Стотици жртви на чудовишното цунами во Индонезија | Свет | DW | 29.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Стотици жртви на чудовишното цунами во Индонезија

Цунамито и земјотресот на островот Сулавеси во Индонезија однесоа близу 400 животи, се стравува од уште поцрн биланс. Брановите високи два метри разурнаа најмалку два града, вклучувајќи го и познатоот летувалиште Палу.

Земјотресот со јачина од 7,5 степени според Рихтеровата скала, кој вчера ја потресе Индонезија, предизвика огромно цунами. Според официјалните податоци, настрадале најмалку 384 луѓе, а преку 540 се повредени. Брановите го разурнаа туристичкиот центар Палу, главен град на провинцијата Сулавеси, како и помалиот град Донгалу, кој се наоѓа поблиску до епицентарот на земјотресот.

„Вчера, кога се дозна за заканата, луѓето продолжија да ги извршуваат своите секојдневни работи, се задржуваа на плажа, наместо да бегаат и така настрадаа“, изјави портпаролот на Националната агенција за катастрофи.

Цунамито го прекина снабдувањето со електрична струја и комуникациите, отежнувајќи ја работата на спасувачите. Градскиот аеродром е затворен, зашто пистата и контролната кула се оштетени. Власта се труди да овозможи брзо отворање на аеродромот за да може да пристигне неопходната помош. 

Аметерско видео кое кружи по интернет покажува моќни бранови при ударот на брегот на Палу, кои уриваат несолидни градби на брегот, како и луѓе кои панично бегаат. „Само трчав кога видов како брановите удираат на куќите на брегот“, изјави еден мештанин за агенцијата АФП.

Индонезискиот претседател Јоко Видодо изјави дека во регионот погоден од катастрофата е испратена војската за да им помогне на спасувачите. Се јавува за илјадници уништени објекти, меѓу кои и болници, хотели и трговски центри, како и еден мост. Во регионот на Палу и Донгалу живеат околу 700. 000 луѓе.

Индонезија се наоѓа во сеизмичка област, т.н. Огнен прстен и е подложна на земјотреси. Палу во петокот веќе беше погоден од помал земјотрес, кога беше пријавена една жртва. По посилниот земјотрес во петокот и денеска тлото е потресувано дополнително преку сто пати.

Во текот на летото серијата потреси предизвика смрт на 550 луѓе на индонезискиот остров Ломбок. Во декември 2004. година земјотрес со сила од 9,1 степен го погоди островот Суматра, по што цунами во Индискиот Океан однесе 230.000 животи во 13 земји.

 

Реклама