Сталинград значеше пресврт во Втората светска војна | Свет | DW | 02.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Сталинград значеше пресврт во Втората светска војна

Битката за Сталинград пред 75 години заврши со капитулација на 6. армија на германскиот Вермахт. Тоа беше голем пресврт во Втората светска војна. Оваа победа до денес игра важна улога за многу Руси.

Индустрискиот град на Волга за Вермахтот беше всушност замислен само како етапна цел. Требаше да се освојат нафтените полиња на Кавказот. Но поради името, Сталинград и за Хитлер и за Сталин имаше значење кое не беше само стратешко.

Офанзивата врз Сталинград на 6. армија под команда на генерал Фридрих Паулус од почетокот беше ризична поради долгите патишта за снабдување. Таа почна на средината од август 1942 година, речиси една година по германскиот напад врз Советскиот сојуз. Хитлер тогаш рече: „Русите се при крајот на своите сили.“ Тоа се покажа како голема заблуда. Рака на срце, германската армија и покрај жестокиот отпор успеа до средината од ноември да освои голем дел од градот, но истовремено Црвената армија започна со опколување. Веќе на крајот на ноември беа опколени целата 6. армија и делови од 4. тенковска армија која пристигна за поддршка. Опколени беа речиси 300.000 луѓе. Меѓутоа, мораа да држат позиција, таква беше наредбата од Хитлер. Слична изјава - „нема повлекување ниту за педа“ - издаде и Сталин уште во јули.

Поради тоа што ниту една од страните не се повлекуваше од своите позиции, настана еден вид „котел“. Во него состојбата рапидно се влошуваше. Војниците со недели беа снабдувани со еден вид воздушен мост. Но транспортот беше недоволен. Како што напредуваше Црвената армија, така доаѓаа сѐ помалку намирници и средства. Во текот на зимата температурите паднаа на минус 30 степени. Поради тоа, најголемиот дел од опколените германски војници не загинаа во брба, туку починаа од студ и глад.

Zweiter Weltkrieg Schlacht um Stalingrad (picture-alliance/Mary Evans Picture Library/Alexa)

Генерал Фридрих Паулус е принуден да се предаде (архива, Сталинград 31 јануари 1943)

Паулус пружи отпор дури на крајот

Сепак, генерал Паулус сѐ уште се држеше до стриктната наредба на Хитлер да се издржи „до последно“ и на 8 јануари ја одби советската понуда за капитулација. На 29 јануари, кога состојбата е целосно безизгледна, Паулус му испраќа порака на Хитлер: „6. армија го поздравува својот Фирер на годишнината на Вашето преземање на власта. Над Сталигнрад сѐ уште се вее знамето со кукаст крст. Нашата борба нека биде пример на оваа и на идните генерации да не се капитулира дури ни во безнадежни ситуации. На тој начин Германија ќе победи. Хајл мој Фиреру!“

Но верноста на Паулус не е безгранична. Кога Црвената армија на 31 јануари влезе во неговиот Главен штаб, сместен во подрумот на една стоковна куќа, командантот беше заробен. Тој им забрани и на своите офицери да се самоубијат, затоа што требаше да ја делат судбината на обичните војници. Германските трупи капитулираа. Во меѓувреме е поделен и „котелот“ - на северен и јужен. На крајот на јануари се предадоа германските војници на југот, а на 2 февруари и оние на северот. Војниците се заробени од страна на руските сили. Кога тоа го слушна, Хитлер побесне.

Неверојатно крвопролевање

Биланс на битката: повеќе од половина милион загинати на советска страна, меѓу нив и голем број цивили. Сталин долго спречуваше евакуација на цивилното население. Црвената армија не се обѕираше ниту на сопственото население. Веќе првите денови од битката, во воздушни напади загинаа повеќе од 40.000 луѓе. Од околу 75.000 жители на градот кои останаа до крајот на битката, од глад или студ починаа многумина. На германска страна проценките се различни и се движат од 150.000 до 200.000 загинати. Од околу 100.000 Германци кои беа во советско заробеништво, до 1956 година во Германија се вратија само околу 6.000, меѓу нив и Паулус.

Zweiter Weltkrieg Schlacht um Stalingrad (picture-alliance/AP Photo)

Заробени германски војници пред Сталинград (архива, 1943 година)

За Вермахтот битката за Сталинград не беше ниту со најголеми загуби ниту најважна, но нејзиното „психолошко значење е огромно и во тој поглед и одлучувачко за војната“, нагласува историчарот Јохен Хелбек од Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси, САД. Така е, меѓу другото, и „затоа што битката од почеток од двете страни беше декларирана како одлучувачка“, вели Хелбек. Тој на интернет страницата „facing Stalingrad“ има собрано изјави на германски и руски ветерани од Сталинград и вели дека Црвената армија по битката сакала на целиот свет да му покаже дека „ја победила најдобрата армија на светот“.

Сталинград, кој во 1960 година беше преименуван во Волгоград, и денес е полн со сеќавања на битката. Музејот Сталинград има изложба која е една од најпосетените во Русија. Колкави се последиците од битката до денес, покажува судирот во Русија околу британската комедија „Смртта на Сталин“. Врз диктаторот се фрла вината за смртта на милиони граѓани на СССР. Но, тој е и олицетворение на победата над нацистичка Германија. Министерот за култура Владимир Медински го забрани прикажувањето на филмот во руските кина со образложение дека „многу луѓе (...) ќе го сметаат за навредливо потсмевање со советското минато“. Според Медински, особено е неодмерено филмот да се прикажува во предвечерјето на одбележувањето на битката за Сталинград, на 2 февруари.

Sowjetunion Deutschland 2. Weltkrieg Schlacht um Stalingrad Rote Armee (AFP/Getty Images)

Војници на Црвената армија за време на битката за Сталинград (архива, 1942 година)

Сѐ уште нема подготвеност за „Верден“-гест

Дали по 75 години има помирување? На мало - да. Повеќе од 700.000 луѓе - војници и цивили - загинаа во борбите. При градежни работи во градот и околината сѐ уште се наоѓаат тела и цели масовни гробници. Се разбира, и тела на германски војници. Благодарение на соработката меѓу Здружението за германски воени гробишта и руските власти, посмртните останки се префрлаат на официјални воени гробишта, како Росошка. Тука се погребани војници на германскиот Вермахт и на Црвената армија. Тие се одделени со улица, но сепак се на заеднички гробишта.

Гледај видео 01:05

Годишнина од битката за Сталинград

Но, долг е патот до гест на помирување, како што беше ракувањето на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол со францускиот претседател Франсоа Митеран во 1984 година на поранешните борбени полиња кај Верден. Историчарот Хелбек смета дека за такво нешто двете страни сѐ уште не се подготвени. Русија има задршки, но и во Германија „нема подготвеност и чувство какво што има кон западните соседи - Французите, Британците или Американците“. Сепак, Хелбек се надева дека ќе доживее „еден германски државник и еден руски претседател да си подадат рака над гробовите од Сталинград“.

Аудио и видео прилози на оваа тема

Поврзана содржина

Реклама