Столтенберг во Скопје како „порака само по себе“ | Северна Македонија | DW | 16.01.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Столтенберг во Скопје како „порака само по себе“

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ќе допатува утре во дводневна посета на Македонија, за време на која ќе разговара со највисоките државни претставници и ќе им се обрати и на пратениците во Собранието.

Се очекува првиот човек на Северноатлантската Алијанса да разговара со премиерот Зоран Заев, со претседателот Ѓорге Иванов, со шефот на дипломатијата Никола Димитров, со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, со лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски како и со претседателите на другите партии.

Посетата на генералниот секретар на НАТО во Скопје доаѓа по интензивирање на напорите на владите на Македонија и на Грција да го решат двоиполдеценискиот спор околу името Македонија, кое Грција го оспорува и поради кое ја спречува евроатланската интеграција на северниот сосед.

Столтенберг во Македонија доаѓа на ист ден кога во Њујорк треба да се одржи нова рунда преговори во кои учествува и посредникот на ОН Метју Нимиц. 

Повеќе на темата:

-Разговори за името - равенка со многу непознати

-Лавров: Русија ќе поддржи договор за името меѓу Македонија и Грција

-Атина: Вашингтон притиска за влез на Македонија во НАТО

Високо официјално лице на НАТО, кое не е именувано, изјави за грчкиот весник „Етнос“ оти последните случувања во врска со прашањето за името се оптимистични и дека Алијансата го поддржува понатамошниот напор за пронаоѓање решение, но оти е сѐ уште рано да се каже дали Македонија ќе се најде на програмата на самитот на НАТО во јули.

Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска, вчера рече оти посетата на генералниот секретар на НАТО е „порака сама по себе“. „Тоа значи дека во претходните 6 месеци успеавме да ја вратиме Македонија назад на евроатлантскиот пат и оти успеавме да ги неутрализираме сите оние лоши вести кои во континуитет претходните години доаѓаа од Македонија“, рече Шеќеринска.

Поради посетата на Столтенберг во Скопје македонската полиција ги зголеми мерките на безбедност кои подразбираат и заварување на шахти, пренесоа македонските медиуми.

DW.COM

Реклама