Стартуваат антикорупциските, продолжуваат судските реформи | Северна Македонија | DW | 29.08.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Стартуваат антикорупциските, продолжуваат судските реформи

Во финална фаза е антикорупциската реформа, како и измените на Законот за судови и на Законот за судски совет. Следуваат консултации за иднината на СЈО: ќе биде вклопено во ЈО или останува посебно, но со траен мандат?

Деновиве на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистер на прописи на РМ) ќе бидат ставени на увид и јавна дебата измените на Законот за спречување на корупцијата, а истите ќе бидат доставени и до медиумите, најавуваат од Министерството за правда. Јавноста долго ги очекува овие законски измени, имајќи предвид дека предвидуваат промени во концептот за избор на членови на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), нејзиниот состав и начинот на работа. Оваа Комисија практично не работи од март годинава, кога поголем дел од членовите си поднесоа оставки поради наводите дека земале пари за патни трошоци со лажни налози. Оттогаш до денес ДКСК функционира на техничко ниво. Во работната група која во изминатиот период работеше на измените на законот, покрај моделот на антикорупциската комисија (да биде составена од експерти и лица кои немаат политичка афилијација), биле разгледувани и надлежностите на овој орган.

„Ефективни надлежности и јасни законски норми, ќе бидат придонес кон поефикасно вршење на активностите на овој орган во рамките на неговите надлежности“, вели министерката за правда, Рената Тренеска Дескоска.

Со измените се очекува да бидат надминати досегашни пречки во работата на ДКСК, на пример, кога одредени институции на Комисијата не и ги доставувале бараните информации или случаи кога на Комисијата и бил оневозможен пристап до одредени информации. Се преземаат и одредени активности околу јакнење на техничките капацитети што ќе и бидат ставени на располагање на ДКСК.

„По јавната дебата, и по усогласувањето меѓу партиите, кои верувам се мотивирани што поскоро да профункционира Комисијата, доколку измените влезат во процедура по брза постапка, очекувам до крајот на септември или почетокот на октомври да има нов состав на ДКСК“, вели министерката за правда.

Иднината на СЈО

Антикорупциската реформа нема да биде единствената што треба да спроведе во септември. Се работи и на измени на Законот за судови и на Законот за судски совет. 

„Измените одат симултано, бидејќи двата закони се комплементарни и еден без друг не можат. Привршуваат активностите, го проверуваме законите, со цел да ги имплементираме сите забелешки - и на експертската групата на Прибе, и на Венециската Комисија“, вели Дескоска.

Тековно се работи и на Законот за кривична постапка, а планирани се измени и на Законот за јавно обвинителство, за кој исто така е потребно двотретинско мнозинство во парламентот, односно меѓупартиски консултации и договор.

„Клучните решенија што треба да ги продискутираме се како Специјалното јавно обвинителство да се вклопи во Јавното обвинителство или ќе остане посебно, но со траен мандат“, објаснува министерката. За целиот сет реформи во судството на почетокот на септември ќе се разговара на седница на Советот за реформи, на која ќе присуствуваат и странски експерти. 

Повеќе на темата:

-Битка за судството

-Судиски пародии

-СЈО во ЈО, ново судско одделение, лустрацијата - аут

Она што се уште не е на масата во Министерството за правда, е одлуката на грчкиот Врховен суд со која беше одбиено барањето за екстрадиција на обвинетите од СЈО - поранешните вработени во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои со фалсификувани бугарски пасоши лани беа уапсени во Солун.

„Се уште не е стигната одлуката“, вели министерката. Таа претходно најави дека откако ќе стигне ќе биде разгледана, и ако се утврди дека има основа за постапување, Министерството може да го обнови барањето за екстрадиција, со дополнителна аргументација поврзана со незаконската аболиција од страна на претседателот.

Ниска доверба

На почетокот на септември се очекува на седница на Судскиот совет конечно да се најде и изборот на претседател на Апелацискиот суд, за кој постапката е одамна завршена, но изборот доцни. За претседател на Апелацискиот суд се пријавени 11 кандидати.

Судството со години добива лоши оценка од граѓаните. Во истражувањето на јавното мислење спроведено во почетокот на годинава за поглавјето што ги опфаќа правосудството, корупцијата и темелните права, 62 % се изјасниле дека немаат доверба во правосудниот систем. Истражувањето, спроведено од Халсиншкиот комитет, ЕПИ и Мрежа 23, ги покажува наодите од искуствата, сознанијата и перцепциите на вработените во државната администрација и правосудните институции по однос на состојбите во правосудството, борбата против корупцијата и основните човекови права. Најниско, со 2,46 е оценета еднаквоста пред законите. Ниски оценки од 2,65 до 3 добиле и правото на правично судење и на ефективен правен лек.

DW.COM

Реклама