Столтенберг: Спроведете го договорот и следниот ден седнете на масата на НАТО | Северна Македонија | DW | 06.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Столтенберг: Спроведете го договорот и следниот ден седнете на масата на НАТО

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг од Скопје јасно порача дека без имплементација на договорот со Грција не е можно членство во Алијансата. Тој ги повика граѓаните да се изјаснат на референдумот

Столтенберг порача дека Македонија се наоѓа пред историска шанса да стане членка на ЕУ и НАТО, но и неколку пати повтори оти тоа нема да биде можно без целосна имплементација на Договорот за решавање на спорот за името со Грција.

„Разбирам дека е тешко, но тоа е алтернативата: или договор за името и членство, или без договор за името, нема членство“, рече Столтенберг во Скопје за време на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев. 

Гледај видео 01:11

Столтенберг: Без договор со Грција нема НАТО


Првиот човек на НАТО понуди охрабрување за побрзо спроведување на договорот за името, ветувајќи дека членството може да се ефектуира уште претстојнава зима.
„Последно што сакам да кажам е дека ние всушност можеме, доколку го имплементирате договорот за името, можеме да го потпишеме протоколот за пристапување уште оваа зима. Потоа ќе учествувате. Вашиот министер за одбрана може да седи рамноправно на масата на НАТО уште на министерскиот состанок во февруари. Значи ако го имплементирате договорот можете да почнете да учествувате во состаноците на НАТО уште следниот ден“, рече Столтенберг.

Столтенберг во Скопје разговараше и со претседателот Ѓорге Иванов и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. И Иванов и Мицкоски пред генералниот секретар на НАТО изнеле став дека се залагаат за членство во ЕУ и НАТО, но и дека се против договорот со Грција.

 

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама