Старото бреме на новата Левица | Свет | DW | 05.12.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Старото бреме на новата Левица

Тие одново се организираа, го сменија името и се извинија. Но, минатото се‘ уште ја следи Партијата на Левицата. Темата одново стана актуелна откако за првпат член на партијата застана на чело на покраина во Германија.

Без гласот на пратеникот Франк Кушел изборот на новиот премиер на покраината Тирингија не ќе беше можен. Коалицијата на Партијата на Левицата, Социјалдемократите и Зелените има мнозинство од само еден глас во новиот покраински парламент. Проблемот е во следното: пратеникот на Левицата, 53-годишниот Франк Кушел, во поранешната комунистичка ГДР бил соработник на озлогласената тајна служба Штази. Заведен со кодно име „Фриц Кајзер“ тој ги шпионирал Германците кои сакале да побегнат од Источна во Западна Германија, и тоа го правел сѐ до самиот крај на државата, во 1989 година.

Во 2006., етичкиот комитет го прогласи за „морално неподобен“ за вршење пратеничка функција. Но и покрај тоа, граѓаните на Тирингија на покраинските избори и‘ дадоа поддршка од 28 проценти на Партијата на Левицата, на чија листа Кушел се најде на осмото место. Но, сега со наближувањето на изборот на новиот покраински премиер од редовите на Левицата, Бодо Рамелов, расте и загриженоста во јавноста поради сенката на Штази која се надвива над партијата победник.

Противење доаѓа и од редовите на Социјалдемократите (СПД), кои треба да бидат коалициски партнер во новата влада. Штефан Хилсберг, основач на Социјалдемократската партија во Источна Германија која подоцна се спои со својот идеолошки близнак од Западот, вели дека соработката со Левицата секогаш ќе предизвикува дебати.

„Со нивната одговорност за сталинизмот, изградбата на Ѕидот, бодликавата жица, диктатурата, политичкиот прогон, милионите бегалци, Левицата никогаш нема да биде нормална партија во Германија“, напиша неодамна Хилсберг.
И сојузниот претседател Јоахим Гаук, кој бил свештеник и борец за човекови права во поранешната ГДР, се сомнева дека Левицата успеала да се прочисти од темното минато како партија наследничка на источно-германската комунистичка СЕД.

„Дали Партијата на Левицата навистина се откажа од верувањата кои некогаш ги имаше СЕД во однос на репресијата врз луѓето за ние денес да ѝ веруваме?“, прашува Гаук.

Deutschland Parteien Katja Kipping Landesparteitag Die Linke Berlin

Катја Кипинг

За оние од ЦДУ никој не прашува!

Лидерот на Левицата, Катја Кипинг, тврди дека на нејзината партија треба да и‘ се верува, дури и во случаи како овој со поранешниот соработник на Штази, Франк Кушел. Тој никогаш не го криеше своето Штази минато, вели таа, напротив отворено призна дека работел за тајната служба.

„Сметам дека мојата партија повеќепати се соочи со минатото“, вели Кипинг за ДВ, додавајќи дека истото го очекува и од другите партии. Забелешката е насочена кон партијата на актуелната германска канцеларка Ангела Меркел - ЦДУ, која исто така се обедини со својата сестринска партија од истокот на Германија по германското обединување, иако и нејзините членови имаа блиски врски со СЕД.

„Само затоа што тие веќе не се левичари, дали тоа ги ослободува од сомнежот за тоа што го правеа во минатото?“, прашува Кипинг. „Сметам дека политички, многу е важно да не се избира полесниот пат“.

Кипинг вели дека нејзината партија не го избрала полесниот пат и покрај загриженоста дека ќе остане бремето на наследник на државна партија - бреме кое до денес ги оптоварува дури и младите членови на Левицата.

„Четврт век подоцна, лесно е да се дадат мудри одговори, но тогаш, сметам дека партијата сакаше да преземе одговорност и да не го прикрива своето минато“, вели таа одговарајќи на прашањето дали не ќе беше подобро доколку СЕД беше распуштена, а на нејзино место формирана сосема нова партија. Кипинг додава дека има голема почит за политичарите кои останале во партијата - вистински левичари кои не се покориле на „Новиот дух на времето кое му се поклонува на капитализмот“.

Расчистување со минатото

Bodo Ramelow Fraktionschef der Linken im Thüringer Landtag 24.10.2014 Erfurt

Бодо Рамелов

На партиската конференција во декември 1989, СЕД соопшти дека се откажува од сталинизмот, старото раководство беше сменето и се извини за неправдите сторени кон источните Германци. Членството во партијата опадна од 2,3 милиони на 220 илјади. Денес, околу една третина од 64 илјади партиски членови се од некогашна Западна Германија. Многумина се приклучија во 2007 година предводени од некогашниот функционер на социјалдемократите Оскар Лафонтен, разочарани поради политиката на тогашниот лидер на СПД Герхард Шредер.
Луѓето се менуваат, вели Кипинг. Таа не остава простор за носталгија кога говори за неправдите кои им биле правени на луѓето во Источна Германија. Во Тирингија, Левицата се согласи да потпише и таков документ на барање на Социјалдемократите и Левицата во замена за поддршка на нивниот кандидат. Идниот премиер на Тирингија, Бодо Рамелов се согласи да не именува поранешни членови на Штази на функции во владата. Но, тоа нема да го спречи Франк Кушел, т.е. „Фриц Кајзер“ да седне во покраинскиот парламент и да гласа.

Реклама