Срце „создадено″ од тенко црево | Наука | DW | 23.08.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Наука

Срце „создадено" од тенко црево

Научници од Хановер на една пациентка и´ го спасија животот, така што дел од нејзиното го срце заменија со дел од тенкото црево. Таквиот вид на трансплантација се врши ретко, дотолку повеќе што истражувањата се во тек.

Трансплантација на срце не е секогаш можна

Трансплантација на срце не е секогаш можна

Откривањето рак е шок за секого. Така било и во случајот на 40-годишната Холанѓанка. Малигниот тумор веќе се имал проширено и тоа на комплицирани места. Затоа таа била испратена кај професорот Аксел Хаверих во Хановер. Хаверих е на чело на Клиниката за срце и трансплантација:

„Кај оваа пациентка беше специфично што туморот се простираше и на левата преткомора на срцето, но и на коренот на десното белодробно крило. Во Холандија проценија дека операција е невозможна и жената дошла во Хановер, барајќи последна сламка спас", раскажува Хаверих.

Тенкото црево како замена за слојот зафатен од тумор

Трансплантацијата не доаѓала предвид, бидејќи таа не се практикува кај пациенти со рак. Затоа професорот Хаверих се одлучил за сосема нов метод: го отстранил слојот на срцето зафатен со туморот и веднаш го заменил со дел од тенкото црево на пациентката. Во текот на зафатот таа била префрлена на вештачки бели дробови:

Herzchirurg Axel Haverich ARCHIV

Професорот Аксел Хаверих ја изврши сложената операција на срце

„Тенкото црево го отстранивме со сите крвни садови што му припаѓаат и беше долго вкупно петнаесетина сантиметри. Тенкото црево е погодно бидејќи содржи садови кои ги поврзуваме со крвотокот на пациентот, како кај бајпас. Така добиваме функционални имплантати“, вели Хаверих.

Хирургот го пришил ѕидот на цревото за срцето точно на местото каде што бил отстранетиот слој на десната преткомора. Тоа што следувало била поезија на хирургијата - на ултразвукот можело убаво да се следи како делот на цревото ја презема функцијата на пулсирачкиот срцев ѕид.

„По само три седмици почнаа контракциите на овој дел на цревото. По шест седмици овој дел функционираше речиси нормално и синхронизирано со отчукувањата на срцето на пациентката.“

Успешни истражувања врз животни

Научниците знаеле дека зафатот можел да успее по долгогодишните истражувања на глувците, а подоцна и на свињите и овците. Сепак, се´ уште сосема не е познато од каде и како се развиваат срцевите клетки. За да се пронајде одговор на тоа прашање, примероци од животни се испратени во институтот „Макс Планк“ за срце и бели дробови, кај Бад Наухајм.

„Пронајдовме два различни облици на срцевите клетки. Некои се ембрионални видови на матични клетки и настануваат во самото ткиво на цревото, а другите се градат во непосредната близина на крвните садови. Веруваме дека одредени делови на срцевите клетки се градат од двата вида на овие клетки“, вели Хаверих.

Herz wird für Transplantation vorbereitet

Потребите за срце како орган за трансплантација се големи

Се´ уште не е познато од каде и како матичните клетки добиваат сигнал дека треба да извршат метаморфоза. Оваа постапка примарно не е развивана за заболените од тумор, туку за деца кои имаат срцеви проблеми. Сепак, засега се´ уште ниту едно дете не било подложено на ваков зафат. Во Европа годишно се раѓаат околу 1.000 бебиња со срцева мана, многу умираат рано бидејќи нема доволно органи за трансплантација. Новиот метод би можел да помогне:

„Примарна цел ни´ беше зафатот да го примениме на деца кои имаат вродена мана, доаѓаат на свет на пример само со една срцева комора или преткомора. Со ова би обезбедиле олеснување, можеби и потполно излекување”, заклучува доктор Хаверих.

Тој верува дека операциите на деца ќе се изведуваат наскоро. Најпрво зафатот ќе биде изведен кога за детето нема веќе други можности за лекување. Таков случај е и пациентката од Холандија - без операција сигурно ќе починела. Од неодамна, мајката на четири деца е повторно со своето семејство, а во неа бие срце настанато од тенкото црево.

Автор: Михаел Енгел / Светлана Брик

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска