Стравот го чува „лозјето“ на Заев? | Македонија | DW | 02.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Стравот го чува „лозјето“ на Заев?

Аналитичари коментираат што се крие зад изјавата на премиерот Зоран Заев, дека двајца функционери од власта се под истрага за корупција

Антикорупциски маркетинг, мал час по дисциплина или сериозно предупредување дека нема да има прогледување низ прсти на функционерите кои ќе влезат во коалиција со корупцијата и криминалот? Ова се дилемите што ги наметна премиерот Зоран Заев со изнанадувачкото откритие дека двајца високи претставници на власта се под истрага за корупција по дојава на граѓани. Откако некои медиуми погрешно пренесоа дека под истрага се „двајца членови на Владата“, од владината прес-служба потенцираа дека не станува збор за членови на Владата и ја дистрибуираа премиерската изјава во целина.   

„Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество. Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам за прв пат. Јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција, и како резултат на тоа во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта кои се на должност неколку месеци. Се разбира ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи подеднакво за сите.“

Ова го изјави премиерот Заев на самитот „Македонија 2025“, во рамките на неговото обраќање на панел дискусијата на тема: „Што научивме и како да ги применуваме најдобрите практики во Македонија и регионот“.

Тој не откри за кои функционери станува збор, но објасни дека се на должност неколку месеци, односно именувани на почетокот на август и дека истрагата била покрената по пријава на граѓани. 

Порака до директорите?

Ваквото допрецизирање може да води единствено кон 10-ти август, денот кога Владата на Република Македонија разгледа и усвои повеќе кадровски предлози, односно именуваше 67 вршители на должност - директори на органи, државни управи и казнено - поправни установи што се во надлежност на Владата. Јавното обвинителство не открива дали и кои лица се под истрага заради тајноста на постапката, а од вчера 67 именувани в.д. директори се во тескобност и преиспитување - дали некој од нив ја преминал црвената линија?

И во јавноста се поставуваат многу прашања: Дали премиерот стравува дека нечие девијантно однесување може да земе замав, па преку јавна порака се обидува да го пресретне и сосече кај други? Или, преку примерот со двајцата пријавени функционери сака да се презентира себе си како предводник на антикорупциската борба во највисоките кругови на власта?

„Изјавата на Заев повеќе ја сметам за политички маркетинг отколку за суштина“, вели комуникологот Петар Арсовски.

„Сметам дека мотивот е да се подобри имиџот на власта, дека таа се занимава и со борба против корупуцијата во сопствените редови, односно обид да се претстави Владата во подобро светло. Во овој момент не знаеме дали таа изјава е упатена само кон нивните функционери за да внимават што прават, со порака дека премиерот нема намера да толерира корупција. Но, бидејќи кажува информација за лица за кои наводно се води истрага, а не можеме да знаеме ниту за кого станува збор, ниту за какви дела, и со оглед дека во таа изјава нема многу 'месо', повеќе ја сметам за промотивна порака отколку за реална акција“, оценува Арсовски.

Откривање и процесуирање

Според ланскиот Извештај за проценката на корупцијата во Македонија, изработен од повеќе истражувачи преку Македонскиот Центар за меѓународна соработка (МЦМС), судиите, министрите и пратениците се перцепирани како најкорумпирани. За 74,8 % од граѓаните, наглото збогатување на личен план на оние кои се на власт е водечкиот фактор за широко распространетата корупција. За речиси 70 % од граѓаните, недостатокот на административна контрола и неефективното судство се следните фактори кои влијаат врз распространетоста на корупцијата. Ако во 2014 година 21,5 % од граѓаните дале поткуп, во 2016 година тој број пораснал на 29 %.

Драган Малиновски, поранешен член на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) вели дека антикорпуциската борба е многу повеќе од најава.

„Изјавата на премиерот е премногу штура за да може да се извлече заклучок за нивото на посочените функционери, како и за сериозноста на инкриминацијата. Во моментов не знаеме дали станува збор за некое сериозно кривично дело или, на пример, за утврден конфликт на интереси. Во антикорупциската практика во светот како  репер за сериозната посветеност во антикорупциска борба не се сметаат најави за тоа, туку исклучиво правосилно завршени пресуди. Ова, од причина што антикорипциската борба не подразбира само откривање, туку процесиуирање на делата“, потенцира Малиновски.   

  

ВМРО-ДПМНЕ: Спрега меѓу СДСМ и ЈО!

ВМРО-ДПМНЕ вчера експресно го обвини Заев дека со изјавата потврдува оти „постои директна спрега помеѓу СДСМ и јавното обвинителство, кое се користи за механизам за дисциплинирање, закана и уцена“.

„Постапките во обвинителствата се тајни и во ниту еден случај премиерот не би требало нити би можело да знае што работат обвинителите кои се посебен државен орган. Со ова се потврдува дека Заев во суштина е нарачател на работата на обвинителите, факт кој е скандалозен и тотално незаконски. Сето ова е театар, во кој Заев аболиран за криминалот во Глобал од 8,5 милиони евра, човек против кој се одолговлекува судски случај за барање на мито од 200 илјади евра, и кој во Струмица на своите фирми, и фирмите на своите братучеди и блиски им делеше милионски тендери, сака да се претстави како лажен борец за правда“, реагира ВМРО-ДПМНЕ во соопштението, и го повика премиерот јавно да ги објави осомничените криминалци од неговата власт.

 

DW.COM

Реклама