Столтенберг и Димитров: Ова е историски ден | Македонија | DW | 06.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Столтенберг и Димитров: Ова е историски ден

Амбасадорите на земјите членки на НАТО денеска го потпишаа Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во Алијансата. Генералниот секретар Јенс Столтенберг оцени дека се работи за историски ден

„Чекавме на вас долго време. Долго дававте поддршка кон мисиите на НАТО, (...) соработуваме заедно и на реформите кои ве подготуваа да станете 30 членка“, порача генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на церемонијата на потпишувањето на Протоколот за членство на Македонија.

„Ова не беше лесен пат. Имаше предизвици и тешки компромиси, но вашата посветеност донесе напредок“, рече Столтенберг.

Тој им оддаде признание на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас за „покажаната голема храброст при решавањето на спорот за името“. Влезот на Северна Македонија во НАТО дава витален придонес кон регионалната стабилност и безбедност, рече генералниот секретар на Алијансата.

Македонија е сега на чекор до полноправно членство во НАТО. Во текот на следните месеци, Протоколот треба да го ратификуваат парламентите на 29 земји членки на НАТО. Прва тоа ќе го стори Грција до крајот на неделава. Дотогаш, македонските државни претставници ќе учествуваат на состаноците на НАТО како набљудувачи.

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во обраќањето пред амбасадорите рече дека е многу емотивен и дека е многу среќен што ја има честа да ја претставува земјата на историскиот настан.

„Во следните денови конечно ќе го решиме последниот спор што го имаме со еден наш сосед“, рече Димитров, алудирајќи на заокружувањето на Преспанскиот договор со потпишувањето на Протоколот во грчкиот парламент.

„Ќе играме улога која може да биде многу смирувачка во еден регион кој се уште се соочува со џебови на несигурност“, рече Димитров.

И Столтенберг и Димитров изразија надеж дека процесот на ратификација на Протоколот во националните парламенти ќе се одвива брзо. Проценките се дека ќе бидат потребни најмалку девет месеци до полноправното членство на Северна Македонија во Алијансата.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама