Стогодишни дрвја изгореа во пожарите, пеплосани повеќе илјади хектари шума | Северна Македонија | DW | 12.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Стогодишни дрвја изгореа во пожарите, пеплосани повеќе илјади хектари шума

Загадувањето, промената на климата, опасноста од ерозивни процеси, се само дел од последиците коишто се закануваат по големите пожари, предупредуваат експертите за шуми.

Стогодишни шуми изгореа во пожарите во Малешевијата, во високите делови на месноста викана Бајастепе, која се наоѓа на потегот меѓу Делчево и Пехчево. Силниот оган кој поради ветрот, непредвидливо го менуваше правецот, зафати огромен фронт и опустоши голема површина. Станува збор за катастрофа со огромни размери - не само што е предизвикана материјална штета, опожарени се пчеларници и бројни објекти, туку штетата има и далекусежни еколошки и биолошки последици. Загадувањето, промената на климата, опасноста од ерозивни процеси таму каде што е соголема шумата, која што претставуваше природна брана од потенцијалните опасности, се само дел од последиците коишто се закануваат по големите пожари коишто ја зафатија Северна Македонија, предупредува професорот Николчо Велковски од скопскиот Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Елм“. 
Експертот за шуми, кој деновиве и самиот учествуваше во гаснењето на огнената стихија во Малешевијата, објаснува како настанале пожарите, зошто е предизвикана огромна штета и што ќе треба да се преземе во наредниот период за да се санираат последиците од огнената стихија. 

Ветрот и младата шума - лоша комбинација

Во пожарите во Малешевијата првичните проценки се дека изгореа меѓу четири и шест илјади хектари шума. Проценките на НАСА, пак, говорат дека последниот месец во Македонија изгореле околу 10 000 хектари шума, шумско земјиште, земјоделски површини и пасишта. 

Waldbrände in Nordmazedonien

Во пожарите во Малешевијата првичните проценки се дека изгореа меѓу четири и шест илјади хектари шума.

Сателитските снимки од пожарите во Малешевијата направени од Службата за управување со итни случаи - Коперникус на ЕУ, покажаа дека огнот зафатил површина која се протега од Тработивиште и Стар Истевник на север до селото Мачево и градот Пехчево на југ, или околу 18 километри оддалеченост, а вкупниот радиус е над 50 километри.

-повеќе на темата: Што ги предизвикува пожарите во С. Македонија: Топло време или човечки фактор?

Станува збор за опустошување на „белите дробови“ на најубавите планински предели во земјата - Берово, Пехчево,Делчево, а огнените јазици ја зафатија и околината на Кочани, Битола, Гевгелија, Старо Негоричане...Само во Старо Негоричане во пожарите кои што беснееја неколку дена, изгореле 600 хектари шума. 

Гледај видео 01:28

Битката со пожарите во Малешевијата

Најголема штета е нанесена на црниот бор во Малешевијата, на шума стара од 50 до 70 години, за која што професорот вели дека ќе бидат потребни исто толку генерации за да се обнови. Но, покрај високата шума, на местата на некогашните ниви кои сега се запуштени и обраснати расте и нова шума. Шума којашто соодветно не се третира и негува, а којашто, според Велковски, придонела огнот брзо да се шири и да зафати огромен простор. 
Ветрот како лош сојузник на огнот, придонел пожарите неконтролирано да го менуваат правецот, правејќи вистинска пустош. Благодарение на пожртвуваноста на локалното население, пожарникарите, армијата и помошта од надвор, сепак е спречена катастрофа од уште поголеми размери. 

-повеќе на темата: Германски пожарникари ќе ги гаснат пожарите во Грција

Професорот, кој порано работел во Шумското стопанство во Малешевијата, се присетува дека вакви пожари досега не се паметат во овој крај. 
„Порано се сеќавам дека имало и по 40 интервенции за гаснење пожари, но коишто имаа зафатено далеку помала површина. Најголеми пожари имаше во 1994 и во 2001 година, кога изгореа 200 хектари. Но, ова што се случи сега е катастрофа“, вели тој. 

Штетата тешко ќе се надокнади

Во пожарите највеќе има изгорено борова шума и помали делови со даб и смрека. Штетата е голема и не може така лесно да се надокнади. Последиците од пожарите и обновата на шумскиот фонд не ќе можат да се санираат за една година. Велковски вели дека за тоа ќе бидат потребни неколку години. 

Waldbrände in Nordmazedonien

Последиците од пожарите и обновата на шумскиот фонд не ќе можат да се санираат за една година.

Најпрво ќе биде неопходно да се отстрани опасноста од повторно запалување, да се расчисти теренот од остатоците од пожарот. Ако се започне веднаш со расчитувањето на теренот, од пролет веќе ќе може да започне пошумувањето на опожарените делови.  Тој вели дека пожарите се поука дека мора да се води сметка за младите шуми, тие правилно да се негуваат и одржуваат, но и дека е неопходно да се посади нова и разноврсна шума. Иако во Малешевијата доминатен е црниот бор, шумата ќе треба да се меша со даб, липа и јавор.

-повеќе на темата: Европа гори: Четири причини зошто тоа се случува

Само минатата година земјата била зафатена од 102 пожари, коишто предизвикале штета од над 80 милиони денари. Најголем број пожари имало во 2019 година - 402 и во 2017 година, кога се евидентирани 364 огнени стихии. Најголема штета шумите претрпеле  токму таа година, кога проценките се дека сумата достигнала над 31 милион евра. За изминативе пет години штетите предзвикани од поѓарите надминуваат над 35 милиони евра. 

Waldbrände in Nordmazedonien

Само минатата година земјата била зафатена од 102 пожари, коишто предизвикале штета од над 80 милиони денари.


Минатата година била опожарена површина од 1.234 хектари, а опожарената дрвна маса е 8.138 м3 при што е причинета штета од 81.071.150 денари.  Во 2019 година, претпријатието евидентирало загуби се 808.669.316 денари. Опожарена била  површина од 15.675. 
Од „Национални шуми“ најавија дека штом ќе се добијат проценките ќе започне пошумувањето на опожарените делови. За таа цел веќе се обезбедени доволно садници, со коишто ќе се обидат да го спасат шумското богатство проголтано од огновите. 
Податоците од пошумувањето на нови површини во С. Македонија, покажуваат дека тоа опаѓа во изминатава деценија. Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2020 година во земјата биле засадени нови дрвја на површина од 569 хектари, што е второ најниско ниво во изминатава деценија по 2017 година, кога биле пошумени 553 хектари.

 

Гледај видео 02:33

Сведоштва од Будинарци: „Психички се разболевме од пожарите“

DW.COM