Стапија во сила санкциите на ЕУ против Русија | Европа | DW | 12.09.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Стапија во сила санкциите на ЕУ против Русија

Новите санкции на ЕУ против Русија денеска (12.09) официјално стапија во сила. Казнените мерки насочени против руски нафтени компании, претпријатија за вооружување и банки, се објавени во Службениот весник на ЕУ.

Новите санкции на ЕУ против Русија, покрај фирми од енергетската сфера, вооружувањето и банки, погаѓат и 24 индивидуи - лидери на проруските сепаратисти и руски политичари. Меѓу нив се шефовите на сепаратистите Александер Сагарченко, Владимир Кононов и Мирослав Руденко. Ултранационалистичкиот пратеник во Думата Владимир Жириновски е еден од познатите политичари во Москва кои веќе не смеат да влезат во ЕУ и чии банкарски сметски во Унијата се замрзнати.

Со акциите на трите големи енергетски претпријатија Роснефт, Транснефт и Гаспром Нефт веќе не смее да се тргува на финансиските пазраи на ЕУ. Тоа важи и за три фирми за вооружување - ОПК Оборонпром, кој има најважен удел кај производителот на хеликоптери Russian Helicopters, потоа United Aircraft Corporation, која произведува борбени авиони и Уралвагонзавод, кој е водечки руски производител на тенкови.

На листата на претпријатија на кои не смеат да им се лиферуваат производи ни за цивилни, ниту за воени цели се и прозводителот на Калашњикови и Алмас-Антеј. Тие, меѓу другото, произведуваат БУК-ракетен систем со кој, како што се тврди, е соборен малезискиот авион МХ17.

Во текот на денов и САД треба да објават какви заострени санкции против Москва имаат намера да донесат. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека постапката ќе биде координирана со Брисел. САД најавија заострување на санкциите во финансиската, енергетската и одбранбената сфера.

Москва се заканува со контрамерки

Москва ја обвини ЕУ дека со санкциите работи против мировниот процес во источна Украина. Кремљ, од своја страна, се закани со ограничување на увозот на странски автомобили, како и ограничувања на правата на прелет преку руска територија за западните авиокомпании. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја критикуваше одлуката на Брисел како несфатлива. Тој тврди дека Русија прави напори за мирно решение на конфликтот во Украина. Но, сметката за санкциите ќе мора да ја платат и европските фирми и даночни обврзници, предупреди тој.

Отстапки за Путин?

Независно од новите санкции, ЕУ сака наводно да и‘ излезе пресрет на Русија во една точка. Весникот „Зиддојче цајтунг“ пишува дека голем дел од одредбите од договорот со Украина за слободна трговија, кој беше потпишан во јуни, засега нема да стапат во сила. Русија упатила листа со повеќе од 2.300 барања за промени, се вели во Брисел.

Таму денеска претставници на ЕУ, Украина и Русија треба да најдат компромис. Тие се под временски притисок, затоа што Европскиот парламент и парламентот во Украина би требало наредната недела да го ратификуваат Договорот за асоцијација и слободна трговија.

Уште 1.000 руски војници во источна Украина

Претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој, и‘ стави на Москва до знаење дека најновите санкции би можеле да се укинат доколку Русија го поддржува мировниот процес во источна Украина. Во конфликтниот регион, кој делумно е под контрола на проруските сепаратисти и натаму важи договорот за примирје. Меѓутоа, тој е постојано прекршуван. Според проценки на нАТО, Русија и натаму има околу 1.000 војници во источна Украина.