Странците стравуваат за својата иднина во Британија | Свет | DW | 27.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Странците стравуваат за својата иднина во Британија

Неколку месеци по одлуката за Брегзит, случаите на насилство и криминал поттикнати од омраза значително се зголемени во одредени делови на Британија. За едно германско-британско семејство иднината станува неизвесна.

25-годишната Британка Шобан Коркоран сѐ уште се навикнува на резултатот од јунскиот референдум за напуштање на ЕУ, во кој 52% од граѓаните со својот глас го поддржаа излегувањето на Велика Британија од Европската Унија.

Напуштањето на унијата започнува со активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор, по што во следните неколку недели почнуваат преговори за условите под кои ќе се случи Брегзит – како и други милиони Европејци, така и Шобан и нејзиното 32-годишно момче се соочуваат со неизвесна иднина.

Шобан, која е по потекло од Челтенхам, гласаше за останување на Британија во ЕУ. Таа, благодарение на Еразмус-програмата финансирана од ЕУ, го запознала нејзиниот партнер Мартин во германскиот град Лајпциг. Пет години подоцна, плановите на двојката стануваа сѐ понеизвесни, особено за нивниот две и пол годишен син, Фион.

England Brexit Siobhan Corcoran mit Sohn (Privat)

Шобан Коркоран и нејзиното момче живеат заедно 5 години и имаат две и пол годишен син

„Пред Брегзит, не ни можев да ги замислам проблемите со кои се соочуваме сега. Огромни, лични одлуки кои го менуваат животот, не сме во можност да ги донесеме сами", изјави таа за ДВ.

„Дали да останеме? Или да одиме? Дали да се венчаме? Каде може да живееме? Каде може да работиме? Сите овие прашања остануваат неодговорени“.

Без никакви гаранции од британската влада, Шобан, која е запишана на студии по ментално здравје за деца, е загрижена за нејзината кариера и правото да остане во Германија. Истите грижи ги има и за нејзиниот партнер.

„Како програмер, вообичаено за Мартин би било доста лесно да најде добро платена работа во Британија, но немаме идеја какви би биле неговите работни права по излегувањето“.

„Доста е загрижувачки кога ќе чуете како на луѓето кои живееле во Британија со години сега им се кажува да се вратат во родните земји, загрижувачки е дека во следните две години може да му кажат да се врати назад“, објаснува Коркоран.

Резултатите од истражувањето на бриселските и европските либерални демократи покажува дека Шобан и Мартин не се единствени кои ги мачат овие проблеми. Повеќето Британци кои работат во ЕУ се загрижени дека Брегзит ќе им ги ограничи или намали правата во земјите каде што престојуваат.

Според анкетата во која учествуваа 5.000 Британци кои живеат во некоја од земјите на ЕУ или Исланд, Норвешка и Швајцарија – околу 83% изјавиле дека се „многу загрижени“ за влијанието кое претстојното напуштање на ЕУ може да го има врз нив. Повеќе од 58% изјавиле дека не планираат да се вратат во Британија.

Истражувањето е објавено само неколку денови откако британскиот весник „Гардијан“ објави детали од протечен владин документ, во кој се предупредува дека Британците кои живеат во ЕУ може да се соочат со реципроцитетна реакција како последица на третманот на британската влада кон странците по референдумот за напуштање на ЕУ.

Briten in Bayern Pässe (picture-alliance/dpa/B. Pedersen)

Најмалку 100.000 Британци живеат во Германија и 300.000 Германци во Велика Британија

Во интерниот документ подготвен од правниот комитет на Евопскиот парламент се вели дека секоја членка на ЕУ независно ќе одлучува дали на британските граѓани ќе им биде дозволено да продолжат да живеат во европските земји по 2019 година.

Документот објаснува дека „е особено тешко за странските државјани, дури и да се во брак со државјанин на Велика Британија или да се родени таму, да добијат трајна дозвола за престој или британско државјанство може да влијае врз односот на земјите членки (на ЕУ н.з.) кон третманот на ова прашање".

Лидерот на лабуристичката партија Џереми Корбин коментирајќи го документот изјави дека „семејства, работни места и домови се под ризик“.

„Мора да се стави крај на ваквиот пристап во преговорите за Брегзит, кој не ги зема предвид државјаните на ЕУ кои живеат во нашата земја и нашите сограѓани кои живеат во ЕУ“, изјави Корбин.

За младата двојка во Лајпциг, последните извештаи за зголемувањето на насилството поради омраза во Велика Британија го зголемуваат степенот на двоумење за тоа дали да се вратат во Британија.

Анализата на Асоцијацијата за печат покажува дека три четвртини од полициските сили во Англија и Велс забележале највисоко ниво на криминал предизвикано од омраза по одлуката за напуштање на ЕУ од почетокот на водењето на ваква статистика во април 2012 година.

Повеќе од 14.000 криминални дела поради омраза биле забележани помеѓу јули и септември 2016, 10 безбедносни служби пријавиле педесет процентно зголемување на бројот на насилства и криминални дела предизвикани поради омраза споредено со претходните три месеци.

Сепак, полицијата тврди дека според нивниот мониторинг, бројот на ваквите случаи се намалил по наглото зголемување во летото.

Дел од ваквите инциденти вклучуваат: вербално и пишано насилство кон Полјаците во Велика Британија на кои им се вели да се вратат во Полска, лондончани кои одбиваат да бидат служени од келнери странци, фрлање на кучешки измет пред домот на една Германка.

На западот на Англија на еден студент му било скршено шише од главата „затоа што зборувал на полски јазик“. По убиството на 40-годишен полски државјанин, беа повикани полски полициски сили да патролираат заедно со британските колеги на улиците во Харлоу, Есекс, каде што се случи инцидентот.

Britain Racism's Rise (picture-alliance/AP Photo/J. Lawless)

Предмети во спомен на Арек Јозвик по неговата смрт во Харлоу, Есекс

„Вознемирувачка е помислата дека е можно да не можеш да се вратиш во сопствената земја поради ризикот од омраза, напади и предрасуди“, изјави Шобан.

„Пред Брегзит, никогаш не замислував дека моето момче или мојот син можат да бидат третирани поинаку. Имам среќа што никогаш лично не сум била цел на расизам или предрасуди, но сега сум загрижена дека Фион може да се соочи со омраза затоа што е странец“.

„Тој е Британец исто онолку колку што е Германец“, вели таа. „Но сега се чини дека не може да биде и двете."

 

DW.COM

Реклама