Стравот од јазикот на Другиот | Северна Македонија | DW | 10.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Стравот од јазикот на Другиот

Сонот за национална држава почнува со романтичноста на борбата за слобода, а најчесто завршува во реакционерноста, со затвореноста на „националната чистота” и во „стравот од јазикот на Другиот”. Колумна на Кица Колбе.

Тоа беше во октомври 1990-тата, непосредно пред распаѓањето на Југославија. Заедно со двајца германски пријатели, првпат го посетив Саемот на книгата во Франкфурт. Во преполниот трамвај пред мене седеше постар господин. Во вистинката смисла на зборот господин, со шапка, со долг зелен мантил-тренчкот, со малечка, шпицеста побелена брадичка, со очила. Имаше префинет, продуховен лик, што  го здогледував секогаш кога малку ќе го спуштеше весникот од кој читаше. Веднаш забележав дека се работи за југословенски весник. Љубопитно ги читав насловите. Неговиот  брз и бистар поглед го забележа тоа. „Ви разумијете мој  језик?”, ме праша полунасмевнат. Додека му кажував  дека сум Македонка, од Југославија, дека одам првпат на Саемот, дека студирав и магистрирав филозофија во Белград, тој само иронично се насмевна. „Па зато имате те нелјепе рјечи у Вашем говору”, ми одговори отсечно. Потоа ми кажа дека е графички уредник на една прочуена издавачка куќа во Загреб и дека оди на нивниот штанд. „Које речи”, се зачудив јас. “Српске рјечи," ми одговори тој. “Па, секако! Впрочем, учев цели четири години српско-хрватски  во  основното школо во Скопје,” намерно му одговорив на македонски. Потоа дотогаш шармантниот стар господин почна да ми објаснува дека хрватскиот и српскиот се два различни јазика, дека не смеат да се мешаат како во  „страшниот вештачки југословенски јазик”, но, за среќа, сега хрватскиот јазик  ќе ја сочувал својата убавина „чиста” од туѓите влијанија. Ме покани да го посетам штандот на хрватската издавачка куќа, го свитка весникот, отпоздрави кревајќи ја кусо шапката, стана и почна да се пробива низ трамвајот кон вратата.

Тогаш останав само зачудена. И затоа ја запаметив кусата средба. Денес ми е јасно дека така незабележано почнува национализмот. Со „стравот од Туѓото” и со желбата за „чистота на Своето”. Тоа, во крајна линија,  е разликата помеѓу повеќејазичните општества и еднонационалните  држави. Иако и   повеќејазичните култури  не се имуни на нетрпеливости кон  јазикот на Другиот, сепак, нивната идеологија поаѓа од сознанието дека за да функционира добро комуникацијата, полезно е да се говори и јазикот на Другиот. Тоа е логиката на животот, на прагмата. Повеќејазичните општества се инклузивни кон Туѓите, кои ги доживуваат како свои, затоа што тие ја градат сродноста во граѓанската смисла.  Доминатно националните општества, пак, најчесто по секоја цена се застапуваат за  „ексклузивност” на својата национална култура и национален историски наратив. Националните држави, биле тие на Балканот или  во Европа, најчесто  создаваат идеологија на национална монолитност. Нивната траума се тие, кои за граѓанските општества се богатство – граѓаните со поинаква етничка и јазична припадност. Националистите  не помислуваат дека е практично кога се говори  јазикот на Другиот, затоа што нивниот идеал е да живеат „како свои на Своето”. Тој, пак, е утопија и фикс-идеја, оти нема  никаде „чисто” општество, нема никаде само „Свои”.. Секаде и секогаш има и Туѓи и Други, луѓе со поинакво потекло. „Етничката чистота” се плаќа секогаш со крв и терор. Таа се спроведува со забрана на јазичната и етничката „поинаквост”. Затоа во еднонационалните држави „нема” малцинства на нивната теориторија. Најдобриот пример за тоа е модерна Грција. А дури и кога малцинствата се признаени, како во Македонија, кога етничкиот, националниот концепт напати станува доминантен и кај малцинсвото и кај мнозинството – кај Албанците и кај Македонците – тогаш општеството уште не е вистинска заедница, туку живот во две гета и во „затворени светови”.

Сонот за национална држава почнува со романтичноста на херојската борба за слобода, а најчесто завршува во реакционерноста, со затвореноста  на „националната чистота” и во „стравот од јазикот на Другиот”. Тој страв потекнува од фанатичната самовљубеност на националистите во „чистотата” на Своето. Стремежот за национална „јазична чистота” прави да се заборави дека познавањето и говорењето многу јазици е богатство не само за личностите, туку и за општествата. Дека во историјата на човештвото голема култура  зад себе оставија само општествата во кои не владееше тесниот национален  концепт, тоа сознание е запоставено во националните идеологии. Затоа нивната култура најчесто е провинцијална, склона на кич-патриотизам и индоктринација. Националната самовљубеност создава фанатичност. Таа сугерира страв и омраза кон Другиот. Тој е  вечниот непријател, затоа што тој со своето постоње ја негира „националната чистота”. Кога стариот господин, кој сигурно имаше широко образование и култура, говореше за чистотата на неговиот хрватски, му светеа очите од самовосхит. Тој беше вљубен во себеси и во своето потекло. Како митолошкиот Нарцис во својот отслик во водата. Така и тој не  се восхити од тоа што јас, Македонка, со помош на српско-хрватскиот можев да го разберам. Тој се фиксираше врз, за него, грдите српски примеси во мојот, пак  само за него, „хрватски”. Тој не беше восхитен  од се‘  она што ни‘ дозволуваше во Југославија тој, за него, „страшен српско-хрватски” – да можеме да коминицираме во заедништво од Триглав до Гевгелија. Нему не му беше важна средбата во јазикот со Другиот – нему му беше важен јазикот како „граница” пред Другиот. Така јазикот, дури и кога е сроден, станува непријател. Српскиот режисер Горан Паскаљевиќ  мислеше на таа патологија  на национализмот кога еднаш напиша дека  најстаршните постјугословенски војни беа меѓу народите што зборуваат речиси ист јазик. Затоа што тој одеднаш не беше повеќе нивниот заеднички јазик.

Други колумни од Кица Колбе:

-Европа е култура

-Празна земја

-Припадност и „дома“ - за мајка ми

Политичката идеологија на „јазичната чистота” е фашизоидна. Националистичката асимилација на се‘ што е  туѓо и различно од доминантната јазична и национална култура, но и стремежот  за „чистота на Своето” со геноцид и прогон на Туѓото од својата територија, и ден-денес  се методите со кои се гради силната, еднонационална држава. Во нејзината фашизоидност, самовљубеноста во етнички и јазично Своето, логично води до видливи и „невидливи”  војни  за територија, а против Туѓите. Тие, Туѓите, во секоја национална констелација имаат различно име, но, секогаш  иста приказна: таа на Македонците во  северна Грција, на Словенците во  Австрија, на Романците во Унгарија и на Унгарците во Романија, на Словаците во Чешкословачка и на Чесите во новата Словачка, на Пољаците во поранешната германска покраина Шлезија, но и на ретките Германци во сегашна Полска, на Курдите во  модерна Турција. Редицата може да се продолжи во недоглед. Секогаш кога почнува да се остварува сонот на националната држава, започнува историјата на асимилација или дескриминација на  Туѓите на нејзината територија. „Стравот од Другиот” е жртвата која  националните држави ја положуваат  пред  светилиштето на нивниот идол – „националната чистота”.

Пред години, некаде прочитав дека во Битола, пред Балканските војни, значи уште во времето на Османското царство, секој  „грамотен” човек ги говорел јазиците на своите соседи: турски, влашки, грчки, бугарски, српски, албански. Оние со повисоко образование, кое, најчесто се стекнувало во европските метропиоли, говореле и француски и германски, но неретко и италијански и англиски. Во османска Македонија постоела поразвиена култура на повеќејазичност отколку денес на Балканот.  Затоа што тоа тогаш  било од полза за комуникацијата на многубројните етнички групи во царството. Модерната национална држава Турција, напротив, особено во борбата против Курдите, ги потврдува сите грди клишеа за идеологијата на  „националната чистота”.  Така и националните држави на соседните народи во географскиот регион Македонија, кои до Балканските војни  ја познаваа повеќејазичноста, кога ги изцртаа своите нови, национални граници, почнаа со безмислосна асимилација на „Туѓите”. Тие, кои ги наследија со освојувањето на територијата. Сета историја на регионот Македонија е сведоштво за борбата на доминнатните национални идеологии. Затоа само Македонците  вистински разбираат што значат зборовите Гркоман, Србоман и Бугарофил. 

Европскиот проект на помирување е незамислив без  повеќејазичноста. Тој дух доаѓа вистински до израз во проектот на  германската покраина Зарланд (Сарската област) наречен „Стратегија-Франција”. Таа покраина во историјата  беше често воено боиште. Затоа што е гранична територија, која потпаѓаше  наизменично под француска и германска управа. Таму, како и на Балканот, на луѓето во еден човечки век неколкупати им било менувано државјанството и личните имиња, а им бил забрануван јазикот – германскиот или францускиот. Сега со проектот “Стратегија-Франција” оваа покраина си постави за цел до 2043-та да стане целосно двојазична и повеќејазична. Францускиот јазик треба се‘ повеќе да станува вториот јазик за комуникација. Иако германскиот останува мајчин и официјален јазик, францускиот треба да стане секојдневие. За таа  цел веќе има неброени  двојазични детски градинки и училишта. „Повеќе јазици се повеќе шанси” е слоганот на овој проект. Но, најважното е, што со овој проект се надминува етноцентричноста, а се почитува  јазичната физиономија и културата на поевеќејазичност  на регионот. Како би било кога барем во пограничните градови во Македонија и Грција би се учел јазикот на соседот уште во градинките? Кога во Лерин би станал секојдневие македонскиот, покрај грчкиот? Кога на пазарите во Битола би  доаѓале земјоделци од Лерин? И кога сите би се разбирале – на грчки или на   македонски? Тоа звучи како утопија, нели?  Но, не мора да биде така и во иднина. Оти имаше времиња кога Битола беше како граничните градови во Елзас -  повеќејазична  култура, со богатство од  различности.

 

DW.COM

Реклама