незначително ќе се намалат, со примена на измените на Законот со кои ќе се намали ДДВ за електричната енергија.

-повеќе на темата: Граѓаните од 1 јули ќе плаќаат еколошка такса на нафтата и помал данок на струја

„Зголемувањето на цената на електричната енергија без ДДВ од 18 на 5% ќе биде 12,36%, а со компензацијата од ДДВ остана простор за да има незначително намалување на крајните сметки на граѓаните“, потврди Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Mazedonien Energieregulierungskommission

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски

Според него, евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали како и досега, а сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети со носење на законот со кој ќе се намали ДДВ за електрична енергија.

Со донесената одлука, надлежните сметаат дека се гарантира сигурност и стабилност во испораката на електрична енергија.

-повеќе на темата: Еколошки наместо струен ценовен шок!?

„Од побараните 50 денари на 1000 денари сметка за електрична енергија од страна на сите енергетски компании што ги регулираме, одобрени се 6 денари. На останатите елементи во крајната цена РКЕ нема влијание, а тоа се: увозот на струјата кој во првите шест месеци изнесуваше 32 милиони евра, маржата на ЕВН Хоме, трошокот за обновливи извори кој е зголемен за 1,5 милиони евра, цената на ЕСМ која во просек во однос на минатата година е зголемена за 2,5%“, вели првиот човек на Регулаторната комисија.

Тој смета дека намалувањето на ДДВ е добро решение, но неопходeн е системски одговор – да се прошири опфатот на ранливи категории кои ќе добиваат субвенции за сметките за електрична енергија.