Старите навики не ги одминаа новите избори | Македонија | DW | 11.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Старите навики не ги одминаа новите избори

Дел од партиите вечерва дадоа првични оценки за изборниот процес, а набљудувачите не можат да ги добројат случаите на изборни нерегуларности.

По затворањето на гласачките места, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ излегоа со првични оценки за текот на гласањето. 

„Македонија денеска докажа дека е демократска држава, а најважно за иднината е што изборите поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера без никакви сериозни инциденти“, рече директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски. Партијата за првпат вечерва ги отвори вратите за новинарите во прес-центарот во новото партиско седиште.

„ВМРО им честита на граѓаните и го поздравува нивниот избор. Денес македонските граѓани мирно и достоинствено масовно излегоа да гласаат покажувајќи дека сакаат да се стави крај на двегодишната криза во која СДСМ ја втурна земјата“, потенцираше тој.

Шефот на изборниот штаб на СДСМ и Коалицијата за живот во Македонија, Дамјан Манчевски, изрази голема благодарност до граѓаните за огромната излезност.

„Граѓаните покажаа дека ја сакаат Македонија, дека сакаат промени во државата и дека сакаат живот во неа. Исто така, мораме да констатираме дека за жал, одредени стари навики на одредени групации блиски на власта, продолжија и понатака. Навики кои се обидоа да ги спречат граѓаните, слободно да го изразат својот глас, но исто така знаеме дека тие не се доволни за граѓаните на Македонија, слободно да можат да ја изразат својата волја“, рече Манчевски.

Од движењето „Беса“ вечерва посочија конкретни примери за голем број притисоци и обиди за поткуп на гласачи од од власта, и проценија дека со тоа нивното движење е оштетено за 50 отсто во однос на гласовите.

Мост: Многу нерегуларности

За ваквите нерегуларности со најнови податоци заклучно до 19 часот се огласи и „Мост“, граѓанската организација со најголем број домашни набљудувачи. Тие посочија повеќе примери на непочитување на постапката на гласање. На избирачкото место 1.986 во општина Тетово, член на Избирачкиот одбор од политичка партија откинал 5 гласачки ливчиња и му ги дал на друг член од политичка партија, кој отишол зад параванот и гласал. Во 2.557 општина Ѓорче Петров, гласал избирач кој не бил запишан во Избирачкиот список за тоа гласачко место. Во 2.809 во општина Центар, на гласач кој имал траги од мастило му било дозволено да гласа, а член на Избирачкиот одбор бил отстранет бидејќи не бил запознат со постапката на гласање и ги обележувал гласачите со спреј на двете раце. Во 2.773 во општина Аеродром, забележани биле 4 случаи каде не е проверено дали гласачите имаат трага од невидливо мастило, 2 случаи на нарушување на тајноста на гласањето и 4 случаи на семејно гласање. Во 2733/1 во  општина Аеродром, на местото на еден гласач веќе било потпишано друго лице. По 10-минутна дискусија на Избирачкиот одбор, на гласачот му било дозволено да гласа, при што се потпишал на друго место во Избирачкиот список. Во меѓувреме дошол друг гласач кој не бил запишан во Избирачкиот список и му било дозволено да гласа во име на негов роднина. Гласањето било прекинато 10 минути откако дел од членовите на Избирачкиот одбор се побуниле поради тоа. Во текот на дискусијата редот пред гласачкото место го воспоставувал партиски набљудувач. Во истата општина се регистрирани 5 случаи на семејно гласање при што биле злоупотребени 12 гласа. Во 2.650 во општина Карпош, член на Избирачки одбор од политичка партија го изнесол изводот од Избирачкиот список надвор од гласачкото место. Друг член пријавил во полиција, по што лицето било отстрането од гласачкото место, а за случајот била известена и ДИК. Во 0677 во општина Кавадарци, гласањето било прекинато 30 минути, бидејќи еден гласач го скинал ливчето од член на семејството, сакал да ја искрши и кутијата, но бил спречен од Избирачкиот одбор. Полицијата направила записник и гласањето продолжило. Набљудувачите пријавиле и случај на евидентирање на гласачите во посебен список од член на Избирачкиот одбор од политичка партија, во 0637 во општина Демир Хисар.

Гледај видео 01:05

Изјави на Груевски, Заев и Ахмети

„Мост“ информира и за случај за поткуп на гласачи од ромска националност пред училиштето „Санде Штерјоски“ во Кичево, како и за агитација пред две гласачки места - пред ОУ „Кирил и Методиј“ и ОУ „Александар Урдаревски“ во Чучер-Сандево, како и пред 2.269 во општина Штип. Во 0278 во општина Пласница, син на носител на јавна функција и набљудувач од политичка партија биле на раб на физичка пресметка, по што била повикана полиција која го отстранила првото лице, но истиот останал пред гласачкото место и продолжил да агитира. Набљудувачите пријавиле и десетина нови случаи на фотографирање на гласачки ливчиња во општина Центар, Аеродром, Ѓорче Петров, Струмица,  Тетово, Пехчево, Босилово...

Организацијата „Мост“ ги соопшти и последните податоци за излезноста на овие избори. Рекордна излезност е забележана во Изборната единица 4 каде носители на листите се Зоран Заев и Никола Груевски – 72,95 отсто. Во првата изборна единица до 18 часот излезноста била 71,44 отсто, во втората изборна единица 64 отсто, во третата 70,31 отсто. Во Изборната единица 5 излезноста била  62,25 отсто, а најниска била во изборната единица 6 - од само 50,28 отсто.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама