Стотици неонацисти во Германија исчезнаа „од радарот“ | Свет | DW | 07.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Стотици неонацисти во Германија исчезнаа „од радарот“

Германската полиција е во потрага по стотици неонацисти. Министерот за внатрешни работи изјави дека има напредок во неизвршените налози за апсење. Експерти велат дека десничарски терористички мрежи претставуваат закана.

Канцеларката Ангела Меркел пред неколку дена во нејзиното новогодишно обраќање изјави дека најтешкиот тест со кој се соочува Германија е исламскиот тероризам. Но, тероризмот во Германија не е исклучиво исламистички. Таков ризик постои и од политичката левица или – како што Националното социјалистичко подземје (НСУ) неодамна демонстрираше – и од десницата.

Во декември, министерот за внатрешни работи, одговарајќи за време на парламентарната интерпелација која беше иницирана од Левицата, изјави дека остануваат само уште 600 нерешени налози за апсење на неонацисти. Само во првите десет месеци од 2016 година биле издадени 403 налози за апсење. Вкупно, биле издадени 454 налози за апсење на лица кои, во официјалниот жаргон, „врз основа на релевантни полициски информации се сомничат за ‘криминални дела мотивирани од политичката десница'". Сите десничарски екстремисти не се бараат поради политички мотивирани криминални дела, но во 92 случаи, во налозите за апсење е наведена поврзаност со политички мотивиран прекршок.

Според Матијас Кент, истражувач на десничарскиот екстремизам од Јена, бројот на неонацисти кои „исчезнале од радарот“ го зголемува ризикот од креирање на нови десничарски екстремистички и терористички структури. Во интервју за ДВ, Кент потенцира дека одењето „во подземјето“ може да води до понатамошно радикализирање на групите и посилно и одлучно остварување на нивните политички цели, дури и со насилство. 

Ова соодветствува на последниот годишен извештај на министерството за внатрешни работи за одбрана на Уставот, во кој се зборува за „исклучително висока стапка на десничарски екстремистички насилства“. Авторите на извештајот велат дека „агитацијата против азилот креаира ехо кое засилува фрагменти од идеологијата на десничарските екстремисти. Актерите на десничарскиот екстремизам се поврзуваат“, што во споредба со 2015 година, резултираше со петкратно зголемување на насилството и криминалот мотивиран од десничарските екстремисти кој е насочен кон престојувалиштата на барателите на азил. Во извештајот исто така се наведува дека по неколкугодишното намалување, десничарската екстремистичка сцена повторно привлекува нови членови. Се проценува дека бројот на десничарско екстремистички ориентирани луѓе изнесува околу 23.000. 

Deutschland Oldschool Society Logo

Радикалното „Oldschool Society“ беше забрането во 2015 година

Неинхибиран дискурс

Како што по исламистичките терористички напади во Франција на мета се најдоа џамиите, така и смртоносниот напад во Берлин, во кој камион усмрти и повреди десетици луѓе на еден божиќен пазар, ги подгреа сентиементите во десничарските кругови. Матијас Кент веќе забележал дека на социјалните мрежи нивото на чувствителност кон вербалното насилство е опаднато.

„Дискурсот е невидено неинхибиран“, изјави тој за ДВ. „Доколку перцепцијата е дека државата не е повеќе способна да ги заштити своите граници или своите граѓани од тероризам, се јавува зголемување на набљудуваната легитимност за креирање на сопствени организации или индивидуално свртување кон насилство или само вооружување“.

Граѓаните, на пример, можат да се вооружат онлајн. Интернет страницата на германски јазик, која е регистрирана во Русија под името „Мигрантеншрек“ (Уплав од мигранти) нуди на продажба различни видови оружја кои испукуваат проектили од тврда гума.  Еден од пиштолите кои се продаваат на овој вебсајт чини 749 евра и е опишан на следниот начин: „Моќноста на проектилот од неверојатни 130 џули зборува сама за себе, што ја гарантира успешноста на овој продукт“. 

Screenshot Webseite Migrantenschreck.ru

Оружјето кое се продава на интернет-страницата „Уплав од мигранти“ е забрането во Германија

Администраторот на оваа илегална интернет продавница, Марио Рунш, припаѓа на кругот неонацисти кои се „вон радарот“. Неколку германски јавни обвинители веќе имаа искуство со Рунш: По него се трагаше поради сомневање за поттикнување за извршување кривични дела. Се верува дека сега Рунш живее во Унгарија, од каде што продава оружје. Оружјата кои ги нуди Рунш на неговата веб страна се легални во Унгарија, но е забрането да се извезуваат во Германија. Тешко е да се претпостави дека намерите на Рунш се мирољубиви: На веб страната има видеа на кои се демонстрира како да се користат оружјата со нивно испалување кон фотографии на истакнати германски политичари.

Раст на екстремизмот низ цела Европа

Антитерористичката единица на Европол забележува дека десничарските екстремистички групи низ цела Европа се обидуваат да ја инструментализираат бегалската криза за сопствени цели. Официјални лица од Европол регистрираат значително зголемување на десничарско-екстремистички интернет страници низ целата Европска унија.

Како и со другите форми на екстремизам и радикализација, социјалните мрежи исто така играат клучна улога во десничарскиот екстремизам. „Поддршката за потенцијалните насилни криминални дела често доаѓа од социјалните медиуми“, изјави за ДВ Улрих Вагнер, социјален психолог од Марбург. Оваа поддршка, вели тој, доаѓа или од интерактивните платформи или доста едноставно, од постојаното гледање на одредени акти на насилство. „Насилните престапници исто така учат преку други примери како да ги прават овие работи“, вели Вагнер. „Сликите на интернет можат да ги видат сите“.

Реклама